132/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одр`ана на 2 октомври 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 17 став 3 и 4 од Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2000 и 37/2002).

2. Д-р Мирољуб Шукаров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 17 ставовите 3 и 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби на член 10 став 1и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за банките од мај 2002 година, со кои се менува членот 17 од Законот за банките, се допуштало спротивно на со закон утврдените финансиски активности што може да ги врши банката, да се наведуваат и со одлука на Народната банка на Република Македонија, со што на Народната банка и се давало овластување односно дискреционо право, спротивно на закон, со подзаконски пропис да определува кои финансиски активности може, а кои не смее да ги врши банката како финансиска организација односно трговско друштво, со што се повредувал уставниот принцип дека во Република Македонија слободно е со што со Уставот и законот не е забрането и се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, што не било во согласност со член 8 став 2 и член 55 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 1 од Законот за банките, банката е должна да ги исполни условите од привремената дозвола во рок од шест месеци од издавањето на привремената дозвола, за што поднесува писмени докази до Народната банка, а според ставот 2 од овој член, врз основа на оцената на усогласеноста на банката со условите содржани во привремената дозвола, гувернерот на Народната банка донесува одлука за издавање дозвола за основање и работење на банка.
Со став 3 на овој член од Законот се уредува дека, во одлуката од став 2 на овој член се наведуваат финансиските активности што може да ги врши банката, а според став 4 од овој член, банката не смее да врши финансиски активности кои не се наведени во одлуката од став 2 на овој член.

Според став 5 од овој член на Законот, доколку банката не ги исполни условите од привремената дозвола во рок од шест месеци, гувернерот на Народната банка донесува одлука со која привремената дозвола престанува да важи, а според ставот 6 од овој член на Законот, против одлуките од ставовите 2 и 5 на овој член може да се поднесе жалба во рок од осум дена од денот на нивниот прием. По жалбата одлучува Советот на Народната банка, без учество на гувернерот и заменикот на гувернерот на Народната банка.

4. Според член 8 став 2 од Уставот, во Република Македонија слободно е со што со Уставот и законот не е забрането.

Со член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според ставот 2 од овој член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Според ставот 3 на овој член од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 60 став 1 од Уставот, Народната банка на Република Македонија е емисиона банка, според ставот 2 од овој член, Народната банка е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство, а според ставот 3 на овој член од Уставот, организацијата и работата на Народната банка се уредуваат со закон.

Со Законот за банките се уредува основањето, работе-њето, супервизијата и престанокот на работењето на банките. Во овој закон, меѓу другото, се определува значењето на терминот “банкарски работи” под кој се подразбираат следните финансиски активности: прибирање на депозит, пласирање на прибраните депозити во кредити или други инвестиции за сметка на банката или други активности кои со закон се дадени да ги вршат исклучиво банки (член 2 точка 3 од Законот). Според член 3 став 1 од Законот, банката се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија која добила дозвола од Народната банка на Република Македонија да извршува банкарски работи.

Финансиските активности што може да ги врши банката како финансиска организација, односно трговско друштво, се конкретно утврдени со членовите 45 и 46 од Законот и се во зависност од висината на капиталот на банката (банка основана со капитал од 3.500.000 евра и банка основана со капитал од 9.000.000 евра).

Тргнувајќи од анализа на содржината на наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека банката е правно лице чие основање и работа се уредува со закон, дека Народната банка на Република Македонија има посебно место и улога утврдено со Уставот и со закон и дека за основање и работење на банката е задолжителна дозвола од Народната банка. Понатаму, дека банката може да ги врши финансиските активности утврдени само со закон и дека одлуката за основање на банка ја донесуваат акционерите на банката по добивањето на одлуката од Народната банка за оцена на исполнетоста на условите од привремената дозвола.

Врз основа на наведеното, според мислењето на Судот, наведувањето на финансиските активности што може и што не смее да ги врши банката во одлуката за издавање дозвола за основање и работење на банка, што е и содржина на оспорените одредби, поместени во главата за основање на банка, не значи утврдување на услови надвор од законските рамки и не претставува овластување на Народната банка со подзаконски пропис да ги определува финансиските активности што можат и тие што не смеат да ги вршат банките, туку овластување на Народната банка за примена на законската одредба за основање на конкретна банка, односно наведување на финансиските активности што може или не смее да ги врши банката при оценување на исполнетоста на условите од привремената дозвола, што како поединечен управен акт го донесува гувернерот на Народната банка и со тоа не се повредува уставниот принцип дека во Република Македонија слободно е со што со Уставот и законот не е забрането, ниту, пак, се ограничува слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, поради што, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 17 став 3 и 4 од Законот за банките со напред наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.132/2002
2 октомври 2002 година
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов