132/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеја 2 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставнит суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 ноември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на одредбата од член 18 став 2 од Правилникот за времето и начинот на упатување на регрутите на отслужување на воениот рок, одлагањето и прекинот на служењето на воениот рок и отпуштањето на војниците од постојаниот состав на Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92 и 16/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стамен Филипов од Скопје, му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на членот 18 став 2 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, во која наведува дека со оспорената одредба од Правилникот била уредена материја која можела да се уреди единствено со закон, а не и со подзаконски акт, со оглед на тоа што со оваа одредба се востановувале права и обврски за граѓаните кои што не биле предвидени со Законот за одбрана. Предлагачот смета дека оспорената одредба не е во согласност со членот 96 од Уставот на Република Македонија, членот 64 од Законот за одбрана и членовите 161 став 1 и 164 од Законот за органите на управата, поради што предлага Судот да поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на наведената одредба и истата да ја укине или поништи.

3. На седницата Судот утврди дека со решение У.бр.153/95 од 1 јуни 1995 година не повел постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за времето и начинот на упатување на регрутите на отслужување на воениот рок, одлагањето и прекинот на служењето на воениот рок и отпуштањето на војниците од постојаниот состав на Армијата на Република Македонија. При одлучувањето по овој предмет Судот ја ценел уставноста и законитоста на Правилникот во целост, а особено во поглед на одредбите од член 5 точка 5, член 6 став 3, член 10 и член 18 став 2, бидејќи, според наводите во иницијативата, со овие одредби се утврдувале права и обврски за граѓаните, односно се уредувале односи кои можеле да бидат уредени само со закон, а не и со правилник. Во овој предмет Судот оценил дека министерот за одбрана има законско овластување за донесување на оспорениот Правилник и дека во Законот за одбрана се содржани основи за уредување на односите што се предмет на уредување на Правилникот, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за одбрана.

4. Со оглед на тоа што оспорената одредба од Правилникот била предмет на оценување пред овој Суд, односно за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување по повод оваа иницијатива, Судот, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.132/97)