У.бр.13/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 10 мај 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 368-г во делот

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата на членот од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот со иницијативата, го оспорува членот 368-г во делот: „Законот за малолетничка правда” од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ брoj 54/2007, 84/2007, 86/2008, 98/2008, 64/2009, 161/2009, 36/2011, 51/2011, 114/2012 и 27/2014), бидејќи оспорениот дел упатувал на примена на пропис кој на ден 01.12.2013 година, а со отпочнување на примена на Законот за правда на децата („Службен весник на Република Македонија“ брoj 148/2012), престанал да важи, поради што понатамошното опстојување на оспорениот дел на членот во Законот, било спротивно на принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот, на седницата утврди дека според членот 368-г од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кога униформираниот полициски службеник ќе утврди дека е сторен прекршок од страна на постар малолетник, ќе се постапи согласно со Законот за малолетничка правда (оспорен дел).

Судот, исто така утврди и дека членот од Законот во кој е содржан оспорениот дел, не е повеќе во правниот поредок.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува членот 368-г во делот: „Законот за малолетничка правда” од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ брoj 54/2007, 84/2007, 86/2008, 98/2008, 64/2009, 161/2009, 36/2011, 51/2011, 114/2012 и 27/2014), бидејќи упатувал на пропис кој повеќе не е во правниот поредок.

Во текот на претходната постапка, Судот утврди дека уште пред поднесување на иницијативата (20 февруари 2017 година), Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ брoj 54/2007, 84/2007, 86/2008, 98/2008, 64/2009, 161/2009, 36/2011, 51/2011, 114/2012 и 27/2014), престанал да важи (освен дел од неговите членови, меѓу кои и членот 368-г) со донесување на нов закон, а по поднесувањето на иницијативата, Судот утврди дека и членот 368-г од Законот, во кој е содржан оспорениот дел, исто така престанал да важи.

Новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ брoj 169/2015 и 55/2016), е донесен во текот на 2015 година, а со член 413 (преодни и завршни одредби) од овој закон, е определено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (,,Службен весник на Република Македонија“ број 54/2007, 84/2007, 86/2008, 98/2008, 64/2009, 161/2009, 36/2011, 51/2011, 114/2012 и 27/2014), освен одредбите од членовите 235, 236, 237, 288, 368-а, 368-б, 368-в, 368-г и 368-д, кои ќе престанат да важат со започнување на примената на членовите 272, 275, 276 и 301 од овој закон.

Според член 414 од новиот закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, освен одредбите од членовите 272, 275, 276 и 301 од овој закон кои ќе започнат да се применуваат од 8 април 2017 година.

5. Имајќи предвид дека примената на членот 368-г од Законот, во кој е содржан оспорениот дел: „Законот за малолетничка правда”, на 8 април 2017 година, престанала да важи, односно истиот не е повеќе во правниот поредок, Судот утврди дека настапени се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата, поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.13/2017
10 мај 2017 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски