У.бр.13/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 15 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 267 став 1 од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” број 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, со оспорената законска одредба доверителот бил ставен во повластена положба во однос на должникот, кој бил должен на доверителот да му плати затезна камата без оглед дали поради должниковото задоцнување тој претрпел штета или не и без оглед колкава била стварната висина на таа штета. Истовремено со ниту една одредба од Законот за облигационите односи или некој друг закон, должникот не бил заштитен во однос на тоа колкава можел да биде најголемиот вкупен износ на таа затезна камата и за кој најдолг временски период можело да му се пресметува, што биле вообичаени правни норми прифатени кај цивилизираните народи.

На овој начин должникот бил ставен во нерамноправна положба, а доверителот во повластена положба од кои причини подносителот на иницијативата бара оспорената одредба од Законот да се цени во однос на член 8 став 1 алинеите 1, 3, 6, 8 и 11, член 9 став 2, член 55 став 2 од Уставот, а бидејќи оспорената одредба од Законот предвидувала должникот да му плати на доверителот без оглед дали доверителот претрпел штета поради доцнењето на должникот, подносителот бара оспорената доредба да се цени и во однос на одредбите од член 6, 7 и 8 став 1 од самиот Закон за облигациони односи.

Во прилог на иницијативата подносителот доставува копија од натпис од дневен весник со наслов “Граѓаните во паника” – извршители тропаат на врата за сметки од минатиот век, коментирајќи го содржаното дека граѓаните биле крајно револтирани бидејќи за стари долгови се барала исплата на долгот со камата која била повеќе пати поголема од основниот долг.

Подносителот бара, Уставниот суд да утврди дека правото на доверителот да бара присилно извршување на плаќањето од страна на должникот, е воспоставено за да доверителот го наплати долгот и да ја надомести евентуалната штета предизвикана со задоцнето плаќање, а не за да доверителот со помош на тоа право заработи многу пати поголем износ од колку што бил долгот кој го побарувал.

Понатаму, подносителот бара, овој суд да утврди дека во членовите 360-367 од Законот, се предвидени рокови во кои застарува правото доверителот да бара присилна наплата и дека тие рокови изнесуваат една до пет години од денот кога доверителот имал право за прв пат да бара исполнување на обврската. Исто така подносителот бара, Уставниот суд да утврди дека според член 368 од Законот за облигационите односи, сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, застаруваат за десета години.

Поради оспорената законска одредба, односно поради можноста доверителот да заработи многу повеќе со наплата на затезна камата отколку што е неговото основно побарување за кое било востановено правото, доверителот бил стимулиран да врши злоупотреба на правото, односно што подоцна да достави барање до судската власт за да донесе пресуда, како и стимулиран што подоцна да бара да се изврши пресудата, откако таа ќе била донесена.

Во поткрепа на иницијативата, подносителот наведува дека и пред нашата ера од атинските правници се водело борба против преголемите долгови, кои можеле да доведат до економско и морално уништување на општеството и колку смеела најмногу да изнесува каматата во Стариот Рим.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 267 став 1 од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” број 18/2001), е уредено дека доверителот има право на затезна камата без оглед на тоа дали претрпел некаква штета поради должниковото задоцнување.

Судот исто така утврди дека со иницијативата се оспорува член од Законот кој со подоцнежни измени и дополнувања на Законот “Службен весник на Република Македонија” број, 4/2002, “Службен весник на Република Македонија” број 5/2003, “Службен весник на Република Македонија” број 84/2008, “Службен весник на Република Македонија” број 81/2009 и “Службен весник на Република Македонија” број 161/2009), е со изменета содржина.

4. Согласно членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Подносителот на иницијативата го оспорува член 267 став 1 од Законот за облигационите односи кој е содржан во Дел III. Затезна камата од основниот текст на Законот од 2001 година, и бара тој да се цени во однос на повеќе одредби од Уставот и во однос на одредби од Законот за облигационите односи, бидејќи смета дека оспорената законска одредба не била во согласност со Уставот и Законот.

Законот за облигационите односи кој е донесен во 2001 година, повеќе пати претрпел измени и дополнувања, а последната е извршена во декември 2009 година.

Оспорената одредба од член 267 став 1 од Законот уредувал: “Доверителот има право на затезна камата без оглед на тоа дали претрпел некаква штета поради должниковото задоцнување.”

Делот III. од Законот, уште пред поднесувањето на иницијативата, два пати претрпува измени и дополнувања. Така со Законите за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи, “Службен весник на Република Македонија” број 84/2008 и “Службен весник на Република Македонија” број 161/2009, во насловот на Делот III. и во оспорениот член 267, зборот “затезна“ се заменува со зборот “казнена“ камата. Измени и дополнувања претрпуваат и членовите 266, 266-а, 266-б од Законот, кои уредуваат “кога се должи казнена камата”, “висина на стапката на казнената камата”, “стапка на казнена камата за другите видови на облигациони односи”, а Законот е дополнет и со нов член 266-в кој се однесува на “начин на пресметка на казнената камата”, а и со член 268-а според кој правилата од овој закон кои се однесуваат на казнената камата ќе се применуваат на сите должничко-доверителски односи, освен ако за некои од нив поинаку не е определено со друг закон.

Законодавецот со цитираните измени и дополнувања на Законот за облигационите односи, со оспорената одредба од член 267 став 1 од Законот предвидел право на доверителот наместо “затезна”, на “казнена” камата во случај на должниково доцнење без оглед на тоа дали претрпел некаква штета од доцнењето, од причини што со секое задоцнето плаќање, од долгуваниот паричен износ кој се наоѓа кај должникот, истиот може да остварува некаков вид на профит (да ги вложи на некој корисен начин, да ги позајми со камата и слично).

Во конкретниов случај со иницијативата се оспорува одредба од член од Законот, која со подоцнежни измени и дополнувања на Законот, е изменета, како и целината на Дел III. од Законот во кој таа е содржана, а кои измени и дополнувања подносителот на иницијативата не ги имал предвид, со кои на прецизен начин целосно се уредени основот, висината и начинот на определувањето на ова право, а пред се заради заштита на договорните страни.

Со оглед дека оспорената одредба од член 267 став 1 од Законот, претрпела измени, односно зборот “затезна” се заменува со зборот “казнена”, вклучително и Делот III. од Законот, чии одредби во таа смисла се изменети и дополнети во функција на уредување на основот, висината и начинот на определувањето на востановеното право “казнена” камата, а кои се од влијание по однос на изменетиот член 267 став 1 од Законот, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што се исполнети процесните претпоставки од член 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

По однос барањето со иницијативата Судот да ја цени оспорената законска доредба и во однос на други одредби од самиот закон, согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува за согласноста на закон со закон или во конкретниов случај, за меѓусебната усогласеност на одредбите од ист закон, што е уште една причина за отфрлање на иницијативата.

5. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. Бр. 13/2014
15 октомври 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева