13/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 36 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2002, 60/2006 и 29/2007).

2. Александра Кардула од Крушево и Иван Штерјоски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, Александра Кардула, оспорениот член бил непрецизен, затоа што не била утврдена горната граница на коморскиот уписен влог и со тоа му се давала можност на Управниот одбор на Адвокатската комора висината на влогот да ја зголемува до неиздржливо ниво за граѓаните кои претендираат да се занимаваат со адвокатска дејност, со што се повредувале и ограничувале нивните права и се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 55 став 2 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата, Иван Штерјоски, со даденото законско овлстување на Управниот одбор на Адвокатската комора да ја определува висината на коморскиот уписен влог, без никакви ограничувања, спротивно на Уставот, Адвокатската комора се ставала во позиција да има можност да врши контрола и попречување на слободата на пазарот и претприемништвото, односно можност да влијае до пристапот за вршење на адвокатска дејност и со тоа да го ограничи и ексклузивира пристапот до финансиска добивка. Со тоа се создавала можност за попречување на слободниот пристап до работа, односно вработување предвиден со член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот. Освен тоа, Законот не содржел никакви правила и критериуми по кои ќе се утврдува коморскиот уписен влог и коморската членарина, па се поставувало прашањето која е гаранцијата дека Адвокатската комора нема да фаворизира одредени свои материјални интереси со определувањето на несразмерно високи уписни влогови, коморска членарина и коморски маркички, наместо со закон да се утврдат поприфатливи услови согласно со член 1 став 1 од Уставот. Сосема слободното и со ништо ограничено определување на висината на коморскиот уписен влог и членарина било неоправдано и од аспект на член 53 од Уставот, бидејќи ја надминувало неговата цел и суштина, а на Адвокатската комора и се овозможувало суверено и неограничено да го контролира пристапот до вршењето адвокатска дејност на оние кои ги исполнуваат законските услови за оваа дејност и се заинтересирани да започнат со обавување адвокатска дејност. Ваквото законско решение создавало нееднаквост, односно дискриминација меѓу граѓаните кандидати за адвокати по основ на нивната имотна состојба, бидејќи правната положба на адвокатите во овој случај ќе им била достапна само на онаа категорија граѓани кои имаат средства да го уплатат претерано високиот коморскиот уписен влог, а не и на оние кои немаат таква материјална можност.

Поради наведеното, со оспорената одредба се повредувале член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3, 7 и 8, член 32 ставовите 1 и 2, член 51, член 53 и член 54 став 1 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 36 од Законот за адвокатурата, висината на коморскиот уписен влог и на коморската членарина, ги утврдува со одлука Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија, и ги објавува во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што оспорениот член 36 од Законот за адвокатурата, во делот „ на коморскиот уписен влог“ бил предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, при што со Решение У. бр. 51/2003 не била поведена постапка за оцена на неговата уставност, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на оваа иницијатива.

Имено, според образложението на Решението на Судот, Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба, па оттука истата има право во рамките на Законот за адвокатурата да ги определи условите за вршење на дејноста адвокат, како и да го определи начинот на своето организирање и финансирање, со соодветна разработка во статутарните одредби за кои има основа во Законот. Имено, од содржината на член 35 точка 2 и оспорениот дел на член 36 од Законот произлегува дека коморскиот уписен влог е еден од изворите на приход на Комората, а Управниот одбор на Комората одлучува за неговата висина, што е во релација со самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба, согласно член 53 од Уставот.

Имајќи ги предвид причините и аргументите изнесени во оваа иницијатива за оценување на уставноста на целината на членот 36 од Законот за адвокатурата, Судот оцени дека истите не се од влијание за поинакво одлучување од она што веќе одлучил со Решението У.бр. 51/2003 од 13 септември 2006 година.

Покрај висината на коморскиот уписен влог, од истите причини се оспорува и правото на Управниот одбор на Адвокатската комора да ја утврдува и висината на коморската членарина, односно се оспорува целината на членот 36 од Законот, што според Судот, не е од влијание за поинакво одлучување по оваа иницијатива. Ова од причина што коморската членарина е исто така еден од изворите на приходи на Адвокатската комора на Република Македонија, утврден со член 35 точка 1 од Законот, исто како што е тоа случај со коморскиот уписен влог, поради што искажаниот став на Судот во однос на коморскиот уписен влог, во целост се однесува и на коморската членарина, односно правото на Управниот одбор на Комората да одлучува за висината на коморскиот уписен влог и за висината на коморската членарина, е во релација со самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба, согласно член 53 од Уставот.

Притоа, Судот имаше предвид дека членот 36 од Законот бил повторно предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, меѓутоа со Решение У. бр.122/2005 година и Решение У. бр. 31/2007, Уставниот суд ги отфрлил иницијативите за оцена на неговата уставност поради тоа што за истата работа веќе одлучувал, а не постоеле основи за поинакво одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.13/2007
7 ноември 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски