131/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 јануари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 23 точка 19 од Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/1999, 86/1999, 8/2001, 21/2003, 19/2004, 33/2006, 101/2006, 114/2007, 103/2008, 114/2009 и 133/2009, 95/2010 и 102/2010).

2. М-р Доне Николовски од Скопје и Здружението за заштита на правата на меѓународни и меѓуопштински автобуски превозници „ЕУРО ТУРИНГ“од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива, со дополнување, за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, со оспорената одредба, според која се ослободува од данок на додадена вредност субјектот на пазарот кој врши дејност – меѓународен превоз на патници, без право на одбиток на претходниот данок, домашните даночни обврзници – субјектите на пазарот кои вршат дејност меѓународен превоз, биле ставени во нееднаква, понеповолна правна положба на пазарот на Република Македонија во однос на другите субјекти на пазарот кои вршат иста дејност (домашен превоз на патници, меѓународен превоз на добра односно на стоки, странски субјекти кои на пазарот во Република Македонија вршат дејност – меѓународен превоз на патници), на тој начин што не им се враќал ДДВ-то за извршените набавки заради вршење на дејноста. Последицата на тоа била домашните даночни обврзници – субјекти на пазарот кои вршат дејност – меѓународен превоз на патници, да имаат повисоки трошоци при вршењето на дејноста, а со тоа да имаат повисоки цени поради што биле неконкурентни во однос на другите такви субјекти. Тие остварувале загуби, кои загуби се пренесувале на државата, затоа што државата имала помал приход од оваа дејност по основ на данок на добивка и персонален данок на доход. Исто така, негативни последици имале и граѓаните. Тие плаќале повисоки цени за превоз на меѓународни релации и биле принудени помалку да патуваат во странство. Поради таквиот третман во Законот, субјектите на пазарот кои вршат дејност – меѓународен превоз на патници, принудени биле набавките во најголем дел да ги остваруваат во странство (репарирање и сервисирање на автобуси, набавка на гориво и мазиво, авто-гуми и слично), па дури и да основаат субјекти во странство за иста дејност и на иста меѓународна релација. Тоа пак, повратно влијаело на штета на Република Македонија, така што згаснувале производни капацитети за таа дејност (на пример ФАС „11 Октомври“), не се вршело репарирање, ремонт и сервисирање на транспортните средства во државата, туку се вршело во соседните држави со ангажирање на нивните капацитети и работна сила; се намалувал бројот на вработените; се одлевале девизни средства за таа намена, што на крајот се сведувало со остварување на помал бруто производ и додадена вредност на Република Македонија и помали приходи за Буџетот на Република Македонија по основ на данок на добивка и персонален данок на доход.

Поради наведеното, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинетите 3 и 7, член 51 и член 55 од Уставот, поради што се бара од Уставниот суд истата да ја поништи или укине како неуставна.

3. Судот на седницата утврди дека според член 23 точка 19 од Законот за данокот на додадена вредност, се ослободува од данок на додадена вредност меѓународниот превоз на патници.

4. Според член 8 алинеите 3 и 7 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а во став 2 на овој член меѓу другото е утврдено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Со Законот за данокот на додадена вредност се воведува данокот на додадена вредност и се уредува неговото пресметување и плаќање. Овој данок, како општ потрошувачки данок, се пресметува и плаќа во сите фази на производството и трговијата, како и во целокупниот услужен сектор, освен ако не е поинаку пропишано со овој закон (член 1).

Согласно член 2 на овој закон, предмет на оданочување со данокот на додадена вредност е прометот на добра и услуги кој се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност, како и увозот на добра.

Според член 9 став 1 од Законот, даночен обврзник е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност.

Даночна основа на данокот на додадена вредност, според член 16 став 1 од овој закон, е вкупниот износ на надоместокот што е добиен, или што треба да се добие за прометот, во кој не е вклучен данокот на додадена вредност.

Во Законот се утврдуваат случаите на даночни ослободувања, и тоа даночни ослободувања во земјата без право на одбиток на претходниот данок (член 23), даночни ослободувања во земјата со право на одбиток на претходниот данок (член 24) и даночни ослободувања при увозот (член 27). Со Законот се уредува и одбитокот на претходниот данок, и тоа условите за одбивка на претходниот данок (член 33 и член 34), како и исклучувањето на правото на одбиток на претходниот данок (член 35).

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, произлегува дека уставно право е на закодавецот со закон да ги утврдува даноците и другите јавни давачки, дека ова уставно право не е ограничено ниту во поглед на предметот на оданочување, ниту во поглед на субјектите и дека во рамките на остварувањето на ова уставно право законодавецот со Законот за данокот на додадена вредност не само што го вовел овој вид на данок, но го уредил и начинот на неговото пресметување и плаќање, со тоа што го утврдил предметот на оданочување, даночните обврзници, даночните стапки, ослободувањата и другите погодности, административните обврски на даночните обврзници, присилната наплата на данокот и др.

Со оспорениот член 23 алинеја 19 од Законот се определува дека меѓународниот превоз на патници се ослободува од данок на додадена вредност, без право на одбиток на претходниот данок. Наводите во иницијативата дека оваа одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 7, член 51 и член 55 став 2 од Уставот, затоа што со определбата да не им се враќа претходниот данок за извршените набавки заради вршење на дејноста, ги ставала во нееднаква, понеповолна правна положба на пазарот субјектите кои вршат меѓународен превоз на патници во однос на другите субјекти на пазарот кои вршат домашен превоз на патници, меѓународен превоз на добра односно на стоки, како и странски субјекти кои на пазарот во Република Македонија вршат дејност – меѓународен превоз на патници, кои имале право на одбиток на претходниот данок, Судот ги оцени како неосновани.

Според Судот, неспорно е уставното овластување на законодавецот да го воведува данокот на додадена вредност и истовремено да го уредува неговото пресметување и плаќање, што е во согласност со членот 33 од Уставот според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Во оваа смисла, со оспорената одредба (која е непроменета од донесувањето на Законот во 1999 година, и покрај многубројните измени и дополнувања на Законот), законодавецот определил дека меѓународниот превоз на патници се ослободува од данок на додадена вредност, без право на одбиток на претходниот данок. Понатаму, со член 35 точка 1 од Законот, се конкретизира дека даночниот обврзник нема право на одбиток на претходниот данок за набавки или увозот на добра и користењето услуги за цели на прометот: a) ослободен од данок според член 23 на овој закон или б) во странство кој би бил ослободен од данок според член 23 од овој закон, ако би се извршувал во земјата. Тоа значи дека во случај на меѓународен превоз на патници, даночниот обврзник се јавува во улога на краен потрошувач. Притоа, ова ослободување се однесува и на домашните и на странските субјекти кои вршат меѓународен превоз на патници низ територијата на Република Македонија, што значи дека за сите набавки или користени услуги кои се извршени на територијата на Република Македонија, како што се: сервисни услуги, набавка на резервни делови, гориво и слично, истите немаат право на враќање на данокот на додадена вредност.

Со наведената регулатива, според Судот, законодавецот сите субјекти на пазарот кои вршат дејност меѓународен превоз на патници во Република Македонија ги ставил во иста положба во однос на данокот на додадена вредност, односно овозможил субјектите на пазарот во иста правна ситуација да имаат исти даночни обврски, што е во согласност со уставната обврска на државата да обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Оценката, пак, за целисходноста на ваквото решение е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд кој е надлежен да ја оценува согласноста на законот со одредбите на Уставот, а не и да нормира односи, како што всушност произлегува од иницијативата преку барањето дејностите – меѓународен превоз на патници да се поистоветат со дејностите домашен превоз на патници или меѓународен превоз на добра односно на стоки, во однос на правото за одбиток на претходниот данок, како поцелисходно решение.

Поради наведеното, Судот оцени дека со оспорената одредба не се повредуваат начелото на владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, ниту пак се доведуваат во нееднаква правна положба субјектите на пазарот, како што се наведува во иницијативата, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 23 точка 19 од Законот со член 8 став 1 алинеите 3 и 7, член 51 и член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.131/2010
26 јануари 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски