130/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 4 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 58 став 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од членот 58 став 2 и членот 68 став 2 од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот дел од членот 58 став 2 од Законот бил неодржлив од уставно-правен аспект, особено по донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженијата на граѓани и фондациите. Ова од причина што со членот 4 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженијата на граѓани и фондациите се избришал ставот 3 од членот 43 од Законот, кој гласел: „Постапката за регистрација и престанок на здруженијата на граѓаните и фондациите се води според правилата на вонпроцесната постапка“. Со оглед на тоа што членот 43 став 3 од Законот бил избришан од страна на законодавецот, подносителот на иницијативата смета дека било неоправдано да постои оспорениот дел од членот 58 став 2 од Законот, бидејќи создавал конфузија, нејасност и непрецизност за целиот закон. Од овде, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот дел од одредбата не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 став 1 од Уставот.

Подносителот на иницијативата понатаму го цитира оспорениот член 68 став 2 од Законот и наведува дека, според него, оспорената одредба била неодржлива, затоа што основниот суд повеќе не водел регистар на здруженијата на странци, туку и тој посебен регистар се водел во Централниот регистар на Република Македонија, кое нешто произлегувало од одредбите на Законот за Централен регистар и Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговски регистар и регистар на други правни лица, што пак значело дека и оваа оспорена одредба не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на членот 58 став 2 од Законот, постапката пред основниот суд се води според правилата на процесната постапка, доколку со одредбите на овој закон поинаку не е определено.

Одредбата се оспорува во делот: „ доколку со одредбите на овој закон поинаку не е определено.“

Според оспорениот член 68 став 2 од Законот, за здруже-нијата на странци основниот суд води посебен регистар.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иниција-тивата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот предмет, подносителот на иницијативата, по однос на оспорениот дел: „доколку со одредбите на овој закон поинаку не е определено“ од членот 58 став 2 од Законот наведува дека бил неодржлив од уставно-правен аспект, особено по донесувањето на измената и дополнувањето на Законот, дека создавал конфузија, нејасност и непрецизност за целиот закон, затоа што во членот 43 став 3 била избришана одредбата што гласела „Постапката за регистрација и престанок на здруженијата на граѓаните и фонда-циите се води според правилата на вонпроцесната постапка“. По однос, пак на оспорениот член 68 став 2 од Законот се наведува дека бил неодржлив, затоа што основниот суд повеќе не водел регистар на здруженијата на странци, туку и тој посебен регистар се водел во Централниот регистар на Република Македонија, кое нешто произле-гувало од одредбите на Законот за Централен регистар и Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговски регистар и регистар на други правни лица.

Од увидот во текстот на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженијата на граѓани и фондациите, кој влегол во сила на 17 март 2007 година, Судот утврди дека оспорениот дел од членот 58 став 2 како и членот 68 став 2 од Законот не биле предмет на измени и дополнувања, но и тоа дека основниот текст на Законот претрпел измени и дополнувања во правец на воспоставување и преминување на регистарот на здруже-нија на граѓани и фондации и регистар на здруженијата на странците од основните судови во Централниот регистар. Неспорно е, исто така, дека во таа насока, претходно, се донесени и Законот за Централен регистар (влегол во сила на 10 јули 2001 година) и Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговски регистар и регистар на други правни лица (влегол во сила на 11 октомври 2005 година).

Тргнувајќи од вака утврдената фактичка состојба, произлегува дека изнесените наводи преставуваат само констатација на неспорни факти и по својот карактер не претставуваат јасно и недвосмилено изразени причини кои би можеле да послужат како појдовна основа за впуштање во мериторна оцена на уставноста на тие одредби, од каде наводите во иницијативата се сведуваат на барање за оценување на меѓусебната согласност на одредби од ист закон (за првооспорената одредба), односно за оценување на меѓусе-бната согласност помеѓу два и повеќе закони (за второоспорената одредба). Од друга страна, неспорно е дека од страна на законо-давецот е направено пропуштање (случајно или намерно) на ист начин да ги уреди сите одредби од Законот кога го правел изменувањето и дополнувањето, но во иницијативата недостасува елаборација зошто поради таквото пропуштање се повредуваат одредбите од Уставот што, според Судот, се сведуваат на барање за меѓусебна оцена на одредбите од ист закон, односно од два и повеќе различни закони, што согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не спаѓа во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија. Поради тоа, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.130/2009
4 ноември 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски