130/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 69 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 25 ноември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 102 став 1 точките 3 и 5 и член 135 од Правилникот за работните односи на Службата за општествено книговодство во Република Македонија – Филијала во Титов Велес, донесен на 27 април 1987 година.
2. Пане камчев од Неготино на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбите од Правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во член 102 став 1 точките 3 и 15 од Правилникот како потешка повреда на работната должност биле предвидени злоупотребата на положбата или пречекорување на овластувањата и недозволено располагање со општествените средства, без поблиску да се определат околностите и условите под кои тие повреди биле сторени, а во член 135 било предвидено против првостепените дисциплински одлуки да одлучува директорот на филијалата, а не Советот на Службата што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во член 102 став 1 точките 3 и 15 од Правилникот како потешки повреди на работната обврска се предвидени злоупотребата или пречекорувањето на овластувањата и недозволеното располагање со општествени средства. Понатаму, во член 108 став 1 од Правилникот е предвидено дека мерката престанок на работниот однос може да се изрече за сите повреди на работната обврска со кои се пореметуваат односџите во вршењето на работите, се оневозможува или отежнува работата на другите работници или на друг начин се предизвикува пореметување на процесот на работата.
4. Според член 58 став 1 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, мерката престанок на работниот однос се изрекува, покрај другото, и за злоупотреба на положбата и даденото овластување иза незаконито располагање со средствата. Според став 2 на овој член од Законот, мерката престанок на работниот однос може да се изрече и за други потешки повреди на работната обврска утврдени со закон и со општ акт, а според став 3, пак, со општиот акт односно со колективниот договор поблиску се утврдуваат околностите и условите под кои повредите наведени во став 1 од овој член ќе се сметаат како потешка повреда на работната обврска, за кои се изрекува мерката престанок на работниот однос во согласност со природата на дејноста односно со природата на работата што ја врши работникот.
Од изнесените законски одредби произлегува дека со законот се востановуваат должностите и работните обврски за кои се изрекува мерката престанок на работниот однос. Исто така, е дадено овластување со општ акт да се утврдат и други потешки повреди на работните обврски за кои може да се изрече оваа мерка и обврска да се утврдат околностите и условите под кои повредите наведени во законот ќе се сметаат како потешка повреда на работните должности.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај со членот 108 од Правилникот се предвидува дисциплинска мерка престанок на работниот однос за потешка повреда на работните должности да се изрекува во случаите кога со повредата се нарушуваат односите во вршењето на работите, се оневозможува или отежнува работата на другите работници или на друг начин се предизвикува нарушување на процесот на работата, Судот оцени дека со тоа се утврдени околностите и условите за изрекнување мерка престанок на работниот однос, поради што, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Законот.
5. Судот, на седницата, исто така, утврди дека според член 135 од Правилникот против Одлуката на Дисциплинската комисија со која е изречена мерка за повреда на работните обврски работникот може да изјави жалба до второстепената дисциплинска комисија во рок од 15 дена од денот на доставувањето на одлуката.
Според член 65 од Законот за Службата на Општествено книговодство (“Службен весник на СРМ” бр.44/85 и 24/86) мерките за повреда на работната должност на раководните работници што ги именува Советот на Службата ги изрекува дисциплинска комисија што ја формира Советот на Службата, а мерките за повреда на работната должност за другите работници ги изрекува дисциплинска комисија на работната заедница во организационата единица од редот на работниците. Против одлуката на дисциплинската комисија може да се изјави жалба во рок утврден со општиот акт. По жалбата против одлуката на дисциплинската комисија на советот на Службата одлучува Советот на Службата, а по жалбата против одлуката на дисциплинската комисија на организационата единица одлучува второстепената комисија формирана од советот на Службата. Составот и начинот на работата на дисциплинските комисии се уредува со статутот на Службата.
Од изнесените законски одредби произлегува дека со статутот и со општиот акт се утврдува составот на дисциплинската комисија и рокот во кој може да се изјави жалба против одлуката на првостепената дисциплинска комисија.
Со оглед на тоа што со член 135 од Правилникот не се исклучува правото на жалба и се определува рокот за поднесување на жалбата до второстепената дисциплинска комисија, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со означените законски одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.