У.бр.129/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 февруари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на
– член 9, во делот: „и подзаконските прописи кои произлегуваат, односно се донесени врз основа на овие закони“;
– член 13 став 2, во делот: „и подзаконските прописи кои произлегуваат, односно се донесени врз основа на закон“;
– член 28 во делот: „и подзаконски прописи“;
– член 51, во делот: „и подзаконски прописи“;
– член 61 во делот: „и подзаконски прописи донесени врз основа на нив“;
– член 63, во делот: „и подзаконски прописи“;
– член 70 став 3, во делот: „и подзаконските прописи и акти кои се донесени врз основа на овие закони“;
– член 72 став 2, во делот: „и подзаконските прописи и акти кои се донесени врз основа на овие закони“;
– член 89, во делот: „и подзаконските прописи и акти кои се донесени врз основа на овие акти“;
– член 94, во делот: „и подзаконските прописи и акти донесени врз основа на овој закон“;
– член 95 став 2, во делот: „и подзаконски пропис“;
– член 107, во делот: „и подзаконските прописи кои се донесени врз основа на нив“,
– член 110 во делот: „и подзаконските прописи кои се донесени врз нивна основа“;
– член 111 став 3, во делот: „и подзаконските прописи кои се донесени врз основа на нив“;
– член 129, во делот: „и подзаконски прописи кои се донесени врз нивна основа“ и
– член 130, во делот: „и подзаконските прописи кои се донесени врз основа на нив“, сите од Колективниот договор на Министерството за одбрана, („Службен весник на Република Македонија“ бр.108/2013).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата сите 16 наведени оспорени делови од Колективниот договор на Министерството за одбрана, не биле согласни, односно истите биле во спротивност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 став 2, член 32 став 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија, член 1 став 2 и член 12 ставовите 2, 3 и 4 од Законот за работните односи.

Имено, согласно членот 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор. Од оваа уставна одредба произлегувало дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба било препуштено да се уредат со закон и со колективен договор, а не со подзаконските прописи и актите донесени врз основа на закон, како што тоа било уредено со оспорените делови од предметниот Колективен договор. Тој факт бил поткрепен и со општата одредба на член 1 став 2 од Законот за работните односи, според која работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување, што значи не со подзаконските прописи и актите донесени врз основа на закон.

Според член 129 од Колективниот договор на Министерството за одбрана, на работникот му престанувал работниот однос под услови, на начин и во постапка пропишани во Законот за работните односи, Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Законот за државните службеници, Законот за јавните службеници и подзаконски прописи кои се донесени врз нивна основа. Меѓутоа, согласно член 3 став 2 од Законот за работните односи, работниот однос можел да престане само на начин и под услови утврдени со закон и колективен договор, а не на начин и под услови утврдени во подзаконски прописи кои биле донесени врз основа на закон, како што се пропишувало со оспорените делови од одредбите на Колективниот договор.

3. Судот на седницата утврди дека според член 9 од Колективниот договор условите, начинот и постапката за засновање на работен однос во Министерството, начинот и постапката за избор на лица кои засноваат работен однос, склучувањето на договор за вработување, правата, обврските и одговорностите што произлегуваат од работниот однос на работниците во Министерството, содржината на договорот за вработување и други прашања од работните односи или во врска со работните односи се пропишани и се остваруваат во согласност со соодветните закони и подзаконски прописи кои произлегуваат, односно се донесени врз основа на овие закони.

Според член 13 став 2 од истиот акт, во текот на траењето на работниот однос, работникот може да биде распореден на друго работно место различно од местото на кое претходно работел по негово барање или по потреба на Министерството, под услови и на начин утврдени со закон и подзаконските прописи кои произлегуваат, односно се донесени врз основа на закон.

Во член 28 од Колективниот договор се предвидува дека работникот има право на платен годишен одмор во текот на една календарска година во траење од најмалку 20, а најмногу 33 работни дена, под услови, на начин и во постапка утврдени со одредбите од соодветните закони и подзаконски прописи.

Согласно член 51 од истиот акт, на работникот му мирува работниот однос во случаите, под условите и на начин утврдени со соодветните закони, закон и подзаконски прописи.

Според член 61 од оспорениот акт, работникот има право и на други видови посебна заштита за случаите, под услови и на начин утврдени во соодветните закони и подзаконски прописи донесени врз основа на нив.

Во член 63 од овој акт, се предвидува дека работникот има право и на друг вид посебна заштита во согласност со закон и подзаконски прописи.

Согласно член 70 став 3 од Колективниот договор, на работникот во Министерството му се исплатува додаток на основната плата за вршење специфична воена служба, вршење служба со висок ризик, вршење трупна служба, додаток за посебен степен на образование и додаток за застапување, во согласност со одредбите од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Законот за државни службеници и подзаконските прописи и акти кои се донесени врз основа на овие закони.

Во член 72 став 2 од овој Колективен договор се предвидува дека пресметување и исплата на платата, додатоците на плата и другите надоместоци на работниците во Министерството се врши според висината, мерилата и критериумите и на начин утврдени во Законот за работни односи, Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Законот за државни службеници и подзаконските прописи и акти кои се донесени врз основа на овие закони.

Според член 89 од Колективниот договор во случај на смрт на работникот, се исплатува надоместок во согласност со Законот за работни односи, Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Законот за државни службеници и подзаконските прописи и акти кои се донесени врз основа на овие закони.

Согласно член 94 од оспорениот акт, на работникот му се исплатува надоместок за вршење служба на дежурство, стражарска служба и служба на посебни воени објекти и за време поминато на трупно патување и служба под посебни услови, под услови, на начин и во постапка утврдени во Законот за служба во Армијата на Република Македонија и подзаконските прописи и акти донесени врз основа на овој закон.

Во член 95 став 2 од Колективниот договор е предвидено дека на работникот во случај на повреда и оштетување на организмот, му се исплатува еднократен паричен надоместок во висина од една до десет просечни нето плати исплатени во Министерството за последниот месец пред настанување на повредата и оштетувањето на организмот, во согласност со закон и подзаконски пропис.

Според член 107 од оспорениот акт утврдување на материјална одговорност на работникот за причинетата штета се врши според критериуми, под услови, на начин и во постапка утврдени во Законот за работни односи, Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Законот за државните службеници, Законот за јавните службеници и подзаконските прописи кои се донесени врз основа на нив.

Согласно член 110 од Колективниот договор работникот кој е одговорен за штета може од оправдани причини да биде делумно или целосно ослободен од обврската да ја надомести штетата, под услови, на начин и во постапка утврдени во Законот за работни односи, Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Законот за државните службеници, Законот за јавните службеници и подзаконските прописи кои се донесени врз нивна основа.

Според член 111 став 3 од оспорениот акт образованието, школувањето, стручното оспособување и специјализација од став 1 на овој член се врши под услови, на начин и во постапка утврдени во Законот за работни односи, Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Законот за државните службеници, Законот за јавните службеници и подзаконските прописи кои се донесени врз основа на нив.

Согласно член 129 од Колективниот договор на работникот му престанува работниот однос под услови, на начин и во постапка пропишани во Законот за работни односи, Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Законот за државните службеници, Законот за јавните службеници и подзаконски прописи кои се донесени врз нивна основа.

Според член 130 од оспорениот акт, заради остварување на правата од работен однос, работникот има право на заштита на своите права до надлежни органи, на начин и во постапка пропишани во Законот за работни односи, Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Законот за државните службеници, Законот за јавните службеници и подзаконските прописи кои се донесени врз основа на нив.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Законот за работните односи, како lex generalis, ги уредува работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување и работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување (член 1).

Член 12 ставови 2, 3 и 4 од Законот за работните односи, предвидува дека со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон (став 2). Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон (став 3). Правата од работниот однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот (став 4).

Колективниот договор, кој е предмет на уставно-судска анализа е склучен помеѓу Министерството за одбрана и Синдикатот на одбраната и безбедноста, што значи истиот се однесува на вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.

Така, според член 1 од Колективниот договор се предвидува дека со него се уредуваат, односно доуредуваат правата и обврските од работен однос на работниците во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија од една страна, како и условите и начинот на остварување на правата и обврските од работните односи или во врска со работните односи.

Согласно член 3 од Колективниот договор, работник во смисла на овој Колективен договор е лице кое заснова работен однос на неопределено или определено работно време, со полно, со пократко од полното и со скратено работно време во Министерството или во Армијата.

Од анализата на наведените одредби јасно произлегува дека со оспорениот Колективен договор може да се предвидуваат одделни права кои за работниците се поповолни од правата што ги определува Законот за работните односи, како и Законот за служба во Армијата на Република Македонија (како lex specialis), Законот за државните службеници, Законот за одбрана.

Колективниот договор уредува повеќе работно-правни институти, а особено: засновање на работен однос, права на работниците и нивната положба, осигурување на работниците, плата, надоместоци на плата и други примања, информирање на работниците, материјална одговорност, односно надомест на штета, школување, стручно оспособување и усовршување и специјализација за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија и обврска за работа по нивното завршување, синдикатот, престанок на работен однос, заштита на правата на работниците и други прашања во врска со оваа проблематика.

Предвидените одредби во оспорениот Колективен договор се резултат на специфичниот карактер на видот на работата, поради што истите се уредени на начин кој е сосема прифатлив и поповолен за сите вработени во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, особено за воениот и цивилниот персонал вработен во неа, а кое е во согласност со Законот за работните односи( член 12 став 3).

Оспорениот член 9 од Колективниот договор е поместен во Глава Б) ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ, со наслов ЗАСНОВАЊЕ НА РАБОТЕН ОДНОС и поднаслов УСЛОВИ, НАЧИН И ПОСТАПКА ЗА ЗАСНОВАЊЕ НА РАБОТЕН ОДНОС. Оспорената формулација која е употребена во овој член, според Судот има пошироко значење и истата исклучиво се однесува на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија, а особено во постапката за засновање на работен однос со професионалните војници кои се примаат на служба во Армијата каде е неопходно да се применат и соодветни подзаконски прописи донесени од Министерот за одбрана врз основа на Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Оттука, примената на подзаконските прописи во постапката за прием на професионалните војници е со цел обезбедување на начелата на транспарентност, објективност, еднаквост ,поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата за негова несогласност со Уставот и наведените законски одредби.

Членот 13 од Колективниот договор го уредува институтот “распоредување” за времетраењето на работниот однос и ги утврдува условите за распоредување на работникот на друго работно место по барање на работникот или поради потребите на Министерството. Формулацијата распоредување во конкретниов случај Судот оцени дека се однесува на упатување на работа на активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата и на нивно преместување од едно на друго формациско место утврдено во Актот за формација на Армијата, согласно одредбите од Законот за служба во Армијата на Република Македонија., а се со цел почитување на потребата на службата.

Со иницијативата се оспорува и делот “и подзаконски прописи” од членот 28 од Колективниот договор, кој го утврдува правото на платен годишен одмор. Според Судот, ваквата формулација во член 28 е утврдена поради фактот што воениот и цивилниот персонал во служба на Армијата вршат специфична воена служба (летачи, воздухопловно технички персонал и сл), кои согласно подзаконските прописи и акти на министерот за одбрана остваруваат право на одмор и рекреација кое се користи заедно со правото на годишен одмор.

Прашањето за мирување на работниот однос кое се разработува во членот 51 од Колективниот договор, утврдува и можност и со подзаконски прописи да се регулира ова право од причина што при услови на упатување на специјална обука на цивилниот и воениот персонал на служба во Армијата,што е последица на спецификата на работа на овој кадар, е потребно мирување на работниот однос. Оттука, неопходно е постоење на ваква формулација во оспорениот член 51 од Колективниот договор и истиот не може да се доведе под сомнение ниту со Уставот ниту со одредбите на законите кои ја обработуваат оваа материја.

Членовите 61 и 63 од Колективниот договор го уредуваат правото на посебна заштита на работниците за случаите под услови и на начин утврдени во соодветните закони и подзаконски прописи донесени врз основа на нив. Специфичниот карактер на работата на овој тип на работници нужно бара донесување на подзаконски прописи со кои се предвидува посебна заштита на воениот и цивилниот персонал кој согласно Актот за формација на Армијата е поставен на специфични должности изложени на висок ризик, опасни по животот и здравјето, должности во специјалните единици и многу други воени должности, а за кои е потребна посебна заштита на персоналот кои ги врши овие работи и работни задачи.

Оспорените делови на член 70 став 3, член 72 став 2,член 89 , член 94 и член 95 став 2 од Колективниот договор се поместени во Главата IV, со наслов: ”Плата, надоместоци на плата и други примања”, и истите не може да се доведат под сомнение со уставните норми и законските одредби на кои упатува иницијативата. Ова, од причини како што и погоре беше укажано, специфичниот карактер на работата на овој персонал упатува на потребата за примена и на подзаконски акти за уредување на начинот, односно условите и критериумите за исплата на плата, додатокот на основната плата за вршење на специфична воена служба, надоместок за вршење служба на дежурство, стражарска служба и служба на посебни воени објекти. Исто така, спецификата на работата допушта и во согласност со закон и подзаконски пропис на работникот во случај на повреда и оштетување на организмот да му се исплатува еднократен паричен надоместок. Наведените предвидувања, ниту актите со кои истите се уредуваат не се во спротивност ниту со Уставот ниту пак со законските одредби.

Со иницијативата се оспоруваат и делови од член 107 и член 110 од Колективниот договор, кои се содржани во Глава VI, со наслов: ”Материјална одговорност, односно надомест на штета”. Со наведените членови се предвидува дека утврдувањето на материјалната одговорност на работникот за причинетата штета се врши според критериуми, услови, начин и постапка утврдени во Законот за работните односи, Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Законот за државните службеници, Законот за јавните службеници и подзаконските прописи кои се донесени врз основа на нив, како и за нивно ослободување од одговорност. Сето ова е поради специфичниот карактер на работењето поради што и Министерството за одбрана има донесено Упатство за начинот за утврдување на материјална одговорност на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија “бр.75/2012).

Во иницијативата, исто така се оспорува и дел од член 111 став 3 од Колективниот договор, и тоа: ”и подзаконски прописи кои се донесени врз основа на нив”. Од анализата на наведената одредба како и целината на Колективниот договор, според Судот и во конкретната одредба суштинско значење има повторно спецификата на дејноста која ја врши персоналот за што е неопходно нивно континуирано стручно усовршување на кое се упатуваат во земјата и во странство, односно за нивно усовршување и специјализација во високи воени школи и факултети за кое министерот за одбрана врз основа на член 212 став 3 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија каде се утврдува начинот на избор на кандидати за упатување, трошоци и други прашања во врска со школувањето, донесува подзаконски акт- Правилник за постапката за избор на кандидати кои се упатуваат на стручно оспособување и усовршување.

Членот 129 од Колективниот договор предвидува дека на работникот му престанува работниот однос под услови, на начин и во постапка пропишани во Законот за работни односи, Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Законот за државните службеници, Законот за јавните службеници и подзаконски прописи кои се донесени врз нивна основа.

Според Судот, цитираната одредба не може да се доведе под сомнение по однос на Уставот на Република Македонија и позитивните законски норми кои го уредуваат ова прашање, а пред се поради различноста на профилот на вработени во областа на одбраната и безбедноста, како и карактерот и доверливоста на начинот на работењето кое допушта и со подзаконски акт да се регулира ова мошне суптилно ,чувствително и истовремено суштинско прашање од работните односи.

По однос на оспорениот член 130 од Колективниот договор Судот оцени дека од содржината на истиот јасно произлегува дека вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија заштитата на своите права од работен однос ја остваруваат согласно законите кои децидно се наведени во оваа оспорена одредба. Што се однесува,пак, до формулацијата: ”и подзаконските прописи кои се донесени врз основа на нив”, според Судот истата особено се однесува на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија кој во постапката за заштита на своите права од работен однос постапува и согласно Правилата за служба во Армијата на Република Македонија ,поради што и егзистира ваквата формулација во оспорената одредба на членот 130 од Колективниот договор.

Тргнувајќи од наведената анализа на секој оспорен член одделно како и од целата содржина на Колективниот договор, Судот оцени дека основната цел на истиот е да утврди поголеми и поповолни права за вработените од основните права утврдени со Закон, а оспорените делови на наведените членови од Колективниот договор обезбедуваат остварување на веќе утврдените законски права и правата дадени во Колективниот договор. Подзаконските прописи имаат за цел да обезбедат комплементарност со Уставот, Закон и Колективниот договор при разработувањето на правата и обврските регулирани во нив.

Законот за служба во Армијата на Република Македонија содржи низа одредби кои упатуваат , односно даваат можност и обврска токму поради спецификата на воената служба и лицата кои ја вршат, одреден дел од прашањата уредени во овој закон да се доуредат и со подзаконски прописи, односно акти на министерот за одбрана, кое не е во спротивност со член 1 став 2 од Законот за работните односи.

Имајќи ја во вид напред наведената аргументација по однос на оспорените делови на членовите од Колективниот договор, според Судот истите не се во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 став 2, член 32 став 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија и со член 1 став 2, член 12 ставови 2, 3 и 4 од Законот за работните односи.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.129/2014
11 февруари 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева