129/2009-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 4 од Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” број 21/1998, 48/2000, 39/2003, 96/2004, 120/2005 и 13/2007).

2. Јелица Велеска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесe иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата, означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспоренaта одредба од Законот, се ограничувале правата на сопственост над гаражите и правата на пренамена на иститите кои биле на приземје од станбениот објект (зградата), со што се повредувал членот 30 од Уставот и било спротивно на член 83 од Законот за градење кој не правел никакви ограничувања по однос на пренамената на помошните простории на станбен објект (зграда) ако мнозинството станари на објектот односно делот од објектот дале согласност за пренамена.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 4 од Законот за домување e определено дека станбената зграда и становите се користат во согласност со нивната намена, а стан, дел од стан, помошна станбена (освен гаража) и заедничка просторија може да се пренамени за вршење на деловна дејност под услови и начин утврдени со закон.

Судот, исто така, утврди дека Законот за домување во кој е содржана оспорената одредба, престанал да важи и не е повеќе во правниот поредок, бидејќи бил донесен нов Закон за домување објавен е во “Службен весник на Република Македонија”, број 99/2009 од 05.08.2009 година.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената законска одредеба е содржана во Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” број 21/1998, 48/2000, 39/2003, 96/2004, 120/2005 и 13/2007), но Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 29 јули 2009 година, донесе нов Закон за домување, со тоа што во членот 140 од Законот е определено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” број 21/1998, 48/2000, 39/2003, 96/2004, 120/2005 и 13/2007).

Новиот Закон за домување, објавен е во “Службен весник на Република Македонија”, број 99/2009 од 05.08.2009 година, а влегол во сила осмиот ден од објавувањето, односно на 13.08.2009 година.

Со оглед дека, Законот за домување во кој била содржана оспорената одредба, престанал да важи и не е во правниот поредок, Судот, утврди дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативите поради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 129/2009
31 март 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски