У.бр.128/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 точките 79 и 80 од Програмата за дополнување на Програмата за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Oпштина Штип за 2015 година, донесена од Советот на Oпштина Штип („Службен гласник на општина Штип“ бр.6/2015 година).

2. Горан Трајков и Гоце Коцевски, двајцата од Штип, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Програмата означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорените одредби од Програмата биле во спротивност со важечкиот Детален урбанистички план (ДУП) за населбата „8-ми Ноември“ донесен со Одлука бр. 0805/705/1 од 29.03.1990 година, поради што не биле во согласност со членот 51 од Уставот на Република Македонија, членот 4 од Законот за градежно земјиште и членот 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Според важечкиот ДУП за населбата „8-ми Ноември“, намената на двете парцели наведени во оспорените точки 79 и 80 од Програмата за дополнување на Програмата за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Oпштина Штип за 2015 година, биле ЦМЗ или Центар на месна заедница, а не деловен објект како што било наведено во оспорените одредби.

Врз основа на донесената Програма, Oпштина Штип ги објавила за оттуѓување парцелите од точките 79 и 80 по пат на јавно наддавање. Во објавата како основна класа на намена на градежните парцели била наведена Б4-деловни дејности, во спротивност со ДУП-от на кој се повикува објавата. Парцелата од т.79 била оттуѓена во текот на август 2015 година, а парцелата од т.80 била објавена повторно на јавно наддавање на 15.10.2015 година. Оттуѓувањето на парцелите спротивно на ДУП ќе имало тешко отстранливи последици, поради што со иницијативата се бара Уставниот суд, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, до окончување на постапката, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорените одредби.

Според подносителите на иницијативата, Програмата за дополнување на Програмата за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Oпштина Штип за 2015 година, чии одредби се оспоруваат со иницијативата, претставувала општ правен акт, односно пропис (член 62 од Законот за локалната самоуправа, член 46 од Статутот на Oпштина Штип) кој морал да биде во согласност со Уставот и законите (член 51 став 1 од Уставот). Како таков, неговата уставност и законитост биле предмет на оценка од страна на Уставниот суд на Република Македонија (член 110 алинеја 2 од Уставот).

Програмата морала да биде усогласена пред се со Законот за градежно земјиште во кој и била предвидена. Сепак, имајќи го предвид предметот на уредување на Програмата, а тоа било располагање со градежно земјиште, таа морала да биде усоглaсена и со Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и со Законот за градење.

Во конкретниот случај, поради фактот што намената на градежните парцели одредени во оспорените точки 79 и 80 од Програмата, била деловен објект, спротивно на намената утврдена во важечкиот ДУП каде намената била Центар на месна заедница, се работело за неусогласеност на Програмата со ДУП, кое што пак било во спротивност со Законот за градежно земјиште, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градење. Тоа водело и до повреда на член 51 став 1 од Уставот.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Програмата и истите да ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Oпштина Штип, врз основа на член 89 став 1 алинеја 1 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17/2011, 53/2011, 144/2012, 25/2013, 137/2013 и 163/2013) и член 21 став 1 точка 35 од Статутот на Oпштина Штип („Службен гласник на општина Штип“ број 01/2003, 18/2007, 11/2008, 07/2009, 16/2009, 04/2011 и 13/2014), на седницата одржана на 21 мај 2015 година, има донесено Програма за дополнување на Програмата за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Oпштина Штип за 2015 година, заведена под број 08-4589/1 од 21 мај 2015 година.

Според член 1 на оваа програма, во Програмата за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Oпштина Штип („Службен гласник на Oпштина Штип“ бр. 13/14), во глава 2 „Обем и преглед на градежно земјиште што е предмет на програмата“ Градежни парцели што ќе бидат на располагање, по точката 64 се додаваат 19 нови точки (точки 65-83).

Оспорените точки 79 и 80 гласат:

79. ДУП: нас. „8-ми Ноември“
Одлука бр. 0805-705/1 од 29.03.1990 година
УП.
Класа на намена: деловен објект
Површина на градежна парцела ќе биде утврдена со елаборат за нумерички податоци
КП: 4413/2
П+1

80. ДУП: нас. „8-ми Ноември“
Одлука бр. 0805-705/1 од 29.03.1990 година
УП.
Класа на намена: деловен објект
Површина на градежна парцела ќе биде утврдена со елаборат за нумерички податоци
КП: 4413/2
П+2

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на актот кој се оспорува со иницијативата, произлегува дека станува збор за акт со кој се дополнува Програмата за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Oпштина Штип за 2015 година, донесена од Советот на Oпштина Штип. Програмата, во главата 2: „Обем и преглед на градежно земјиште што е предмет на програмата“, се дополнува со 19 нови точки, од кои со иницијативата се оспоруваат две: точките 79 и 80, кои се однесуваат на ДУП „нас. 8-ми Ноември“, за КП бр. 4413/2, за кои се утврдува класа на намена: деловен објект. Оттука, станува збор за конкретен акт на Советот на Oпштина Штип, кој претставува преглед на конкретно градежно земјиште и парцели во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Oпштина Штип, за кои Oпштината ќе спроведе постапки за отуѓување во текот на 2015 година.

Тргнувајќи од фактот дека предмет на оцена пред Уставниот суд можат да бидат само прописите кои содржат општи норми на однесување, со кои се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и со кои се утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, а во конкретниот случај актот кој се оспорува со иницијативата, како конкретен, временски определен акт, нема таков карактер, Судот оцени дека оспорениот акт не е подобен за уставно судска оценка. Неспорно е дека Програмата е донесена од страна на Советот на Oпштина Штип, како надлежен орган согласно Законот за локалната самоуправа, врз основа на Законот за градежно земјиште и Статутот на Oпштина Штип, но тие факти сами по себе не се доволни за тоа Програмата да има карактер на пропис подобен за уставно-судска оценка, туку подобноста за таквата оценка произлегува од содржината на самиот акт.

Дополнително, наводите во иницијативата дека оспорените точки 79 и 80 од Програмата биле во спротивност со ДУП за населбата „8-ми Ноември“ донесен во 1990 година, што е основ за барањето на оценка на уставноста и законитоста на оспорените точки, всушност претставуваат барање Уставниот суд да се впушти во оцена на меѓусебната согласност на два подзаконски акта, каков што карактер имаат оспорената програма и наведениот ДУП, за што Уставниот суд нема надлежност.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.128/2015
10 февруари 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева