128/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 јануари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Насловот „Стекнување на повисоко дипломатско звање или негово одземање“ и членот 67 став 1 и став 4 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2006 и 107/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на насловот и одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, не било дозволено министерот кој уредил определена материја со свој акт, непосредно по истиот акт да донесува решенија, без законска основа.

За подносителот на иницијативата е уставно проблематично што решението од ставот 4 (по грешка тој го цитира како став 2), се носело на основа на подзаконски акт од ставот 1 на членот 67 од Законот. Оттука, во иницијативата воопшто не се изнесени причини и аргументи за уставно проблематизирање на одредбите од ставовите 2 и 3 од членот 67 од Законот, туку се оспорува ставот 4, дека решението, министерот го донесувал врз основа на актот од ставот 1, а требал да го донесува на законска основа, па затоа и двете одредби од ставовите 1 и 4 од членот 67 од Законот, биле во заемна врска и со тоа биле неуставни, односно не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 32 став 5, членот 51, членот 95 став 3 и членот 96 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во делот од Законот, кој има наслов „Стекнување на повисоко дипломатско звање или негово одземање“, е предвиден членот 67, кој гласи:

„Стекнувањето со повисоко дипломатско звање или одземањето на дипломатското звање на дипломатско-конзуларниот службеник се уредува со акт на министерот во кој се утврдува:

– постапката за стекнување на секое дипломатско звање;
– условите и критериумите за редовно и вонредно напредување во дипломатско звање и
– постапката и условите за одземање на дипломатското звање.

Напредувањето или одземањето е возможно само во непосредно повисоко, односно пониско звање.

Добивање на повисоко звање на работно место утврдено со Законот за државните службеници се изедначува со соодветното дипломатско звање согласно со членот 95 став 1 точка 2 од овој закон.

Решението за стекнување на повисоко дипломатско звање или за одземање на дипломатско звање го донесува министерот во постапка утврдена со актот од ставот 1 на овој член“.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт н а законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Законот за надворешни работи, (кој е донесен во 2006 година, а претходно важел Законот за вршење на надворешните работи од надлежност на сојузните органи на управата и сојузните организации – „Службен лист на СФРЈ“ бр.56/1981) ги уредил прашањата од областа на вршењето на надворешните работи од органите на државната власт. Прашањата од надворешните работи на Република Македонија што не се уредени во овој закон, се уредуваат со други прописи на Република Македонија, со меѓународни договори, со други меѓународни акти што ја обврзуваат Република Македонија и со вообичаените правила што важат во меѓународното право.

Согласно членот 2 точка 3 од овој закон, органи за вршење на надворешни работи, се: Претседателот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Министерството за надворешни работи и министерот за надворешни работи. Во точката 5 од овој член од Законот е дефинирано дека „дипломатско-конзуларен службеник“ е државен службеник вработен во Министерството за надворешни работи кој согласно овој закон е овластен да врши надворешни работи.

Со одредбите од овој закон системски се уредени прашањата од предметната материја, и тоа во делот на: општите одредби (членови 1 и 2); вршење на надворешните работи (членови 3 – 11); Министерството за надворешни работи со кое раководи министерот во согласност со закон и неговата улога во вршењето на надворешните работи (членови 12 – 24); дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија, каде како дипломатски претставништва на Република Македонија се амбасади, постојани мисии при меѓународни организации, канцеларии за врски и специјални мисии, а конзуларни претставништва се генерален конзулат, конзулат и конзуларна канцеларија (членови 25 – 62); вработените во Министерството за надворешни работи и нивните права и обврски кои се уредени со овој закон, Законот за државните службеници и општите прописи за работни односи (членови 63 – 84); странски дипломатски и конзуларни претставништва (членови 86 – 92); и преодни и завршни одредби (членови 94 – 97).

Со одредбите од овој закон комплексно се уредени прашањата поврзани со специфичната материја која се однесува на вршењето на надворешните работи од органите на државната власт, меѓу кои со членот 9 посебно се утврдени и надлежностите на министерот за надворешни работи, во кои спаѓаат учеството во креирањето на надворешната политика преку предлагање на општи насоки на надворешната политика вклучувајќи ги и прашањата од меѓународните односи со импликации врз безбедноста и одбраната на земјата, предлага ставови и дава мислења од областа на надворешните работи, ја спроведува утврдената надворешна политика, итн. Согласно членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Во Министерството се вработени државни службеници и други вработени, кои покрај општите услови треба да ги исполнуваат и посебните услови наведени во Законот.

Согласно членот 65 од Законот, се дадени законските услови за стекнување на статус на дипломатско-конзуларен службеник и соодветно дипломатско звање, а со членот 66 се наведени дипломатските и конзуларните звања. Имено, согласно членот 65 од Законот, раководниот и стручниот државен службеник, вработен во Министерството може да се стекне со статус на дипломатско-конзуларен службеник и соодветно дипломатско звање по положен дипломатски испит. Дипломатскиот испит може да се полага по помината една година работен стаж во Министерството, во што се засметува и приправничкиот стаж.

Дипломатскиот испит е задолжителен за државниот службеник кој врши надворешни работи во смисла на овој закон. Начинот на спроведување и програмата за полагање на дипломатскиот испит се утврдуваат со акт на министерот.

За положениот дипломатски испит на државниот службеник му се издава уверение, а министерот носи и решение за стекнување на соодветно дипломатско звање. Министерот со акт го пропишува образецот на Уверението за положен дипломатски испит.

Државниот службеник има право да го полага дипломатскиот испит два пати.

Оттука, на овие законски определени рамки, со членот 67 став 1 од Законот, е дадено овластување со акт на министерот да се операционализира постапката за стекнување и одземање на секое дипломатско звање, а во ставот 4 од овој член од Законот, е дадено законско овластување министерот за таа цел да донесува конкретни решенија, кои во рамки на законските услови и подзаконскиот акт на министерот, претставуваат конкретни акти со кои се решаваат стекнувањето или одземањето на звањата на конкретните лица.

Подносителот на иницијативата ги оспорува одредбите од членот 67 од Законот, без да води сметка за комплексноста на материјата што се уредува и меѓусебната поврзаност на нормите, со недоволно јасни изнесени причини за покренување на прашањето на нивната уставност. Со оглед на тоа што неспорно е дека одредбите од членот 67 ставови 1 и 4 од Законот, се дел од комплексот одредби на целината на Законот со кој системски се уредени односите од материјата на Законот, и не можат изолирано да се разгледуваат, Судот оцени дека тие се соодветно и прифатливо законско решение кое не може уставно да се проблематизира од наводите во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.128/2010
12 јануари 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски