У.бр.126/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 23 март 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 став 1 точка 7 од Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2013, 126/2013, 11/2015, 25/2015, 77/2015, 163/2015 и 13/2016).

2. Невладината организација КХАМ од Делчево, во согласност и учество во иницијативата на Асоцијацијата иницијатива за социјална работа ИНСОК од Скопје, Здружението за правата на Ромите од Штип, Хуманитарното и добротворно здружение на Ромите МЕСЕЧИНА од Гостивар, Ромскиот едукативен центар АМБРЕЛА од Скопје, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ од Скопје, Ромскиот ресурсен центар од Скопје и Македонското здружение на млади правници од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот означена во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата најнапред ја изнесуваат содржината на оспорената одредба наведувајќи дека е сомнителна уставноста и законитоста на таа одредба. Потоа во иницијативата се цитира содржината на член 45, член 46 став 1, член 47 ставовите 1, 3 и 4 и член 56 од Законот за социјалната заштита со укажување дека означениот правилник е донесен врз основа на член 56 од Законот. Понатаму во иницијативата се споменува член 2 ставовите 1 и 2 од Правилникот и се изнесува содржината на член 4 од Правилникот („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/13) дека „како имот од кој корисникот на правото на социјална парична помош може да се издржува, се смета: 7. заштеди во вредност над 50.000,00 денари“. Следувале изменувања и дополнувања на Правилникот („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/15), со кои во член 4 став 1 по точката 6 се додава нова точка 7 која гласела: „7.Примени парични средства преку брзиот трансфер на пари во износ над 50.000,00 денари“, а со нови изменувања и дополнувања на Правилникот („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/15) членот 4 став 1 точката 7 бил изменет така што износот „50.000“ бил заменет со „70.000“. Потоа во иницијативата се наведува дека: „По направените изменувања и дополнувања на Правилникот, пречистената одредба од член 4 став 1 точка 7 гласи: „Како имот од кој корисникот на правото на социјална парична помош може да се издржува, се смета: примени парични средства преку брзиот трансфер на пари во износ над 70.000 денари“. При таква состојба, подносителите на иницијативата сметаат дека: „Министерот (како извршна власт), го пречекорил своето овластување, со тоа што покрај пропишување на начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, пропишал и дека „примените средства преку брзиот трансфер на пари во износ над 50.000 односно 70.000 денари“, се смета како имот од кој корисникот на социјална парична помош може да се издржува, притоа не земајќи ги во предвид различните основи по кои се исплатени средствата (сите ги става во ист кош). Не е земено предвид дека не постои законски пропис според кој таквите примени средства (независно од основите за исплата), ќе се третираат како имот на корисникот на социјална парична помош, предизвикувајќи негативни материјални последици. Имено, врз основа на таквата измена на Правилникот, Центрите за социјална работа имаат донесено одреден број решенија за престанок на правото на социјална парична помош (претходно остварено согласно законот и правилникот), поради примени парични средства во претходната 2014 година, пред донесување на предметната измена на Правилникот. На тој начин предметниот правилник (наместо само да ја пропишува и олеснува технологијата за остварување на законското право на социјална парична помош), станува материјален правен пропис од кој зависи остварувањето и губењето на правото на социјална парична помош, а покрај тоа предметната измена е применета ретроактивно, што е спротивно на начелото на правна сигурност и на погоре цитираните одредби од Уставот и Законот за социјалната заштита“, завршен цитат.

Во продолжение на иницијативата се наведува: „Потенцираме дека таквата материјална регулатива на Правилникот е недопуштена, поради тоа што само со закон може да се пропишуваат права и обврски на граѓаните, а покрај тоа е спротивна на духот и интенцијата на Законот за социјална заштита, да се заштитува социјалниот стандард преку усогласување на социјалната парична помош со процентот на порастот на животните трошоци (член 47 од Законот), како и да се изнаоѓаат можности за проширување и зголемување на правата во областа на социјалната заштита во смисла на членот 12 од Законот за социјална заштита, според кој: Општините и Градот Скопје можат со свои одлуки, во согласност со материјалните можности, да утврдуваат и други права во областа на социјалната заштита, права во поголем обем од обемот на правата утврдени со овој закон и поповолни услови за нивно остварување, како и други облици на социјална заштита. Во овој случај основано се поставува прашањето за остварувањето на „хуманизмот, социјалната правда и солидарност“ како темелна вредност утврдена во член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 8 од Уставот на Република Македонија и обврска на државата утврдена во член 35 став 1 од Уставот на Република Македонија, според која: „Републиката се грижи за социјалната заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност.“ Каква социјална заштита, социјална сигурност и социјална праведност им се гарантира на граѓаните кои се во исклучително тешка егзистенцијална состојба: немаат сопствени средства за егзистенција, не можат сами да си обезбедат социјална сигурност преку вработување како уставно право (не по нивна вина туку од објективни причини), а утврдениот износ на социјална парична помош со член 47 од Законот за социјалната заштита, не може да им обезбеди егзистенција. Зошто му се ограничува можноста на корисникот на социјална парична помош да прифати парична помош од хуманите луѓе, кои инаку немаат обврска да го издржуваат, а од хумани понуди сакаат да му помогнат, или зошто се ограничува корисникот на социјална парична помош да може да позајми пари од свои блиски роднини или пријатели за да може физички да опстане. Дел од корисниците на социјална парична помош се токму такви случаи кои во текот на 2014 година добиле парични средства од близок роднина или пријател, со препорака: парите да не им ги враќаат, или пак да им ги вратат кога ќе можат, а дадените средства да ги наменат за опремување на купатило, да поправат или да купат шпорет, фрижидер и сл. Намерата на таквите хумани луѓе не е тие да ја преземат социјалната обврска на државата, туку да го дополнат потребното ниво (недостигот) на средства за скромна егзистенција на корисникот на социјална парична помош. Апсурдно е во наведените случаи, државата да му ја прекине социјалната парична помош на корисникот на социјална парична помош, во траење од 12 месеци, како што е сторено. Очигледно државата настојува да ги намали своите социјални издатоци, но недоволно води сметка дека со тоа го загрозува опстанокот на засегнатите лица. Заради споредба и аналогна примена, сакаме да потсетиме дека имотот на трговското друштво (и на оставината) се состои: од паричните средства и стварните права, зголемен за износот на побарувањата, а намален со износот на долговите. Тоа треба да важи и за социјалната сфера“ завршен цитат.

Подносителите на иницијативата предлагаат поведување на постапката и поништување на оспорената одредба од Правилникот.

3. Судот на седницата утврди дека во член 4 став 1 точка 7 од Правилникот („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2013) беше предвидено дека: „Како имот од кој корисникот на правото на социјална парична помош може да се издржува, се смета: 7. заштеди во вредност над 50.000,00 денари“.

Со Правилникот за изменување и дополнување на наведениот правилник („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2015) беше определено дека: „Во член 4 став 1 по точката 6 се додава нова точка 7, која гласи: 7. примени парични средства преку брзиот трансфер на пари во износ над 50.000 денари“.

Со Правилникот за изменување и дополнување на наведениот правилник („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2015) беше определено дека: „во член 4 став 1 точките 7 и 8 износот „50.000“ се заменува со износот „70.000“ “.

Со Правилникот за изменување на наведениот правилник („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2016), донесен на 25 јануари 2016 година односно после поднесувањето на иницијативата, се определува дека: „во член 4 во ставот 1 точката 7 се брише“. Оваа одредба од Правилникот влезе во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, на 28 јануари 2016 година. Според тоа, оспорениот член 4 став 1 точка 7 од Правилникот престана да важи на наведената дата.

4. Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.“

Со оглед на тоа дека оспорениот член 4 став 1 точка 7 од наведениот правилник престана да важи на 28 јануари 2016 година и не е повеќе во правниот поредок, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.126/2015
23 март 2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева