126/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 декември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 69, 70, 72 и 73 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр. 39/94).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на членот 72 од Општиот колективен договор означен во точката 1 на ова решение.
3. Д.Поповски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од член 69, 70, 72 и 73 од Општиот колективен договор означен во точката 1 и 2 на ова решение.
Според наводите во иницијативата работниот однос се уредувал со Законот за работните односи, а со колективните договори правата и обврските од работниот однос се доуредувале во согласност со закон и други прописи, од што произлегувало дека колективниот договор не бил на исто рамниште, односно, бил “под законот” со оглед на тоа што тој ги доуредува работните односи во согласност со закон.
Исто така, подносителот смета дека со колективен договор не можело да се доуредуваат сите прашања од работниот однос, туку само оние за кои Законот “дал согласност”. Конкретно, постапката за давање отказ на работник била уредена со одредбите на членовите 117 и 123 од Законот за работните односи и законодавецот со тие одредби не предвидел доуредување на односите со колективен договор. Соодветно на тоа, оспорените членови од колективниот договор не ги доуредувале прашањата во врска со престанокот на работниот однос туку ги уредуваат. Имено, од оспорените одредби од колективниот договор се утврдуваат услови за престанок на работниот однос што Законот не го предвидел.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 69 означениот колективен договор за секоја повреда на работната дисциплина, работниот ред, неисполнувањето на обврските и поради неспособност за извршување на работните задачи, пред да му престане работниот однос на работникот со отказ, овластениот работник утврден со колективен договор на ниво на работодавец е должен да поднесе пријава до органот надлежен за изрекување на престанок на работен однос со отказ, а според членот 70 пред престанокот на работниот однос на работникот со отказ, работодавецот е должен да побара од работникот писмено да се изјасни за причините за престанок на работниот однос со отказ.
Во членот 72 од истиот Колективен договор е предвидено дека одлуката за престанок на работниот однос на работникот работодавецот е должен да ја донесе за еден месец од денот на дознавањето на повредата на работната дициплина, работниот ред, неисполнувањето на обврските и поради неспособност на извршувањето на работните задачи и за сторителот, односно во рок од 3 месеци од денот кога е сторена повредата.
Според членот 73 пред донесување на отказ за престанок на работен однос, работодавецот треба да го извести претставникот на синдикатот и е должен неговото мислење да го земе во предвид при донесувањето на одлуката, ако истото е доставено.
Судот, исто така, утврдува дека ја оценувал уставноста и законитоста на одредбата на членот 72 од ознечаниот колективен договор и со Решение У.бр.91/98 од 25 ноември 1998 година не повел постапка затоа што, прашањата во врска со роковите во кои може и треба да се води постапката во која работодавецот треба да ја донесе одлуката за престанок на работниот однос со отказ, не се уредени со Законот за работните односи, а општите колективни договори ги доуредуваат овие прашања со определување на роковите.
5. Според член 32 став 5 од Уставот оспорувањето правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори.
Со Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/93, 3/94, 14/95, 53/97, 59/97, 21/98 и 25/2000 ), се уредени сите прашања од значење за работниот однос како договорен однос меѓу работникот и работодавецот заради вршење на определени работи.
Во членот 2 од Законот работниот однос се уредува со овој закон, со други закони и колективен договор.
Уставот, освен што го востановува институтот на колективното договарање како облик на уредување на односите во сферата на работниот однос, односно односите што се однесуваат на остварувањето на правата на вработените и нивната положба, не содржи изрични одредби за меѓусебниот однос на законите и колективните договори и за други релевантни прашања за овој вид правни акти како составен дел на правниот поредок. Меѓутоа, Законот за работните односи го операцио-нализира уставниот принцип за колективното договарање и содржи конкретни одредби за односот на колективните договори и нивниот меѓусебен однос, за времето на склучувањето и примената на колективните договори, за начинот и постапката за нивното склучување, односно потпишување.
Со Законот за работните односи и со колективните договори конкретно се уредени и прашањата во врска со престанок на работниот однос, како и формите и начинот за заштита на правата на работниците, меѓудругото се утврдени условите и начинот за престанок на работниот однос со отказ.
Во членот 88 став 2 од Законот е предвидено дека на ниво на Република Македонија, Владата на Република Македонија со организацијата и мнозинскиот синдикат склучуваат општ колективен договор за јавните служби, јавните претпри-јатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност. Според ставот 3 на овој член, општиот колективен договор од ставот 2, се применува непосредно и е задолжителен за организацијата на работодавците кои го склучиле и за сите работодавци во чие име договорот е склучен.
Според членот 89 став 2 од Законот, колективен договор на ниво на гранка се применува непосредно и е задолжителен за организацијата на работодавците и организацијата на работниците кои го склучиле, но не и за работодавците и работниците кои не се членови на организацијата на работодавците и организација на работниците кои го склучиле договорот, а во членот 90 од Законот е предвидено дека договорот се применува непосредно и е задолжителен за страните кои го склучиле. Според ставот 2 на овој член (додаден со измената и дополнувањето на Законот за работните односи “Службен весник на Република Македонија” бр. 21/98), со колективен договор на ниво на работодавец на работниците можат да се утврдат поголеми права од правата утврдени со грански колективен договор но не помали од правата утврдени со закон.
Тргнувајки од содржината на наведените уставни и законски одредби Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи. органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност не е во спротивност со концепцијата на колективното договарање (дека колективните договори се општи, дека непосредно се применуваат, дека се задолжителни, како за тие што го склучиле, така и за работниците и работодавците во чие име е склучен. Во спротивно тие би го изгубиле значењето на акти со кои, покрај со закојн, се уредува остварување на правата на вработените и нивната положба).
Врз основа на уставното овластување законодавецот ги уредил прашањата од работен однос на општ начин со Законот за работните односи, а одделни прашања и со посебни закони што уредуваат односи од определени области од општествениот живот. Во рамките на уредување на прашањата од работниот однос со Законот за работните односи со одредбите на членовите од 109 до 129, е уреден престанокот на работниот однос со отказ, кој според одредбата на член 109 може да биде даден како од работникот, така и од работодавецот под условите утврдени со закон и колективен договор. При тоа законот не ги утврдува сите прашања во врска со отказот туку препушта да се доуредат со колективен договор, а за одделни прашања тој воопшто не содржи одредби како што е постапката за давање отказ при постоење на повреда на работната дисциплина и работниот ред, во смисла како и на кој начин ќе се утврди повредата, неисполнувањето на работните обврски како основи за престанок на работниот однос со отказ, а исто така не содржи ниту посебни одредби сврзани со роковите во кои може и треба да се води постапката за давање отказ поради наведените причини.
Со оглед на тоа дека Законот за работните односи не ги уредил прашањата во врска со роковите во кои може и треба да се води постапката во која работодавецот треба да ја донесе одлуката за престанок на работниот однос со отказ, туку тоа го препуштил да се уреди со колективен договор, односно да ги доуреди прашањата кои се однесуваат на давање отказ со определување на рокови во кои работодавецот е должен да ја донесе одлуката за престанок на работниот однос, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од аспект на наводите во иницијативата, односно дека овие прашања не можат да се уредат со колективен договор. Меѓутоа, со оглед на тоа што Судот, постапувајки по предметот У.бр. 91/98, веќе одлучувал за уставноста и законитоста на член 72 од Општиот колективен договор за јавните служб и, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност, Судот одлучи како во точката 2 на ова решение.
Исто така, имајки предвид дека со оспорените одредби на Договорот од членовите 69, 70 и 73 не се утврдуваат права, обврски и одговорности на работниците и работодавците, туку во смисла на Законот на работните односи се доуредуваат во врска со начинот и постапката на остварувањето на правата и обврските на работниците и работодавците како што се, пред да му престане работниот однос на работникот со отказ работодавецот односно овластениот работник е должен да поднесе пријава до органот надлежен за изрекување престанок на работен однос со отказ, да побара од работникот писмено да се изјасни за причините за престанокот, како и за престанокот да го извести синдикатот и задолжително да го земе неговото мислење при донесување на одлуката, Судот смета дека не може да се постави прашањето и за уставноста и законитоста н а овие одредби. Со други зборови, со овие одредби се уредуваат прашањата што се во функција на заштита на работникот при престанокот на работниот однос со отказ како најтешка мерка за работникот. Ако при тоа се има предвид дека Законот утврдува дека колективниот договор не може да содржи одредби со кои се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со законот, тогаш овие одредби ја имаат својата основа и во Законот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.126/00
20 декември 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ГО ЗАМЕНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Олга Лазова