У.бр.125/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 алинеја 3 од Законот за основање на Агенцијата за енергетика на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005 и 41/2014).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Статутот на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, донесен од Управниот одбор за енергетика на Република Македонија од април 2014 година во целина и посебно Главата VIII. Права, надлежности и одговорности на вработените и член 28.

3. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение, како и на уставноста и законитоста на актот означен во точката 2 од истото.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 15 алинеја 3 од Законот не бил во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што, според наводите во иницијативата, казната затвор може да се изрече само со судска одлука и за извршеното казниво дело може да му се изрече казна за затвор што како таква е утврдена со закон или друг пропис, а не по сила на законот, како што тоа било предвидено со сега оспорената одредба.

Подносителот на иницијативата смета дека тоа значело дека согласно наведените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпувал на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици во ограничување на правата на граѓаните не биле допуштени, освен ако тоа не било изречно утврдено со Уставот.

Понатаму, со иницијативата се оспорува и Статутот на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, кој бил донесен во спротивност со член 52 ставовите 1 и 2 од Уставот, бидејќи истите не биле објавени во „Службен весник на Република Македонија“.

Главата VIII. ПРАВА, НАДЛЕЖНОСТИ И ОДГОВОРНОСТИ НА ВРАБОТЕНИТЕ и членот 28 од оспорениот Статут на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, се во спротивност со член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, а не со оспорениот Статут, како што е предвидено, во овој случај.

Покрај тоа, доносителот на овие статутарни одредби не ја испочитувал ниту одредбата на член 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според која со подзаконските акти не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски.

При донесувањето на оспорената Глава и членот 28 од Статутот, очигледно дека доносителот на овие оспорени одредби не го имал во вид ниту членот 5 ставот 2 од Законот за изменување на Законот за основање на Агенцијата за енергетика на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр.41/2014), според кој во членот 17 точката 3 од Законот се брише, а со која беше предвидено дека со Статутот на Агенцијата поблиску се уредуваат правата, должностите и одговорностите на вработените.

Согласно на изнесеното, оспорената Глава и оспорениот член 28 од Статутот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 32 став 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија, членот 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и членот 5 став 2 од Законот за изменување на Законот за основање на Агенцијата за енергетика на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 15 од Законот за основање на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, член на Управниот одбор и директорот се разрешуваат во следниве случаи: по истекот на мандатот, на негово барање, на сторено кривично дело за кое му е изречена казна затвор во траење од шест месеци, во случај на спреченост поради болест во траење повеќе од шест месеци непрекинато, кога работи спротивно на одредбите од овој закон, и во други слуачaи предвидени со закон.

5. Согласно член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со Законот за основање на Агенција за енергетика на Република Македонија се уредуваат основањето, организацијата и работењето на Агенцијата за енергетика на Република Македонија.

Според член 2 на овој закон, Агенцијата се основа заради поддршка во спроведувањето на енергетската пoлитика во Република Македонија.

Според член 3 ставовите 1 и 2 од Законот, Агенцијата има својство на правно лице и Агенцијата е самостојна во својата работа.

Во член 15 од Законот се утврдени случаевите кога се разрешува член на Управниот одбор и директорот. Така, во алинеја 3 од овој член се пропишува дека член на Управниот одбор и директор се разрешува ако за сторено кривично дело му е изречена казна затвор во траење од повеќе од шест месеци.

Наводите во иницијативата, според кои, ваквото законско решение за разрешување на член на Управниот одбор, настанувало како правна последица од осуда по сила на закон, а не како индивидуализирана казна што ја изрекува суд, со што се доведувала во прашање неговата уставност, според Судот, се основани.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја притоа во предвид содржината на оспорениот член 15 алинеја 3 од Законот за основање на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, според Судот, правните последици не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, туку дека тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречената казна за лицето децидно наведено во оспорената алинеја на наведениот член од Законот. Имено, Судот оцени дека натамошни последици од неговото извршување, односно од изрекувањето на казна затвор за точно неутврдени дела претставуваат ограничување на правата на граѓаните, што не е допуштено, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот.

Институтот правни последици од осудата е уреден со Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009 и 51/11, 135/2011 и 185/2011). Така, според член 101 од Кривичниот законик, правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор. Правни последици можат да се предвидат само со закон. Според член 102 од истиот законик, правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата (став 1). Правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна (став 2). Со бришење на осудата престануваат правните последици од осудата (став 3).

Од наведеното произлегува дека правните последици на осудата се специфичен правен институт што има големо значење за статусот на осуденото лице, но и за општествените интереси и кој секогаш резултира со ограничување на правата на осудените лица или значи забрана за стекнување на одредени права на лица осудени за одредени кривични дела. Оттаму, правните последици на осудата како еден вид посебна статусна мерка тешко го погодува осуденото лице, некогаш потешко и од изречената казна затвор, имајќи предвид дека истите најчесто значат губење на одредени права или пак забрана за нивно стекнување за одреден временски период.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот предвидувањето на изрекувањето казна затвор во траење од шест месеци како услов едно лице да биде разрешено од член на Управниот одбор или директорот на истото, мора да биде во согласност со општите правила и рамки за пропишување на правните последици од осудата утврдени во Кривичниот законик. Значи, осудуваноста како услов едно лице да биде разрешено од Управниот одбор, може да егзистира само за конкретно предвидени кривични дела за кои на сторителот со правосилна судска пресуда му е изречена казна затвор.

Од анализата на оспорената одредба произлегува дека со истата генерално е утврдено дека член на Управниот одбор и директорот се разрешуваат поради сторено кривично дело за кое е изречена казна затвор во траење од шест месеци, од каде произлегува дека вака пропишаната правна последица од осудата не е јасна и прецизна. Ова, од причина што во оспорената законска одредба не е наведено дека затворската казна произлегува од правосилен акт на надлежен суд, така што од формулацијата на одредбата произлегува дека изречената казна затвор е причина лицето да биде разрешено од наведената функција, независно од тоа дали постои правосилен акт, односно правосилна судска пресуда,за изречената затворска казна.

Имајќи го предвид наведеното, како и содржината на оспорената одредба според која лицето ке биде разрешено од наведените функции , како последица од изречена казна затвор, произлегува дека неможноста односно, забраната за вршење на функцијата член , односно директор на Управниот одбор, како остварување на одредено право е поврзано со моментот на изрекувањето на казната, наместо со правосилна судска пресуда со која е изречена казната, во суштина значи дека лицето, со оспорената одредба се смета за виновно пред да биде утврдена неговата вина со правосилна судска одлука и трпи соодветна последица поради тоа. Оттука, неконзистентноста на законодавецот во уредувањето на оспорената одредба која ја прави нејасна и непрецизна, во конкретниот случај доведува до состојба лицето да трпи правни последици од осуда по сила на закон, кое може да биде случај само со правосилна судска одлука. Од овие причини, според Судот, формулацијата на наведената законска одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантиран со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Според Судот, оваа оспорена одредба поради нејзината непрецизност, основано може да се доведе под сомнение и со членот 13 став 1 и членот 14 став 1 од Уставот, од причини што недостатокот на квалификацијата “со правосилна пресуда”, претставува директна повреда на уставното начело на презумпција на невиност, бидејќи доведува до тоа лицето да се смета за виновно пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука.

6. По однос на наводите во иницијативата во делот на оценување на уставноста и законитоста на Статутот на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, донесен од Управниот одбор за енергетика на Република Македонија, Судот оцени дека Уставниот суд на Република Македонија, не е надлежен да ја оценува ниту уставноста, ниту законитоста на овој правен акт.

Имено,согласно член 110 став 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Поаѓајќи од карактерот на Статутот, како акт со кој се уредуваат меѓусебните односи на вработените на Агенцијата за енергетика, произлегува дека истиот претставува конкретен, интерен акт кој има правно дејство само за субјектите на Агенцијата, а не за неограничен број на субјекти и како таков не подлежи на уставно-судска оцена. Со оглед на тоа што оспорениот Статут е интерен акт и истиот не е пропис кој е подобен за уставно-судска анализа, односно оцена произлегува дека и оспорените делови од истиот, како и целината на Статутот, не може да има карактер на акт кој уредува односи за неограничен број на субјекти. Од овие причини, Судот оцени дека се исполнети условите од цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.125/2014
22.04.2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева