125/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 октомври 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 61 став 2 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1998, 31/2000 и 42/2003).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот кој се однесува на оценување на меѓусебната согласност на Законот за денационализација и Законот за сопственост и други стварни права како и меѓусебната согласност на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Тони Марковски од Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 63 став 3 од пречистениот текст на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/2000), а во суштина се работи за член 61 став 2 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1998, 31/2000 и 42/2003).

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, 4 и 6, член 30 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Имено, подносителот на иницијативата наведува дека иако интенцијата на законодавецот со донесување на Законот за денационализација била да се определат условите и постапката за враќање на имотот, односно давање на надомест за одземен имот според присилни прописи на поранешните сопственици во еден друг општествен и економски систем, тоа било оневозможено со оспорениот член 61 став 2.

Понатаму, подносителот смета дека со давањето на можноста секое заинтересирано лице своите права спрема лицата на кои им е вратен имотот или платен надомест да ги остварува со тужба пред надлежен суд во рок од пет години по правосилноста на решението за денационализација се повредувало правото на сопственост на поранешните сопственици кои ова право го оствариле под услови и постапка предвидени со Законот за денационализација. Ова затоа што преку оспорената одредба се давало можност со одлука на суд вратениот имот да биде доделен на некое заинтересирано лице и тоа со големи изгледи да стане сопственик без каков било основ и надомест па дури и спрема државата.

Опстојувањето на оспорената одредба според подносителот ги намалувало позитивните ефекти на самиот закон, а сопственоста како највисоко стварно право гарантирано со Уставот била недоволно заштитена.

Воедно, подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената одредба се повредувало начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, со оглед на тоа што не е дозволено во парнична постапка да се преиспитува правосилноста на решението донесено од управен орган. Тоа во суштина значело дека правосилното решение за денационализација ќе било во правна сила и истото непоништено ќе произведувало правно дејство, а додека во евентуална парнична постапка поведена со тужба пред надлежен суд од било кои причини можело да се донесе спротивна одлука во однос на остварување на правото на сопственост и како таква да биде земена како основ за упис на промена на правото на сопственост во евиденцијата за правото на недвижност.

Ова во ниеден случај не можело да значи дека со судска одлука може да се поништува и менува решение на орган на државна управа.

Според подносителот, со оспорената одредба се нарушува и принципот на владеење на правото со оглед на тоа што еднаш изградена судска практика заснована на оспорената одредба тешко ќе може да се менува и ќе предизвика крајно негативни последици спрема имателите на правото на сопственост стекнато согласно Законот за денационализација.

Со оспорената одредба и преку нејзината примена се добивало сосема друга слика во произведувањето на правните последици на Законот во смисла на тоа што тој како да е донесен во “корист” на некои дотогашни корисници или пак други физички и правни лица, а не со интенција одземениот имот да биде вратен или платен надоместок на поранешните сопственици или нивни наследници.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба не била во согласност и со член 112 од Законот за сопственост и други стварни права и била во колизија со член 24 од Законот за денационализација.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 61 став 2 од Законот, заинтересираните лица можат своите права спрема лицата на кои им е вратен имотот или платен надомест според одредбите од овој закон да ги остваруваат со тужба пред надлежниот суд во рок од пет години по правосилноста на решението за денационализација.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и правната заштита на сопственост претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата.

Според став 3 на овој член од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен ако се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со донесување на Уставот на Република Македонија и неговата операционализација со законите со кои започна да се остварува процесот на трансформација (приватизација) на општествената сопственост, а особено со Законот за денационализација на поранешни сопственици и нивните наследници им е признато правото на враќање во сопственост на одземениот имот.

Со Законот за денационализација се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање на надоместот за имот одземен во корист на државата.

Според член 13 од Законот за денационализација во постапката за денационализација се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Според член 51 став 2 од Законот за денационализација решението за денационализација се донесува без одржување на расправа и сослушување на сведоци.

Според став 3 на овој член примерок од решението за денационализација се доставува на барателот и јавниот правобранител.

Во член 61 став 1 од наведениот закон во постапката за денационализација не се применуваат одредби за враќање во поранешна состојба и обнова на постапката.

Од анализата на наведените одредби од Законот за денационализација произлегува дека во постапката за денационализација ќе се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка со одредени исклучоци што ги определил самиот закон.

Имено, Законот за денационализација како странки во постапката ги определил само барателот на имотот (поранешен сопственик односно, негов наследник) и јавниот правобранител кој ги штити интересите на државата, а не и други заинтересирани лица.

Меѓутоа, и покрај фактот што постапката за денационализација е скратена управна постапка со цел одземениот имот да биде вратен на поранешните сопственици, односно нивни наследници во што е можно пократок рок, законодавецот водејќи се од принципот на владеење на правото не испуштил од вид дека и во оваа постапка можно е да се јават одредени прашања, односно барања кои треба да се решаваат пред суд поради што не ја исклучил можноста во определени случаи, било во текот на постапката за денационализација или по нејзиното завршување да се водат спорови пред суд.

Законодавецот дури оди до таму што и по протек на определен временски период предвидел во самиот закон постапката за денационализација да се води пред надлежните судови.

Оттука, Судот смета дека целта на законодавецот била да се врати имотот на поранешните сопственици, но не допушта да не бидат земени предвид и интересите на други заинтересирани лица кои имаат некакво право спрема лицата на кои им е вратен имотот или платен надомест, и на истите им овозможува водење на судска постапка во рок од пет години по правосилноста на решението за денационализација.

Со оглед на изнесеното, Судот смета дека се неосновани наводите во иницијативата дека со оспорената одредба се руши концептот на целиот закон, а со тоа и правото на сопственост на поранешните сопственици.

Ова дотолку повеќе што решението за денационализација нама конститувно дејство, туку има декларативен карактер. Со ова решение за денационализација поранешните сопственици не се стекнуваат со правото на сопственост, бидејќи тоа право поранешниот сопственик го имал стекнато, а наследниците по основ на наследување по сила на законот се стекнуваат со право на сопственост и по тој основ како на носители на право на сопственост им се враќа одземениот имот.

Воедно, Судот смета дека се неосновани наводите во иницијативата според која недопуштено е судската одлука да биде основ за промена на уписот во јавните книги на носителот на правото на сопственост кој уписот го извршил врз основа на правосилно решение на органот за денационализација и дека со тоа се доведувало во прашање принципот на поделба на власта.

Имено, според Судот со судската одлука не се поништува управниот акт донесен во постапката за денационализација, туку судската одлука со која евентуално би се утврдило правото на сопственост е основ за упис во јавните книги.

6. Што се однесува до наводите во иницијативата дека оспорената одредба не била во согласност со член 112 од Законот за сопственост и други стварни права и дека тој е во колизија со други одредби од Законот за денационализација, Судот оцени дека согласно Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законите ниту, пак, дали одделни одредби од ист закон се во колизија, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Судот решението под точката 1 го донесе со мнозинство гласови, а под точката 2 едногласно во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.125/2005
5 окотмври 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова