У.бр.124/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 29 став (2) од Законот за спречување судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2007, 114/2009, 6/2012 и 153/2015).

2. Игорчо Точев од Кочани и Љубица Стојковска Перковска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 29 став (2) од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорената одредба била во спротивност со уставниот принцип на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Ова поради тоа што ставот (2) на член 29 од Законот за спречување судир на интереси упатувал на ставот (1) од истиот член, кој пак бил укинат со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.251/2009 од 14 јули 2010 година, односно дека оспорената одредба упатува на одредба која со наведената одлука на Уставниот суд е отстранета од правниот поредок.

Врз основа на наведеното, подносителите на иницијативата предлагаат Уставниот суд да ја укине оспорената одредба од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 29 став (2) од Законот за спречување судир на интереси се наведува дека надлежниот суд од ставот (1) на овој член е должен да одлучи во рок од три месеца од денот на поведувањето на постапката.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на Законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 став 1 од Законот за спречување судир на интереси („Службен весник на Република Македонија„ бр.70/2007, 114/2009, 6/2012 и 153/2015), се наведува дека со овој закон се дефинира судирот на интереси, постапувањето во случај на судир на интереси, мерките за спречување на судирот на интереси во вршењето на јавните овластувања и должности од страна на службените лица. Понатаму, во ставот 2 од овој член, се наведува дека за примената на овој закон надлежна е Државната комисија за спречување на корупцијата.

Согласно членот 2 од овој закон, целта на овој закон е да се обезбеди спречување на злоупотребата на јавните овластувања и должности на службеното лице за остварување на користољубиви цели за себе или блиски лица и да се обезбеди спречување на можноста приватниот интерес на службеното лице да го загрози јавниот интерес.

Во членот 29 став (2) од овој закон, се наведува дека надлежниот суд од ставот (1) на овој член е должен да одлучи во рок од три месеца од денот на поведувањето на постапката.

Подносителот на иницијативата го оспорува ставот (2) на член 29 од Законот за спречување судир на интереси кој упатувал на ставот (1) од истиот член, кој пак бил укинат со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.251/2009 од 14 јули 2010 година, односно дека оспорената одредба упатува на одредба која со наведената одлука на Уставниот суд е отстранета од правниот поредок.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, во однос на наводите од иницијативата, Судот утврди дека во конкретниов случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Законодавецот е орган чија надлежност е да ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно и врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.124/2016
16 ноември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски