У.бр.124/2008

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 ноември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на устав­носта на

– член 66 став 1 алинеја 4 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2007 и 111/2008) и

– член 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006 и 35/2008)

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 81-в алинеја 6 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006 и 36/2007).

3. Горан Митрев од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените законски одредби се повредувале одредбите од член 9 и член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија. Имено, со оспорените одредби се пропишувало престанување на вработувањето по сила на закон на државниот службеник, на судијата и на јавниот обвинител, ако ги исполнат условите за старосна пензија согласно закон. Ваквите одредби биле непотполни, бидејќи упатувале на Законот за пензиското и инвалидското осигурување кој ги пропишувал условите за исполнување на старосна пензија. Меѓутоа, условите за исполнување старосна пензија за осигуреник маж и осигуреник жена, според овој закон биле различни. Имено, осигуреникот маж стекнувал право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот, а осигуреникот жена го стекнувала истото право кога ќе наполни 62 години живот. Поради тоа, од оспорените одредби произлегувало дека вработувањето на државен службеник – жена, функцијата на судија – жена и функцијата на јавен обвинител- жена, по сила на закон престанувала со наполнување на 62 години живот, додека вработувањето на државен службеник – маж, функцијата на судија – маж и функцијата на јавен обвинител- маж, по сила на закон престанувала со наполнување на 64 години живот.

На ваков начин, упатувајќи на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој во зависност од полот на осигуреникот пропишал различни услови за исполнување на старосна пензија, оспорените одредби од Законот за државните службеници, Законот за судовите и Законот за јавното обвинителство, при престанокот на вработувањето на државните службеници, односно престанокот на функцијата судија и јавен обвинител поради исполнување услови за старосна пензија, во зависност од полот, ги ставале овие лица во нееднаква положба, споротивно на член 9 и член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот.

Притоа, во прилог на оваа иницијатива одела и Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У. бр. 161/2005 со која бил поништен член 104 став 1 од Законот за работните односи, кој член на ист начин го пропишувал престанокот на работниот однос по основ на исполнување услови за старосна пензија и кој ги ставал во нерамноправна положба работниците во зависност од полот, поради што бил спротивен на член 9 и член 32 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 66 став 1 алинеја 4 од Законот за јавното обвинителство, на јавниот обвинител функцијата му престанува ако ги исполни условите за старосна пензија.

Судот, исто така, утврди дека согласно член 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите, на судијата му престанува судиската функција, ако ги исполни условите за старосна пензија.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Во членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Уставот на Република Македонија во делот на одредбите кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права, со членот 32 став 1 предвидел дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Од анализата на цитираните одредби од Уставот произлегува дека уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите ги обврзува како законодавецот, така и сите субјекти на колективното договарање во уредувањето на прашањата за остварување на правата на вработените и нивната положба, со законот и со колективните договори да обезбедат еднаква правна положба на сите работници.

Со Амандманот XXX на Уставот, со кој се заменуваат ставовите 2 и 3 на членот 106 од Уставот и се брише членот 107 од Уставот, во ставот 9 се утврдува дека основите и постапката за престанок и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители се утврдува со закон.

Во оваа смисла, со Законот за јавното обвинителство се уредуваат надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство, основите и постапката за именување и разрешување на jавниот обвинител на Република Македонија, основите за престанок на функцијата jавен обвинител на Република Македонија, основите за избор и разрешување на јавните обвинители, основите за престанок на функцијата јавен обвинител, како и други прашања во врска со работата на јавното обвинителство.

Оспорениот член 66 од овој закон, ги уредува основите за престанок на функцијата на јавниот обвинител. Така, во ставот 1 на овој член се утврдува дека на јавниот обвинител функцијата му престанува: по сопствено барање; ако го изгуби државјанството на Република Македонија; ако трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата јавен обвинител; ако ги исполни условите за старосна пензија; ако на негово барање и со негова согласност е избран или именуван на друга јавна функција, освен кога функцијата јавен обвинител мирува под услови утврдени со овој закон и ако е осуден со правосилна судска одлука на казна затвор во траење од најмалку шест месеца, или на пократка казна затвор или друга кривична санкција за кривично дело кое го прави недостоен за вршење на функцијата јавен обвинител. Согласно ставот 2 на истиот член, во случаите од ставот 1 на овој член престанокот на функцијата јавен обвинител го утврдува Советот на јавни обвинители на Република Македонија.

Од анализата на оспорената законска одредба, а во корелација со наводите во иницијативата, произлегува дека уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата и обврските на јавните обвинители, вклучително и основите за престанок на вршењето на оваа значајна функцијата, вршителите на оваа јавна функција да ги става во еднаква правна положба по сите наведени основи.

Според Судот, оспорената одредба не пропишува еднаква правна положба на јавните обвинители во зависност од полот. Имено, предвидувањето со оспорената одредба од член 66 алинеја 4 од Законот за јавното обвинителство, на јавниот обвинител да му престане функцијата ако ги исполни условите за старосна пензија, значи нееднаков однос кон јавните обвинители по основ на пол, секогаш кога условите за остварување на старосна пензија се утврдуваат со посебен закон и се различни за мажите и жените, како што е случај во нашиот правен поредок.

Имено, согласно член 17 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006 и 153/2007), осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Правото на осигуреникот жена да стекнува старосна пензија порано од осигуреникот маж, Уставниот суд на Република Македонија, со Решението У.бр.107/2004 од 29 септември 2004 година, оценил дека е оправдано со принципот на афирмативна акција, односно принципот на позитивна дискриминација, но во сферата на пензиското и инвалидското осигурување, што не може по автоматизам да се применува и во други сфери, особено не ако тоа води кон ограничување на правата по основ на пол.

Во однос на еднаквоста на граѓаните по однос на пол во сферата на вработувањето, Уставниот суд, со Одлука У.бр.161/2005 од 21 и 22 декември 2005 година, го поништил член 104 став 1 точка 4 од Законот за работните односи, со која одредба беше регулирано дека престанок на вработувањето по сила на закон настапува кога работникот ќе исполни услови за остварување старосна пензија согласно со закон, наоѓајќи дека ваквата одредба значи нееднаков однос кон граѓаните по основ на пол, секогаш кога условите за остварување на пензија утврдени со посебен закон се различни за мажите и жените, како што е сега случај во нашиот правен поредок, поради што оценил дека одредбата не е во согласност со начелото на еднаквост на граѓаните независно од полот и начелото на достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.

Со оспорената одредба од Законот за јавното обвинителство, на јавниот обвинител му престанува функцијата, а со тоа и вработувањето по сила на закон ако ги исполни условите за старосна пензија. Тргнувајќи од вака утврдената норма, се доаѓа до констатација дека оспорената одредба има императивен карактер, што значи дека наметнува престанок на функцијата јавен обвинител, а со тоа престанок и на вработувањето на жените под различни услови од мажите, односно со навршени 62 години живот, во однос на 64 години живот за мажите. Во овој случај станува збор за остварување на правото на вработување, кое суштински се разликува од остварувањето на правото на старосна пензија, кое ја дозволува наведената разлика.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, со оспорената одредба се повредуваат начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, независно од полот и начелото на достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одредба од член 66 алинеја 4 од Законот за јавното обвинителство основано може да се доведе под сомнение во однос на согласноста со членовите 9 и 32 од Уставот.

6. Согласно Амандманот XXVI на Уставот, со кој се заменува ставот 3 на член 99 од Уставот, на судијата му престанува судиската функција ако тоа сам го побара; ако трајно ја загуби способноста за вршење на судиската функција што го утврдува Судскиот совет на Република Македонија; ако ги исполни условите за старосна пензија; ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца и ако е избран или именуван на друга јавна функција, освен кога судиската функција мирува под услови утврдени со закон. Судијата се разрешува: поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.

Наведената уставна определба за основите за престанок на судиската функција и за разрешување на судијата, во целост е преземена во Законот за судовите, во посебна глава V. ПРЕСТАНОК И РАЗРЕШУВАЊЕ ОД СУДИСКА ФУНКЦИЈА, при што престанокот на судиската функција е содржина на оспорениот член 73 од Законот за судовите. Согласно став 1 алинеја 3 на овој член, на судијата му престанува судиската функција ако ги исполни условите за старосна пензија.

Од анализата на оваа одредба произлегува дека законодавецот во целост ја преземал уставната определба за основите за престанување на судиската функција, вклучувајќи го и основот дека оваа функција престанува кога судијата ќе ги исполни условите за старосна пензија, поради што не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со Амандманот XXVI на Уставот.

Меѓутоа, исполнувањето на условите за старосна пензија се утврдуваат со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, од каде произлегува дека наведената законска одредба според која судиската функција престанува ако судијата ги исполни условите за старосна пензија, упатува за ова прашање да се примени Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според кој, пак, условите за стекнување старосна пензија се различни за мажите и жените. Имајќи го предвид императивниот карактер на оспорената одредба, произлегува, дека на судијата жена ќе и престане функцијата со навршени 62 години живот, а на судијата маж ќе му престане функцијата со навршени 64 години живот.

Од друга страна, еднаквоста на граѓаните во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и определбата дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, Уставот ги издига на ниво на основни, темелни вредности на уставниот поредок на Републиката, од каде произлегува дека судиите се еднакви во остварувањето на нивните права и обврски при извршувањето на судиската функција, независно од нивниот пол.

При ваква состојба, според Судот, одредбите на Уставот, независно во кој оддел од нормативниот дел на Уставот припаѓаат содржински, треба да се интерпретираат на начин кој значи афирмација на основните темелни уставни вредности, затоа што уставното регулирање на слободите и правата на граѓаните претставува доказ за тоа дека слободите и правата имаат цврст правен режим, односно дека нивното димензионирање зависи од уставотворецот, а не од законодавецот како изведена власт.

Во оваа смисла, одредбите на Уставот кои се однесуваат на пропишување основи за престанок на судиската функција, треба да се толкуваат во духот на гарантираните граѓански и политички слободи и права на граѓаните во Република Македонија, во насока на целосна имплементација на начелото на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, особено во однос на нивниот пол, и тоа во ситуација кога жените и мажите имаат уставно право под исти услови да извршуваат јавна функција, како што е тоа случај со судиската функција, од каде неспорно произлегува дека под исти услови и основи треба и да им престане функцијата. Уставот не дозволува полот да биде услов за вршење на оваа функција, туку само стручноста, компетентноста и одговорноста на секој судија.

Оттука, според Судот, уставната определба за исполнувањето на условите за старосна пензија, како основ за престанок на судиската функција, подразбира остварување на ова право под еднакви услови и за жените и за мажите, и дека имплементацијата на оваа уставна одредба не смее да се условува од законска одредба која прави разлика помеѓу граѓаните по пол во сферата на пензиското и инвалидското осигурување. Ова од причина што законската регулатива со која различно се утврдува правото на стекнување на услови за старосна пензија за мажите и жените има своја уставна оправданост во принципот на афирмативна акција, односно позитивна дискриминација на жената, затоа што утврдувањето на поповолни услови односно скратувањето на годините на старост на жената работник за остварување на право на старосна пензија е во функција на остварување на еднаквост со мажот. Меѓутоа, правото на остварување старосна пензија не смее да се поистоветува со правото на работа, поради што исполнувањето на услови за старосна пензија под различни услови за мажот и жената, само по себе, не смее да биде основ за престанок на функцијата по сила на закон.

Поради наведеното, според Судот, преземањето во Законот за судовите на уставната одредба која ги утврдува основите за престанок на судиската функција поради исполнување услови за старосна пензија, без разработката на начинот на остварување на ова право во согласност со основните принципи и начела за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, значи тесно толкување на Уставот од страна на законодавецот, што пак од своја страна води кон неадекватно имплементирање на Уставот и промовирање нерамноправност на граѓаните по основ на пол, која се рефлектира на правото на работа, поради што Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите со членовите 9 и 32 од Уставот.

7. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот на Република Македонија и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У. бр. 37/2008, го поништи член 81-в алинеја 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005), со што наведената одредба повеќе не претставува дел од правниот поредок во Република Македонија.

Со оглед дека со иницијативата се оспорува член 81-в алинеја 6 од Законот за државните службеници, односно одредба која не е дел од правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за оценување на иницијативата во овој дел, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во тој дел.

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.124/2008
5 ноември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски