124/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 септември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.1399 донесена од Одборот на директори при „Хелматекс“ АД Струмица, на 15 септември 2005 година.

2. Основната синдикална организација при „Хелматекс“ АД Струмица претставена од претседателот Маре Тиродиева на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одлука на работниците кои имале боледување помалку од 15 дена во периодот од 1 јануари 2005 година до 31 август 2005 година им се покачувала вредноста на бодот за 4% на платата почнувајќи од месец август па натаму, а додека за останатите работници кои во истиот временски период користеле боледување повеќе од 15 дена немало покачување на платата. Ова било спротивно на членовите 69 и 72 од поранешниот Закон за работните односи кој важел во времето на донесувањето на оспорената одлука, членот 43 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, како и членовите 105 и 112 од сегашниот Закон за работните односи.

Подносителот на иницијативата смета дека начинот на исплатата се регулирал со закон, колективен договор и договор за работа, а не како што било сторено со оспорената одлука која исто така била спротивна и на член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закокн и со колективни договори.

3. Судот на седницата утврди дека Одборот на директори при „Хелматекс“ АД Струмица, на 15 септември 2005 година ја донесе Одлуката под бр.1399.

Според членот 1 од оспорената одлука, поради големите проблеми што се јавија во процесот на производството при самото работење, посебно во периодот јануари-август 2005 година, и обврските спрема странските и домашни купувачи за предиво, фротир и доработка на јоги навлаки не ќе можат да се исполнат во целост.

Сето ова произлегува главно од големата отсутност на работници кои се на боледување кој број драстично порасна во периодот јуни-август 2005 година.

Според членот 2 од оспорената одлука, Заради стимулирање на редовноста во работењето и за постигање на бараните резултати, на работниците кои имаат боледување помалку од 15 дена во периодот од 1.01.2005 до 31.08.2005 година, да им се покачи вредноста на бодот за 4% на платата, почнувајќи од месец август па натаму.
На сите останати работници платата да им остане иста.

Според членот 3 од Одлуката, се задолжува финансискиот секотр при АД да постапи според горенаведената одлука, а според членот 4, оваа одлука стапува во сила со денот на донесувањето.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од наведената уставна одредба, Судот утврди дека оспорената Одлука на „Хелматекс“ АД Струмица, не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија.

Имено овој акт не е пропис затоа што не е донесен од орган на државната власт, ниту од организација или институција што врши јавни овластувања доверени со закон, туку е донесен од акционерско друштво, конкретно од АД „Хелматекс“ Струмица и уредува прашања од интерен карактер на Друштвото.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, Уставниот суд утврди дека не е надлежен да одлучува за барањето во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.124/2006
13 септември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи