123/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 октомври 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 111/2000, 4/2001, 71/2001, 23/2002, 55/2004, 30/2006, 137/2006 и 26/2007), донесен од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, во Законот за здравственото осигурување немало правен основ за тоа Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија да го донесе оспорениот правилник. Понатаму, се наведува дека при нормирањето на оспорениот правилник не биле почитувани Одлуките на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр. 173/2000, У.бр. 45/2006 и У.бр.109/2009, со кои биле укинати одделни одредби од Законот за здравственото осигурување.

Одредбите од оспорениот правилник кои се однесувале на остварување на правата од примарната здравствена заштита (членовите 13-51), остварување на правата од специјалистичко консултативна здравствена заштита (членовите 52-58), остварување на правата од болничка здравствена заштита (членовите 59-72), остварување на правата на вештачко оплодување (член 72-а), остварување на право на медицинска рехабилитација (членовите 73-76), оставрување на право на протези и други ортопедски помагала (член 78), остварување на право на лекување во странство (член 79) и остварување на права на парични надоместоци (членовите 80-97), не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 8, член 9, член 34 став 1, член 39, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот; член 49, член 55, член 56 став 1 и член 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и со член 56 став 1 алинеја 3 од Законот за здравственото осигурување.

При одлучувањето по оваа иницијатива, подносителот на истата предлага да се има предвид и Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр. 85/2009 со која се укинати член 5 став 3 и член 6 од Правилникот за начинот на плаќањето на лабораториските испитувања во специјалистичко-консултативна здравствена заштита по упат на избран лекар.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот правилник и истиот да го укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека со Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување (во текстот во кој се оспорува), во согласност со Законот за здравственото осигурување, поблиску се уредуваат содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Правилникот има 98 члена, поделени во 13 глави: Општи одредби (членови 1-3); Утврдување својство на осигурено лице (членови 4 -9); Докажување на својство на осигурено лице (членови 10-12); Остварување на правата од примарната здравствена заштита (членови 13-51); Остварување на правата од специјалистичко консултативна здравствена заштита (членови 52-58); Остварување на правата од болничка здравствена заштита (членови 59-72); Остварување на право на вештачко оплодување (член 72-а); Остварување на право на медицинска рехабилитација (членови 73-76); Обдукција на умрени (член 77); Остварување на право на протези и други ортопедски помагала (член 78); Остварување на право на лекување во странство (член 79); Остварување на права на парични надоместоци (членови 80-97) и Преодни и завршни одредби (член 98).

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Фондот за здравствено осигурување на Македонија, со свој акт бр. 03-14631/2 од 20.09.2011 година, го извести Уставниот суд на Република Македонија, дека по објавувањето на пречистениот текст на Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2007), во кој текст се оспорува Правилникот, Правилникот претрпел уште 17 измени и дополнувања, кои се соодветно објавени („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2008, 64/2008, 128/2008, 164/2008, 7/2009, 22/2009, 73/2009, 116/2009, 139/2009, 140/2009, 9/2010, 13/2010, 44/2010, 81/2010, 105/2010, 154/2010 и 171/2010).

Управниот одбор на Фондот, на седницата одржана на 12 јули 2011 година, донел нов Правилник за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.105/2011).

Според член 98 од овој правилник, со денот на влегувањето во сила на овој правилник, престанува да важи Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 111/2000, 4/2001, 71/2001, 23/2002, 55/2004, 30/2006, 137/2006, 26/2007, 59/2008, 64/2008, 128/2008, 164/2008, 7/2009, 22/2009, 73/2009, 116/2009, 139/2009, 140/2009, 9/2010, 13/2010, 44/2010, 81/2010, 105/2010, 154/2010 и 171/2010), освен одредбите на член 67 став 1 и член 68 став 1, кои ќе се применуваат до 31.12.2011 година.

Според член 99 на овој правилник, истиот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 септември 2011 година.

Правилникот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 105 од 1 август 2011 година.
Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека оспорениот правилник престанал да важи и не е повеќе дел од правниот поредок на Република Македонија, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата .

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.123/2011
19 октомври 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски