123/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 ноември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 25 став 1 точка 5 во делот „и тоа само за делот на недвижноста кој би го наследил според Законот за наследување и без давање на издршката„ од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 92/2007 и 102/2008).

2. Кирил Георгиевски адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведениот член од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 9 од Уставот со кој се гарантирала еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите. Ова затоа што сродникот од прв наследен ред како давател на доживотното издржување се доведувал во нееднаква правна положба во однос на сродникот од истиот наследен ред како наследник односно како примател на подарокот, затоа што се ослободувал од плаќање данок само за делот кој би го наследил според Законот за наследување, додека наследникот и примателот на подарокот биле ослободени од плаќање данок и за останатиот дел од недвижниот имот кој му се пренесувал.

3. Судот на седницата утврди дека во член 25 став 1 точка 5 од Законот за даноците на имот, данок на промет на недвижности не се плаќа кога правото на сопственост на недвижноста се пренесува на давателот на доживотното издржување, кој во однос на примателот на издржувањето се наоѓа во прв наследен ред и тоа само за делот на недвижноста кој би го наследил според Законот за наследување и без давање на издршката.

4. Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувњето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со Законот за даноците на имот се уредува начинот на оданочувањето на следните видови даноци на имот: данок на имот; данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности, при што за секој од предвидените даноци е утврден даночниот обврзник, даночната основа, како и даночното ослободување и олеснување.

Според член 17 став 1 точка 1 од Законот, данок на наследство и подарок не плаќа наследникот, односно примателот на подарок од прв наследен ред.

Во делот 3 „Данок на промет на недвижности„ од Законот, односно во член 19, предмет на оданочување е определено дека на остварениот промет на недвижност се плаќа данок на промет на недвижности. Под промет на недвижности, во смисла на овој закон се смета преносот со надоместок на правото на сопственост на недвижност, замена на една за друга недвижност, како и друг начин на стекнување на недвижност со надоместок меѓу правни и физички лица.

Во членот 20 од наведениот закон во кој е утврдено кој е обврзник на данокот на промет на недвижности во точката 5 е утврено „ако правото на сопственост на недвижноста се пренесува врз основа на договор за доживотно издржување даночен обврзник е примателот на недвижноста.

Согласно оспорениот член 25 став 1 точка 5 од Законот примателот на недвижноста по основ на договор за доживотна издршка не плаќа данок на промет на недвижноста кога правото на сопственост на недвижноста се пренесува на давателот на доживотното издржување кој во однос на примателот на издршката се наоѓа во прв налседен ред и тоа само за делот на недвижноста кој би го наследил според Законот за налседување и без давање на издршка.

Од анализата на наведените уставни одредби како и одредбите од Законот за даноците на имот произлегува дека право е на законодавецот да ги утврди даноците и другите јавни давачки и дека ова право не е ограничено ниту во поглед на предметот на оданочување ниту во поглед на субјектите, при што, во рамките на остварувањето на ова право законодавецот е должен воведувањето, начинот на пресметувањето, олеснувањето и ослободувањето да го уреди на начин според кој субјектите задолжени со одредена давачка нема да ги доведе во нееднаква положба.

Тргнувајќи од наведеното, а во насока на почитување на уставното начело на еднаквост, Судот оцени дека законодавеацот со право како даночен обврзник на данок на промет на недвижности го утврдил и давателот на издршка, односно примателот на недвижноста од прв наследен ред за делот што тој не би можел да го наследи согласно Заканот за наследување. Давателот на издршка од прв наследен ред е ослободен од данок на промет на недвижност за делот што тој би го наседил и без давање на издршка.

Поаѓајќи од изнесеното, Судот оцени дека во конкретниов случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од член 25 став 1 точка 5 од Законот со одредбите на Уставот.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.123/2008
26 ноември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски