123/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 100-а став 1 во делот “и да не е постаро од 45 години” од Законот за семејството (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1992, 9/1996 и 38/2004) и членот 38 од Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2004).

2. Раде Ненадиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на одредбите од законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членот 100-а став 1 од Законот, во оспорениот дел со кој се ограничувала можноста за посвојување на дете на лица постари од 45 години бил во спротивност со член 9, член 41 и член 54 од Уставот, затоа што со него се правела дискриминација на граѓаните по основ на старосната граница, а истовремено се ограничувало и родителското право, односно правото на човекот слободно да одлучува за создавање на деца. Според подносителот на иницијативата посвојувањето на дете било чин изедначен со создавањето на дете.

Оспорениот член 38 од Законот не бил во согласност со член 52 став 4 од Уставот затоа што според тој член овој закон имал повратно дејство иако не бил поповолен за граѓаните од претходниот закон, односно од Законот што важел до неговото влегување во сила.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 100-а став 1 од Законот, посвоител може да биде лице кое е деловно способно, кое има лични својства за успешно вршење на родителските права и да не е постро од 45 години (оспорен дел).

Според оспорениот член 38 од Законот, постапките за посвојувањето започнати пред денот на влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат според одредбите на овој закон.

4. Согласно членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 41 став 1 од Уставот, на кој подносителот на иницијативата, исто така се повикува, е утврдено дека право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца.

Согласно член 40 став 1 од Уставот, Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Во ставот 2 на истиот член од Уставот е утврдено дека правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон, а во ставот 3 од овој член од Уставот е утврдено дека Републиката обезбедува посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа. Освен тоа, според членот 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува, покрај мајчинството, децата и малолетните лица.

Согласно уставното овластување, бракот и семејството, одредени облици на посебна заштита на семејството, нарушените односи и насилството во бракот и семејството, посвојувањето, старателството и други прашања, се уредени со Законот за семејството (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1992, 9/1996 и 38/2004), чии одредби се оспоруваат со оваа иницијатива. Пречистен текст на Законот за семејството е објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.83/2004.

Институтот посвојување, како посебен облик на заштита на децата, а особено на децата без родители и без родителска грижа, е уреден во четвртиот дел на овој закон, кој ги опфаќа членовите од 95 до 123.

Според членот 95 став 1 од Законот, со посвојувањето се создаваат односи какви што настануваат со раѓањето (потполно посвојување) или само односи што постојат меѓу родители и деца (непотполно посвојување). Според ставот 2 на овој член од Законот, каков однос ќе се создаде со посвојувањето зависи од волјата на посвоителот, на родителите на детето кое се посвојува, односно на неговиот старател и на самото дете ако е постаро од дванаесет години.

Според членот 97 од Законот, посвојувањето може да се заснова само ако е во согласност со најдобриот интерес на малолетникот. Посвојувањето се засновува пред Комисијата за засновање на посвојување при Министерството за труд и социјална политика.

Во членовите 100-а, 100-б и 100-в од Законот (со кои се заменува дотогашниот член 100) се утврдени условите за посвојување меѓу кои е и старосната граница на посвоителот. Така, во членот 100-а став 1 е утврдено дека посвоител може да биде лице кое е деловно способно, кое има лични својства за успешно вршење на родителските права и да не е постаро од 45 години. Според ставот 2 на овој член, посвоител може да биде лице најмалку 18 години постаро од посвоеникот. Според ставот 3, по исклучок од ставот 1 на овој член, како посвоител може да се јави и лице кое е постаро од 45 години, но старосната граница меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години. Според ставот 5 на овој член од Законот, брачни другари можат да се јават како посвоители ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница.

Во членот 100-б е утврдено дека кога детето го посвојува брачниот другар на родителот на детето, детето може да биде посвоено без разлика на старосните граници утврдени во членот 100-а на овој закон.

Според членот 100-в од Законот, по исклучок од членот 100-а ставовите 1 и 4 на овој закон како посвоител може да се јави и лице или брачни другари кои ја надминуваат горната граница на старост, доколку се посвојува брат или сестра на детето кое е веќе посвоено.

Од наведените и другите одредби на Законот произлегува дека основната интенција на законодавецот е со институтот посвојување да се обезбеди пред се заштита на потребите, интересите и правата на детето и тоа со можност за создавање на такви односи меѓу посвоителот и посвоеникот какви што настануваат со раѓањето, како замена на биолошкото семејство.

Оттука, ако Републиката согласно Уставот посебно ги заштитува децата и обезбедува посебна заштита на децата без родители и без родителска грижа, а институтот посвојување е само еден од облиците преку кој Републиката ја обезбедува заштитата на децата, според Судот сосема оправдано и основано е таа со закон да ги определува и условите под кои се заснова посвојувањето. Во тие рамки Републиката има право, раководејќи се од определени критериуми и согледувања, да ја определи и старосната граница на лицата кои можат да бидат посвоители што како посебен услов е утврдена во членот 100-а и другите членови од Законот.

Имајќи го предвид наведеното, а со оглед на тоа што горната старосна граница од 45 години утврдена во оспорениот дел на членот 100-а став 1 од Законот е само еден од условите што треба да ги исполнува лицето кое може да биде посвоител, кој еднакво важи и се однесува за сите, а не за одделни граѓани, Судот утврди дека во конкретниот случај не станува збор за дискриминација на граѓаните по кој било основ од членот 9 на Уставот, поради што оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба на членот 100-а став 1 од Законот со овој член од Уставот.

Прашањето за согласноста на оваа оспорена одредба од Законот не може да се постави ни во однос на членот 41 став 1 од Уставот, затоа што според Судот причините поради кои во иницијативата се оспорува нејзината согласност со овој член од Уставот се неосновани, со оглед на тоа што посвојувањето на дете не може да се изедначува со раѓање, односно создавање на деца во смисла на наведениот член од Уставот, како што смета подносителот на иницијативата.

Разгледувајќи го оспорениот член 38 од Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2002) според кој новите правила што се утврдени во овој закон ќе се применуваат на постапките за посвојување кои се започнати пред денот на неговото влегување во сила, Судот утврди дека овој член од Законот нема повратно дејство затоа што не се однесува на односи кои се завршени или настанале пред влегувањето во сила на овој закон. Напротив, овој член се однесува на незавршени односи, конкретно на незавршени постапки за посвојување на дете во кои случаи посвојувањето се уште не е засновано, односно се уште не се востановени односи меѓу посвоителот и посвоеникот.

Од тие причини Судот оцени дека оспорениот член 38 од Законот не е во несогласност со членот 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, во однос на кој се оспорува неговата уставност.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.123/2004
1 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова