123/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за извршување на буџетот на Република Македонија за 1996 година (“Службен весник на РМ” бр.64/95).

2. Група референти – матичари од месните канцеларии на Министерството за правда од општините Битола, Охрид, Прилеп и Македонски Брод, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, од причина што со оспорениот акт се воведувал лимитиран надоместок за превоз до и од работното место, во висина која не одговара на реално потребните и сторени трошоци, зависно од местото на живеење.

3. На седницата Судот утврди дека оспорениот закон се однесува на извршување на буџетот на Република Македонија само за 1996 година.

Имајќи предвид дека согласно член 31 од оспорениот закон, буџетот се извршува од 1 јануари до 31 декември 1996 година, Судот утврди дека оспорениот акт има времен карактер и истиот престанал да важи со донесувањето Закон за извршување на буџетот за следната година, т.е. за 1997 година.

4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по неа.

Со оглед на тоа што оспорениот закон престанал да важи пред иницијативата да биде поднесена, односно евентуално да биде поведена постапка за оценување на неговата уставност, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по неа, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.123/99
15 септември 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков