122/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 02 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1 НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 266-б став 4 точка 5 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија„ број 65/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009,130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 54/2013, 170/2013 и 187/2013)

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, предсетателот и членовите на прекршочната комисија имале колективна, а не индивидуална одговорност во водењето на прекршочните постапки и во одлучувањето, па оттука во управниот спор против решенијата на прекршочната комисија со кои се изрекува прекршочна санкција, со одлука на надлежниот суд, можело во оценката за неправилности и во водената прекршочна постапка или незаконитоста на решението на комисијата, да се исклучи можноста поединечно, член на прекршочната комисија да биде разрешен поради водењето на прекршочната постапка во рамките на вршењето на надлежноста на комисијата.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорената одредба била непрецизна и нејасна, од причина што од истата не можело да се утврди кој орган ја донесува правосилната одлука со која се утврдувало дека биле прекршени прописите за водење на прекршочната постапка.

Поради наведените причини, според иницијативата оспорената одредба на член 266-б став 4 точка 5 од Законот, не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија и се бара оспорената одредба да биде укината или понишетена.

3.Судот на седница утврди дека според член 266-б став 1 од овој закон, Прекршочна комисија формира министерот надлежен за работите од областа на трудот. Министерот може да формира повеќе прекршочни комисии кои ќе бидат надлежни за водење на прекршочна постапка за одделни области или за одделни подрачја на Република Македонија. Според ставот 2 од овој член, Прекршочната комисија е составена од претседател и два члена од редот на државните службеници вработени во органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот. Претседателот на комисијата е дипломиран правник со положен правосуден испит. Согласно ставот 3 од овој член, Прекршочната комисија се избира за време траење од три години со право на реизбор на членовите. Според оспорениот став 4 од овој член, претседателот и член на Прекршочната комисија може да се разреши: со истекот на времето за кое е именуван за член; по негово барање; со исполнување на условите за старосна пензија согласно со закон; ако му се утврди трајна неспособност; ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочна постапка со правосилна одлука (оспорена точка); ако не ги исполнува обврските кои произлегуваат од работењето во Прекршочната комисија и ако не пријавил постоење конфликт на интерси за случај за кој решава Прекршочната комисија. Согласно ставот 5 од овој член, Прекршочната комисија има право да изведува докази и собира податоци кои се неопходни за утврдување на прекршокот, како и да врши други работи и презема дејствија утврдени со овој закон, Закон за прекршоците или друг закон. Според ставот 6 од овој член, членовите на Прекршочната комисија се самостојни и независни во работата на Прекршочната комисија и одлучуваат врз основа на своето стручно знаење и самостојно убедување. Согласно ставот 7 од овој член, Прекршочната комисија работи на седница, а одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови. Според ставот 8 од овој член, министерот надлежен за работите од областа на трудот донесува деловник и трошковник за работа на Комисијата за прекршоци. Согласно ставот 9 од овој член, Прекршочната комисија води единствена евиденција на прекршоците, изречените санкции и донесените одлуки на начин пропишан од министерот надлежен за работите од областа на трудот.

4.Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија,една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, како составен дел на овој уставен принцип.

Согласно Амандман XX од Уставот на Република Македонија за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Во член 32 став 5 од Уставот е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во член 51 став 1 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 49 став 1 од Законот за организација и работа на органите на дrжавната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011) министерот го претставува министерството и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите и задачите, донесува прописи и други акти за кои е овластен и презема други мерки од надлежност на министерството во согласност со закон, одлучува за правата, должностите и одговорностите на државните службеници и други лица вработени во министерството кои немаат статус на државни служbеници, доколку со закон не е поинаку определено.

Согласно член 266-а став 1 од Законот, Прекршочна комисија формира министерот надлежен за работите од областа на трудот. Министерот може да формира повеќе прекршочни комисии кои ќе бидат надлежни за водење на прекршочна постапка за одделни области или за одделни подрачја на Република Македонија. Според ставот 2 од овој член, Прекршочната комисија е составена од претседател и два члена од редот на државните службеници вработени во органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот. Претседателот на комисијата е дипломиран правник со положен правосуден испит. Согласно ставот 3 од овој член, Прекршочната комисија се избира за време траење од три години со право на реизбор на членовите. Според оспорениот став 4 од овој член, претседателот и член на Прекршочната комисија може да се разреши покрај другото ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочна постапка со правосилна одлука; (оспорена точка 5)

Од анализата на уставните норми и целината на Законот, а во корелација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот, односно членот 266-б став 4 точка 5 не е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија. Ова, од причина што, според Судот, во конкретнава ситуација не може да се исклучи постоењето на можноста членовите на прекршочната комисија во меѓусебен договор на некои од членовите (бидејќи Комисијата работи во совет од тројца членови и одлучува со мнозинство на гласови од вкупниот број на гласови), свесно да направат повреда на прописите за водење на прекршочната постапка заради остварување на некаков поединечен или заемен интерес со повреда на законот, а кој би се докажал во една законска легитимна постапка што ќе заврши со правосилна одлука.

По однос на наводите во иницијативата дека оспорената одредба не е јасна и прецизна, бидејќи не можело да се утврди за каква одлука се работи, односно кој ја донесува истата, поради што ваквата норма не може да најде примена во правниот поредок на Република Македонија, со што се доведувало во прашање примената на една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според Судот, истите се неосновани. Ова од причина што од содржината на Амандманот XX од Уставот на Република Македонија, како и од целината на Законот и на самата оспорена одредба јасно и недвосмислено произлегува дека во конкретниов случај станува збор за правосилна одлука, која ја донесува надлежен орган одлучувајќи за прекршувањето на прописите за водење на прекршочната постапка сторено од страна на член на Прекршочната комисија. Имено, токму со ова законско решение се почитува заштита под услови и постапка уредена со закон која се гарантира со наведениот уставен амандман.

Со членот 266-б став 4 точка 5 од Законот за работните односи, при работа се дава можност, односно дискреционо право на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот, кој всушност и го избрал, да може да го разреши членот, односно членовите на прекршочната комисија, без да ја разреши целата комисија, ако направат злоупотреба на своите овластувања и позиција како членови на прекршочната комисија и предизвикаат повреда во водењето на прекршочната постапка со донесување на незаконска одлука која понатаму може да предизвика штета, што е во рамките на неговите надлежности, а во смисла на член 49 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Имено, позицијата на членовите на прекршочната комисија уредена со закон како самостојни и независни во работата и работата во совет со можност да донесуваaт одлуки со мнозинство гласови од вкупниот број на членови, дава можност член на прекршочната комисија заради некаков интерес да може да стори повреда на прекршочната постапка и да одлучува во донесување на незаконска одлука или од небрежност да направи повреда на прекршочната постапка, а со тоа да се донесе незаконска одлука која може да предизвика штета.

Во таа смисла, со членот 266-б став 4 точка 5 од Законот за работните односи при работа се дава можност на надлежниот орган, односно министерот да може да делува кога има злоупотреба на овластувањата во работата на членот, односно членовите на прекршочната комисија, која злоупотреба со правосилна судска одлука е утврдена, без при тоа да ја разреши целата комисија се со цел да го заштити законското работење на најмалку еден член и истовремено да овозможи непречено вршење на задачата што ја има оваа Комисија согласно одредбите од Законот за работните односи.

Поради наведеното, сметаме дека оспорената одредба од членот 266-б став 4 точка 5 од Законот е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.122/2013
2.04.2014 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева