122/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 и 9 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 58 став 1 точка 4 и член 85 став 2, во делот

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, правните последици од осудата неможе да настапуваат автоматски по сила на закон, туку тоа можело да се прави само со правосилна судска одлука. Со оглед на тоа што со оспорената одредба на член 58 став 1 точка 4 од Законот на јавното обвинителство, правните последици од осудата настапувале по сила на законот, а не како казна забрана што ја извршува судот во рамките на видовите на казни, односно санкции, подносителот на иницијативата смета дека истата не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14, член 23, член 32 став 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 98 став 1 и 2 од Уставот.

Во еден дел законската одредба, според подносителот на иницијативата, се создавала правна несигурност како елемент на принципот на владеење на правото и нарушување на уставното начело на презумпција на невиноста, принципот на казнување. Оттука, делот „непримерен“ за извршување на функцијата јавен обвинител не содржи прецизен опис на кривични дела.

Оспорениот дел од членот 85 став 2 од Законот за јавното обвинителство, според подносителот на иницијативата, нема уставна основа, од причина што во Законот не се содржани никакви критериуми во однос на овие прашања. Оттука, со оспорениот законски дел се повредувал член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утвреди дека во член 58 од Законот за јавното обвинителство, се предвидува дека јавниот обвинител и заменикот на јавниот обвинител се разрешува:

1) кога сам ќе го побара тоа;
2) кога трајно ќе ја загуби психофизичката способност за вршење на функцијата во јавното обвинителство, што го утврдува Советот на јавните обвинители, врз основа на документација со наод и мислење на надлежна здравствена комисија;
3) кога ќе ги исполни условите за старосна пензија;
4) кога е осуден за кривично дело сторено со злоупотреба на својата функција или за друго кривично дело на казна затвор подолга од шест месеци, или на пократка казна затвор или друга кривична санкција за кривично дело кое го прави непримерен за извршување на функцијата јавен обвинител или заменик на јавниот обвинител;
5) кога ќе се утврди дека извршил потешка дисциплинска повреда на функцијата јавен обвинител или заменик јавен обвинител утврдена со закон, со што го нарушил угледот на функцијата на јавното обвинителство и
6) кога ќе се утврди дека нестручно работи и покажува незадоволителни резултати во вршење на функцијата.

Предлогот за разрешување на замениците на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија и на основните и вишите јавни обвинители и нивните заменици до Собранието на Република Македонија го доставува Јавниот обвинител на Република Македонија.

Предлогот за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија до Собранието на Република Македонија го доставува Владата на Република Македонија.

Според член 85 од истиот Закон, Јавниот обвинител на Република Македонија ќе донесе Правилник за внатрешното работење на јавните обвинителства, Правилнк за дисциплиснката одговорност и утврдување на нестручно вршење на работата и покажување на незадоволителни резултати на јавните обвинители и на замениците на јавните обвинители, Правилник за мерилата и критериумите за распределба на средствата од Буџетот на Република Македонија по обвинителства и Правилник за утврдување на критериуми за оцена на работата на јавните обвинител и замениците на јавните обвинители во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Министерот за правда ќе донесе Правилник за утврдување на висината на надоместокот за дежурствата, Правилник за образецот и постапката за издавање и одземање на службена легитимација, Правилник за изгледот и условите по кои се носи тогата, како и акти за користењето на посебните права на јавните обвинители и замениците на јавните обвинители во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Советот на јавните обвинители ќе се конституира во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

5. Согласно членот 8 став 1 алиените 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се ендакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определенок дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обебедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на истиот член од Уставот, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 3 на истио член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се доенсува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 106 став 1 од Уставот Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон.

Согласно Амандман XXX точка 1 од Уставот, Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители.

Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Јавниот обвинител на Република Македонија го именува и разрешува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување.

Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот.

При изборот на јавните обвинители ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

За разрешување на јавните обвинители одлучува Советот.

Надлежноста, составот и структурата на Советот, мандатот на неговите членови, како и основите и постапката за разрешување на член на Советот се уредува со закон.

Основите и постапката за престанок и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители се уредува со закон.

Функцијата Јавен обвинител на Република Македонија и јавен обвинител е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон.

Се забранува политичко организирање и дејствување во јавното обвинителство.

Со членот 1 од Законот за јавното обвинителство се утврдува дека со овој закон се уредува основањето, организацијата и надлежностите на Јавното обвинителство, се определуваат подрачјата и седиштата на јавните обвинителства и се утврдуваат условите и постапката за именување и разрешување на јавни обвинители и заменици на јавните обвинители, како и други прашања во врска со работата на Јавното обвинителство.

Во точката 5 од Законот со наслов „Престанок на функцијата и разрешување“ е содржан оспорениот член 58 од Законот во кој меѓу другите основи за престанок и разрешување е содржан и основот (сега оспорен) дека јавниот обвинител и заменикот на јавниот обвинител се разрешува кога е осуден за кривично дело сторено со злоупотреба на својата функција или за друго кривично дело на казна затвор подолга од шест месеци или на пократка казна затвор или друга кривична санкција за кривично дело кое го прави непримерен за извршување на функцијата јавен обвинител или заменик на јавниот обвинител.

Од содржината на оспорениот дел од законската одредба, според Судот, произлегува дека со оваа одредба не се дозволува јавниот обвинител, односно заменикот на јавниот обвинител да ја врши својата функција, која по суштина е јавна, доколку истиот е осуден со правосилна судска одлука, што имало за последица престанок на мандатот на јавниот обвинител.

Во оспорената законска одредба децидно се наведени условите, односно основите за престанок на мандатот на јавниот обвинител, односно заменикот на јавниот обвинител, што е во согласност со Амандман XXX од Уставот во кој е предвидено дека основите и постапката за престанок и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители се уредува со закон. Оттука, интенцијата на законодавецот била со оспорената законска одредба да се уредат основите и постапката за престанок на функцијата јавен обвинител и заменик на јавниот обвинител.

Основот, односно условот за престанок на мандатот на јавниот обвинител и заменикот на јавниот обвинител кога истиот е осуден за кривично дело сторено со злоупотреба на својата функција или за друго кривично дело на казна затвор подолго од шест месеци или на пократка казна затвор или друга кривична санкција за кривично дело кое го чини непримерен за извршување на својата функција, според Судот, произлегува од потребата со закон да бидат уредени прашањата за постоење на подобност на лицето за ефикасно вршење на функцијата јавен обвинител, односно заменик на јавниот обвинител. Имено, Судот оцени дека предвидениот основ, кој со иницијативата се оспорува, ја исклучува можноста да се јават елементи на сомнение што би го направиле јавниот обвинител, односно заменик на јавниот обвинител, недостоен за вршење на ова мошне важна функција дотолку повеќе што тоа би било основ со кој јавниот обвинител би го изгубил кредибилитетот за вршење на оваа јавна функција која е мошне важна за гонење на другите сторители на кривични дела, а истовремено во одредени ситуации во конкретниов случај и би значело фактичка неможност да ја извршува функцијата.

Од анализата на оспорената законска одредба, според Судот, јасно произлегува дека во конкретниов случај не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека во истата станува збор за повреда на принципот на презумпција на невиноста на лицето утврден во членот 13 став 1 од Уставот, ниту пак за повреда на начелото на законитост во казненото право изразено преку забраната за казнување утврдена во член 14 став 1 од Уставот. Според Судот, оспорениот основ на членот 58 од Законот се однесува на лице кое веќе ја врши функцијата јавен обвинител, односно заменик на јавниот обвинител и на кого мандатот му престанува заради негово осудување во периодот додека ја врши таа функција, а не како правна последица од правосилна судска пресуда. Оттука, ова претставува услов за престанок на мандатот поради осуда со правосилна судска пресуда, бидејќи такво лице не може да дава гаранција дека Јавното обвинителство успешно ќе функционира. Со оглед на тоа, Судот оцени дека оспорената одредба е во функција на гаранција на успешно обавување на функцијата на институцијата Јавно обвинителство. Токму од овие причини, според Судот, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорената законска одредба не била во согласност со утврдените принципи во членовите 13 и 14 од Уставот. Имено, во конкретниов случај не се работи за правни последици од осудата кои настапуваат по сила на законот, од која претпоставка се раководел подносителот на иницијативата оспорувајќи го овој дел од законската одредба, туку дека лицето во овој случај наведената функција не може да ја врши не како правна последица од осудата по сила на законот, туку како последица од казната што со правосилна судска одлука ја изрекол судот.

Тргнувајќи од овластувањето дадено во член 106 став 1 од Уставот и Амандман XXX на Уставот, право на законодавецот е со закон да ја обезбеди и гарантира самостојноста и независноста на државниот орган – јавното обвинителство, преку издигање кредибилитет на Јавното обвинителство со состав на јавни обвинители и заменици на јавните обвинители кои би можеле законито и квалитетно да ја извршуваат својата функција согласно со Уставот и законите, уредувајќи ги токму за таа цел и основите поради кои на јавниот обвинител, односно на заменикот на јавниот обвинител му престанува мандатот, односно поради кои истиот се разрешува. Ваквата законска одредба, според Судот е во согласност со одредбите од Уставот и истата ги афирмира уставно определените вредности и начела.

Што се однесува до оспорениот дел на став 2 на член 85 од Законот за јавното обвинителство, Судот оцени дека ниту по однос на оваа одредба не може да се изрази сомнение на нејзината согласност со Уставот. Имено, ова од причина што обрската министерот за правда да донесе Правилник за утврдување на висината на надометокот за дежурство на јавните обвинители, претставува само операционализација на законот. Ова од причини што со овој правилник министерот за правда (извршната власт) не воспоставува право на надоместок, туку само ја определува висината на надоместокот за дежурства. Оттука, министерот за правда со подзаконски пропис ја разработува законската одредба, односно правото на надоместокот утврдено со Законот (од страна на законодавната власт) и подецидно ја определува висината на веќе со закон утврденото право на надоместок за дежурства на јавните обвинители.

Предвид на наведеното Судот утврди дека законското овластување со оспорената законска одредба на членот 85 став 2 од Законот не претставува повреда на член 8 став 1 точка 4 и членовите 95 и 96 од Уставот, бидејќи нема повреда на принципот на поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а по однос на член 58 став 1 точка 4 од Законот решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.122/2006
8 и 9 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи