12/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 45-а став 2 алинеја 2 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 35/2008 и 150/2010).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 45 став 1 алинеја 4 од Законот означен во точка 1 на ова решение.

3. Воислав Стојановски од Скопје и Борко Бајалски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот Воислав Стојановски, со оспорените одредби се повредувале член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11 и став 2, член 9 став 2, член 16 ставовите 1, 2 и 3, член 23, член 25. член 32 став 2, член 51, член 52 став 4, член 54 ставовите 1, 3 и 4, член 112 став 1 и член 118 од Уставот.

Одредбата од член 45 став 1 алинеја 4 од Законот во практичната примена ќе доведела до директна дискриминација и нееднаквост на поголем број групи на граѓани во однос на пристапот до работното место судија.

Првата и најочигледна форма на дискриминација се однесувала на нееднаквиот третман на дипломирани правници кои дипломата ја стекнале во Република Македонија наспроти оние кои дипломата ја стекнале во странство. Од оспорената одредба произлегувало дека дипломираните правници кои се стекнале со диплома од правен факултет во странство и истата ја нострифицирале, без разлика на просекот кој го стекнале за време на студиите (во прв или втор циклус), автоматски го исполнувале условот за избор за судија и се ставале на исто рамниште како и дипломираните правници кои се стекнале со диплома од правен факултет во Република Македонија, за кои клучен фактор за пристап до работното место судија е просекот осум од студирањето.

Втората форма на дискриминација која доведувала до целосно исклучување на одредени групи граѓани од достапноста на работното место судија се однесувала на дипломираните правници кои дипломата ја стекнале во странаство во земји во кои ЕКТС не се спроведува (најголем број држави во светот), во земји во кои ЕКТС се спроведува, но дипломата ја стекнале пред почетокот на неговото спроведување и во земји во кои ЕКТС се спроведува во други образовани области, но не и за правни студии (пр. Германија и Унгарија). Голем број држави со висок квалитет на образовните системи (на пр. Соединетите Американски Држави, Канада, Јапонија, Австралија, Јужна Кореа) не се членки на Болоњскиот процес, па оттука произлегувало дека на граѓаните кои дипломирале или ќе дипломираат на најдобро рангираните универзитети во светот им се забранувал пристапот до работното место.

Освен тоа, Законот предвидувал минимум 300 ЕКТС кредити за дипломиран правник со нострифицирана диплома од правен факултет во странство, а во државите потписнички на Болоњскиот процес постоела разлика, во смисла некои за една година студии доделувале 60 кредити (потребни се пет години студии за стекнување на 300 кредити), а други за една година доделувале 120 кредити (за три години се стекнуваат 300 кредити), што ќе довело до разлики при утврдување на потребниот услов за судија, односно практично ќе овозможело во Република Македонија судија да се стане со 3 години (со странска дилпома и без исполнет просек), но не и како магистер (со домашна диплома, без исполнет просек).

Законот за судовите бил во директна противречност со Меѓународната повелба за економски, социјални и културни права и со Конвенцијата бр. 111 против дискриминација во областа на вработувањето и занимањето, кои се ратификувани од Република Македонија и претставуваат дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Преку формирање три групи на граѓани и утврдување дискриминаторски одредби помеѓу тие групи, како и дискриминација во форма на исклучување други групи на граѓани од еднаков пристап до работното место судија, Законот практично ги менувал постојните одредби на наведените меѓународни договори.

Во Република Македонија постоел организиран систем за стекнување и усовршување на практичните и теоретските знаења и вештини потребни за независно, самостојно, стручно и ефикасно вршење на судиската функција, што има за цел избор на најдобрите кандидати кои завршиле правни студии, се стекнале со практични познавања и искуство и посетувале организирана обука. Исклучувањето на дипломираните правници кои не го исполниле просекот осум во текот на студиите, придонесувало за нивно бесправно исклучување од пристапноста до работното место судија. Законот понатаму ќе придонел и до исклучување на потенцијалните кандидати кои припаѓаат или ќе припаѓаат во групата „истакнати правници“, а за време на студиите оствариле просек под осум. Тоа се на пример успешни и докажани адвокати, обвинители, правобранители, доктори на правни науки, правници кои работеле во некои меѓународни судови, правници кои за својата работа добиле награди, почести, признанија и тн.

Во однос на оспорениот член 45-а став 2 алинеја 2 од Законот, во иницијативата се наведува дека во Република Македонија уставно биле гарантирани слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слободата на говорот, јавното информирање и слободата на пренесување на информации. Сите овие уставно гарантирани принципи во себе содржеле слободна воља при нивното користење, што подразбирало и слободна воља на воздржување или одбивање од нивно користење. Ваквата слобода била зајакната со уставната норма која предвидувала дека на секој граѓанин му се гарантира почитување на приватноста на неговиот личен живот. Граѓанинот уживал заштита и со голем број меѓународни договори ратификувани од страна на Република Македонија – Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи (член 8), Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (член 17) и Универзалната декларација за правата на човекот (член 12). Одбивањето од страна на кандидатот да состави листа, како и на граѓаните да одбијат да бидат на таква листа или пак да изнесуваат податоци и информации за било кое лице пред државен орган, уживало своја заштита во уставната норма која предвидувала дека во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Понатаму, се наведува дека законодавецот воопшто немал право да утврдува критериуми кои некому би му наложиле да составува листа на граѓани од кои понатаму државен орган ќе бара да сведочат за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија. Како што кандидатот немал право да бара други да сведочат во негово име, така Судскиот совет на Република Македонија немал право да бара било кој граѓанин јавно да изнесува податоци и информации за било кое лице. Дури таквото право и да постоело, никој немал право да ги дели граѓаните на „подобни“ и „неподобни“ за изнесување податоци и информации во зависност од степенот на нивното образование, како што е сторено со оспорената одредба. понатаму, законодавецот целосно паушално определил критериум кој предвидува оние кои би сведочеле за кандидатот, истиот да го познаваат најмалку три години, поради што одредбата е нејасна, неприменлива, а нејзината прецизност се доведувала во прашање затоа што познанството помеѓу граѓаните не само што не смее да ја засега државата, туку неговото постоење и времетраење е невозможно да се докаже. Оттука, оваа норма не само што била недозволена и дискриминаторска, дуку доведувала и до правна несигурност помеѓу граѓаните и била во спротивност со принципот на владеењето на правото.

Според подносителот Борко Бајалски, оспорениот член 45 став 1 алинеја 4 од Законот за судовите во делот „ со просек од најмалку осум“ бил во спротивност со членовите 9 и 32 од Уставот. Имено, со тоа што како услов за одредено лице да може да биде избрано за судија, Законот одредувал да мора да има просек од најмалку осум во текот на правните студии, ги ставал граѓаните во нееднаква положба пред Законот. Законот правел неуставна диференцијација на оние граѓани кои го исполнуваат спорниот услов и на оние кои не го исполнуваат и со тоа ги повредувал уставно загарантираните права на граѓаните на слободен избор на вработување, односно слободен избор на професија.

Суштинскиот проблем на оспорената одредба бил во тоа што им го ограничува пристапот на одредена категорија граѓани до одредена професија, односно неуставноста била што селекцијата ја прави законот, а не би било спорно доколку законодавецот им даде можност на сите кандидати со завршен правен факултет и со исполнети останати законски услови, да се кандидираат за судии, а потоа во рамките на изборот на кандидатите да се направи селекција, преку разни начини и методи кои се уставни и законити.

Одредбата имала и посредно ретроактивно дејство, што било неуставно. Тоа се однесувало на оние граѓани кои ги завршиле правните студии на факултетите во државата (со просек под осум) пред спорниот закон да влезе во сила, кога постојниот закон не одредувал одредени просеци во текот на студиите, за избор на судии, а во меѓувреме, пред да се стекнат со другите законски услови (правосуден испит и тн.) законот е сменет и тие повеќе не можат да бидат кандидати за судии.

4. Судот на седницата утврди дека според член 45 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите, за судија може да биде избрано лице кое е дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование на правни студии со просек од најмалку осум или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС), со просек од најмалку осум во секој од двата циклуса на универзитетските студии или нострифицирана диплома од правен факултет во странство за стекнати 300 кредити.

Според член 45-а став 2 алинеја 2 од Законот, тестот за интегритет кој го спроведува Судскиот совет на Република Македонија се заснова врз постојните етички и професионални кодекси за вршење на функцијата судија и има за цел проверка на етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на фунцијата судија и се состои од прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија, добиени на правно релевантен начин од 15 лица избрани по случаен избор од Судскиот совет на Република Македонија од листа на 50 предложени лица од кандидатот, со најмалку завршено четиригодишно средно образование кои го познаваат кандидатот најмалку три години и кои не можат да бидат роднини со кандидатот по крв во права и странична линија до четврти степен, посвоителот и посвоеникот и роднини по сватовство до втор степен.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршење на јавни функции.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно Амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 99 став 1 од Уставот, судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот.

Согласно Амандманот XXVI со кој се заменува ставот 3 на член 99 од Уставот, на судијата му престанува судиската функција: ако тоа сам го побара; ако трајно ја загуби способноста за вршење на судиската функција, што го утврдува Судскиот совет на Република Македонија; ако ги исполни условите за старосна пензија; ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца и ако е избран или именуван на друга јавна функција, освен кога судиската функција мирува под услови утврдени со закон. Судијата се разрешува: поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.

Согласно Амандманот XXVII точка 2 , со кој се заменува ставот 3 на член 100 од Уставот, судиската функција е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на друга јавна функција или професија утврдена со закон.

Во член 100 став 4 од Уставот е утврдено дека се забранува политичко организирање и дејствување во судството.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија, согласно принципот на поделбата на власта, судската власт ја конституирал како самостојна и независна, која ја вршат судовите врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Во функција на обезбедување на принципот на независност и самостојност на судовите, Уставот, меѓу другото, утврдил траен мандат на судиите, како и неспојливоста на судската функција со вршењето на друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија.

Условите за избор на судии се утврдени со Законот за судовите. Така, според член 45 од Законот за судовите за судија може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови:
– да е државјанин на Република Македонија,
– активно да го владее македонскиот јазик,
– да е работоспособен и да има општа здравствена способност, за што се вршат здравствени прегледи,
– дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование на правни студии со просек од најмалку осум или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС), со просек од најмалку осум во секој од двата циклуса на универзитетските студии или нострифицирана диплома од правен факултет во странство за стекнати 300 кредити;
– да има положено правосуден испит во Република Македонија,
– активно да познава еден од официјалните јазици на Европската унија, од кои задолжително англискиот јазик, што се докажува со еден од следниве меѓународно признати сертификати:
1) ТОЕФЕЛ (TOEFEL) – најмалку 74 бода за електронско полагање преку
компјутер, не постар од две години од денот на издавањето на сертификатот;
2) ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода, не постар од две години од денот на
издавањето на сертификатот;
3) ТОЛЕС (TOLES) – најмалку високо ниво (higher level);
4) ИЛЕК (ILEC) – положен со успех најмалку Б 2 (Б 2) и
5) Кембриџ сертификат – најмалку Прв сертификат за англиски ФЦЕ – Б 2 ( First Certificate of English FCE – B 2),
– практична работа со компјутери и
– да ужива углед, да поседува интегритет за вршење на судиската функција и да поседува социјални способности за вршење на судиската функција, за што се спроведуваат тестови за интегритет и психолошки тестови.
Потребните видови на здравствените прегледи, формата и содржината на психолошкиот тест и тестот за интегритет, како и нивото на практичната работа со компјутери од ставот (1) алинеи 3, 7 и 8 на овој член ги уредува Судскиот совет на Република Македонија.

Актуелната содржина членот 45 од Законот ја добива со член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен. весник на Република Македонија“ бр. 150/2010 од 18.11.2010 година), каде меѓу другото, условите за избор на судија, утврдени во член 45 став 1 од Законот за судовите („Службен. весник на Република Македонија“ бр. 58/2006 и 35/2008) се дополнети со нов услов: лицето да ужива углед, да поседува интегритет за вршење на судиската функција и да поседува социјални способности за вршење на судиската функција, за што се спроведуваат тестови за интегритет и психолошки тестови (член 45 алинеја 8). Според новододадениот став 2 на овој член, потребните видови на здравствените прегледи, формата и содржината на психолошкиот тест и тестот за интегритет, како и нивото на практичната работа со компјутери од ставот 1 алинеите 3, 7 и 8 на овој член, ги уредува судскиот совет на Република Македонија.

Понатаму, со наведениот Закон за изменување и дополнување на Законот за судовите, во Законот за судовите се додава нов член 45-а, каде во ставот 2 се пропишува дека тестот за интегритет кој го спроведува Судскиот совет на Република Македонија се заснова врз постојните етички и професионални кодекси за вршење на функцијата судија и има за цел проверка на етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија и се состои од:
– тест кој се спроведува во писмена форма и анонимно, врз основа на стандардно утврдена листа на прашања и
– прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија, добиени на правно релевантен начин од 15 лица избрани по случаен избор од Судскиот совет на Република Македонија од листа на 50 предложени лица од кандидатот, со најмалку завршено четиригодишно средно образование кои го познаваат кандидатот најмалку три години и кои не можат да бидат роднини со кандидатот по крв во права и странична линија до четврти степен, посвоителот и посвоеникот и роднини по сватовство до втор степен.

Тоа значи дека законодавецот, во рамките на своите уставни овластувања да ги утврдува условите за избор на судии, досега утврдените услови за избор на судија, ги проширува и дополнува со нов услов – поседување интегритет за вршење судиска функција, за што Судскиот совет на Република Македонија спроведува тест за интегритет, кој се заснова врз постојните етички и професионални кодекси за вршење на функцијата судија и има за цел проверка на етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија.

Тестот за интегритет се состои од два дела: првиот дел се спроведува во писмена форма и анонимно, врз основа на стандардно утврдена листа на прашања, а вториот дел од тестот подразбира прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија.

Во однос на прашањето за уставноста на вториот дел од тестот за интегритет, кое се покренува со иницијативата, Судот го имаше предвид следното:

Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и на угледот.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот се постави прашањето дали пропишаниот начин на прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија, е објективен, непристрасен и применлив за сите кандидати, односно дали е во согласност со начелото на владеењето на правото и заштитата на приватноста, достоинството и угледот на граѓанинот. Ова затоа што според оспорената одредба, законодавецот оценил дека реална слика за етичките и моралните вредности на кандидатот за судија може да биде формирана со прибирање на податоци и информации од надворешни лица кои го познаваат кандидатот најмалку три години, кои не се во одредено сродство со кандидатот и кои имаат завршено најмалку средно образование. Во оваа смисла, за кандидатот се востанувува обврска да предложи листа од 50 лица кои ги исполнуваат наведените услови, кои ќе прифатат да сведочат за неговите етички и морални вредности пред Судскиот совет на Република Македонија, што значи дека станува збор за воведување на обврска на кандидатот која иако не е во врска со докажувањето на неговата потребна стручност и компетентност за вршење на судиската функција, подразбира негов личен ангажман за докажување на неговите етички и морални вредности кои треба да бидат ценети од друг, при што се тргнува од претпоставка дека другиот е етички и морално компетентен за давање на мислењето, во која смисла кандидатот треба да предложи респектибилна бројка на граѓани со одреден статус и да очекува дека доброволно ќе прифатат обврска за која немаат личен интерес и нема да одбијат да бидат сослушани на правно релевантен начин од страна на Судскиот совет на Република Македонија, за прашања кои навлегуваат во сферата на приватноста и да дадат непристрасен и задоволителен одговор за неговите етички и морални вредности, од што во крајна линија, ќе зависи дали тој ги исполнува условите за вршење на судиската функција. Според Судот, ваквиот начин на прибирање на податоците и самите податоци прибрани на таков начин, тешко можат да го издржат тестот на објективност и непристрасност.

Дополнително, според Судот, не може да се прифати и оправда дискриминацијата со решението во оспорената одредба според која од предложените граѓани кои треба да сведочат за етичките и моралните вредности на кандидатот, се бара да имаат најмалку завршено четиригодишно средно образование, кога таквиот суд и процена очигледно не зависи од нивната лична наобразба, односно не се бара нивно мислење за стручноста и компетентноста на кандидатот, па нивното образование да е предуслов за издржаноста на нивната оценка. Освен тоа, основано се поставува и прашањето за објективноста и применливоста на пропишаниот услов – граѓанинот и кандидатот да се познаваат најмалку три години, од аспект на докажливоста на овој услов.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот основано се постави прашањето дали пропишаниот начин на прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија, како услов за избор на судија, ги задоволува критериумите на објективност, непристрасност и применливост, како елементи на владеењето на правото и дали е во согласност со уставно гарантираните права на граѓаните за неприкосновеност на нивниот физички и морален интегритет и уставната гаранција за почитување и заштита на приватноста на личниот и семејниот живот, на достоинството и угледот на граѓаните, поради што Судот го постави прашањето за согласноста на член 45-а став 2 алинеја 2 од Законот со член 8 став1 алинеја 3, член член 11 став 1 и член 25 од Уставот.

6. Според член 45 став 1 алинеја 4 од Законот за судовите, за судија може да биде избрано лице кое е дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование на правни студии со просек од најмалку осум или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС), со просек од најмалку осум во секој од двата циклуса на универзитетските студии, или нострифицирана диплома од правен факултет во странство за стекнати 300 кредити.

Наведената алинеја станува составен дел на актуелната содржина на членот 45 од Законот, со измените извршени со член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен. весник на Република Македонија“ бр. 150/2010 од 18.11.2010 година). Пред оваа измена, според алинејата 4 на членот 45 на Законот за судовите, за судија можеше да биде избрано лице кое има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од правен факултет од странство

Со Преодните и завршните одредби на наведениот закон за изменување и дополнување на Законот за судовите (член 45 став 1), се пропишува дека исполнетоста на условот за обезбедување просек од најмалку осум за дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование на правни студии или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС), со просек од најмалку осум во секој од двата циклуса на универзитетските студии, или нострифицирана диплома од правен факултет во странство за стекнати 300 кредити од членот 15 став 2 алинеја 1 на овој закон, обврската за доставување меѓународно признат сертификат за познавање странски јазик од членот 15 став (4) алинеја 1 на овој закон и условот за спроведување тестови за интегритет и психолошки тестови од членот 15 став 4 алинеја 3 на овој закон ќе започнат да се применуваат од 1 јули 2013 година. Според став 3 на истиот член, во периодот од 1 јануари 2012 до 1 јануари 2013 година, Судскиот совет на Република Македонија 50 проценти од утврдените слободни судиски места за основните судови ќе ги пополнува со лица кои ги исполнуваат условите согласно со членот 45 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ број 58/2006 и 35/2008), кои не ја посетувале почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители и кои имаат работно искуство со потврдени резултати на правни работи по полагањето на правосудниот испит над три години.

Согласно член 46 од овој закон, кој исто така е систематизиран во главата Преодни и завршни одредби, исполнетоста на условот за обезбедување просек од најмалку осум од членот 15 став 2 алинеја 1 на овој закон и условот за познавање странски јазик од членот 14 став 4 алинеја 1 на овој закон нема да се применува за кандидатите за судии кои се примени и ја завршиле почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители согласно со Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 88/10) и за судиите кои се избрани пред започнувањето на примената на овој закон.

Анализата на овие законски одредби покажува дека просекот од најмалку осум постигнат при завршување на потребните правни студии, како услов за вршење на судиска функција, законодавецот го воведува со измените на основното законско решение со кое беа пропишани условите за избор на судии, поради што пропишува и преоден режим потребен за имплементација на овој новоутврден услов.

Тргнувајќи од уставната положба на судовите како посебни, самостојни и независни органи кои судат само врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а судиите се избираат со траен мандат и мора да имаат посебни стручни способности за стручно и совесно вршење на судската функција, според Судот, право е на законодавецот кој со Амандманот XXV на Уставот е овластен со закон да ги уреди прашањата за видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, да ги утврди и потребните услови за избор на судии, во кои рамки, да го утврди потребниот вид и степен на завршени правни студии неопходни за извршување на оваа специфична јавна функција, во која смисла треба да се подразбере и утврдувањето на одреден просек постигнат за време на студиите, како објективно мерило и показател за квалитетот и знаењето на кандидатите стекнато за време на студирањето, како посебен услов кој е во функција на обезбедување соодветна стручност и компетентност на идните судии. Притоа, прашањето за целисходноста на едно вакво решение, кое за првпат се јавува како услов за вршење на судиската функција во Република Македонија и кое високо ги поставува стандардите за извршување на јавната функција – судија, е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

За уставноста на ова законско решение, според Судот, пресудно е дали тоа се однесува подеднакво за сите лица заинтересирани за вршење на судиската функција, односно дали овозможува операционализација на уставното начело за еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, односно за достапност на секое работно место под еднакви услови.

Во оваа смисла пред Судот се постави прашањето дали наведеното законско решение ги повредува легитимните очекувања да вршат судиска функција на дипломираните правници кои завршиле правни студии пред донесувањето на ова законско решение, кога просекот од успехот постигнат за време на студирањето, не бил посебен услов за вршење на судиската функција и дали со тоа не ги става во нерамноправна положба со другите правници кои завршуваат правни студии до и по започнувањето на примената на овој закон, кога имаат можност да влијаат на својот успех во студиите, како посебен услов за вршење на судиската функција. Во одговор на ова прашање Судот имаше предвид дека законодавецот има уставно овластување да ги пропишува условите за вршење на судиската функција, што значи и да ги менува истите доколку оцени дека тоа е оправдано и потребно во дадени општествено економски услови, заради создавање нормативни претпоставки за обезбедување соодветна стручност и компетентност на судиите, како носители на исклучително важна јавна функција. Во оваа смисла, според Судот, треба да се подразбере и постигнатиот успех во студирањето, што законодавецот, со измената на Законот, го утврдува како еден од условите за вршење на оваа функција, кој ќе започне да се применува по истекот на преодниот режим што го пропишал законодавецот, односно по 1 јули 2013 година и ќе важи во иднина. Тоа значи дека по овој период, истите услови ќе важат за сите заинтересирани кандидати за вршење на судиската функција, независно кога завршиле правни студии, со што сите ќе бидат ставени во рамноправна положба и ќе биде обезбедено уставното начело за достапност на секое работно место под еднакви услови.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 45 став 1 алинеја 4 од Законот за судовите со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2 и член 32 став 2 од Уставот.

7. Во однос на прашањето кое се покренува со една од иницијативите за тоа дека оспорениот член 45 став 1 алинеја 4 од Законот, доведувал до дискриминација и целосно исклучување од достапноста на работното место судија на одредени групи граѓани дипломирани правници кои дипломата ја стекнале во странаство во земји во кои ЕКТС не се спроведува, Судот оцени дека станува збор за прашање поврзано со примената на Законот во делот на нострификација на дипломите стекнати во странство, што не е прашање од надлежност на Уставниот суд.

8. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.12/2011
29 ноември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски