12/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 09 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 6 од Законот за празниците на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија„ бр.21/98 и18/07).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот oзначен во точкaта 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата, подносителот бара да се поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за државните празници на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/1997 и 21/2007) меѓутоа во продолжение на иницијативата го цитира членот 6 од Законот за празниците на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/1998 и 18/2007) и наведува дека оспорениот член не бил во согласност со одредбите на член 8 став 1,3 и 4, член 9, член 32 ставови 1,2 и 5, член 51, член 54 став 1 и 3 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.

Исто така, подносителот на иницијативата наведува дека законското овластување на Владата на Република Македонија со свој акт да определува кои државни органи и други јавни служби, јавни претпријатија, трговски друштва, установи и други правни лица, се должни да работат во деновите на празниците од членовите 2 и 4 на Законот, немало основ во Уставот, затоа што оваа материја не можела да биде предмет на уредување со подзаконски акт на Владата на Република Македонија, туку само со закон и колективни договори. (Судот смета дека подносителот на иницијативата недоволно ја аргументирал несогласноста на оспорената одредба од Законот во однос на наведените уставни одредби).

Подносителот на иницијативата погрешно го ословува насловот на Законот и дава погрешни броеви на Службен весник на Република Македонија во кој бил објавен законот, па може да се случи Судот да констатира дека подносителот на иницијативата бара оценување на уставноста на закон кој не постои во правниот поредок на Република Македонија.

4. Судот на седницa утврди дека со Законот за празниците на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 21/1998 и 18/2007), според член 1 се утврдуваат државните празници и се определуваат неработните денови на празнувањето.

Според оспорениот член 6 од овој Закон, Владата на Република Македонија со акт определува кои државни органи и други јавни служби, јавни претпријатија, трговски друштва, установи и други правни лица, се должни да работат во деновите на празниците од членовите 2 и 4 на овој закон.

Според член 1 од Законот за изменување на Законот на празниците на Република Македонија, во Законот за празниците на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 18/2007″) членовите 2 и 4 се изменети. Законот за изменување на Законот на празниците на Република Македонија, во целина бил предмет на оценување на Уставниот суд на Република Македонија и Судот со Решение У.бр.52/2008 од 12 ноември 2008 година не повел постапка за оценување на уставноста на Законот, од аспект на ограничување на слободите и правата по однос на јазик, вера и национално потекло.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно членот 9 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, според ставот 2 секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 5 на наведениот член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Според член 54 ставови 1 и 3 од Уставот, во Република Македонија, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според член 91 ставови 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и друѓите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

6. Од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека Уставот утврдил еднаквост на граѓаните во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, дека ја гарантира слободата на вероисповеста и изразување на верата, a верските заедници и религиозните групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон. Притоа во наведените, но и другите уставни одредби прашањето на државните и други празници не е поставено како уставноправна регулатива, што значи е оставено да се уреди со закон.

Според оспорениот член 6 од овој Закон, Владата на Република Македонија со акт определува кои државни органи и други јавни служби, јавни претпријатија, трговски друштва, установи и други правни лица, се должни да работат во деновите на празниците од членовите 2 и 4 на овој закон.

Воедно од анализата на одредбите на оспорениот Закон, произлегува дека со него се предвидуваат: државни празници на Република Македонија (член 2 став 1), празници на Република Македонија (член 2 став 2), неработни денови за верниците од различни веросиповеди (член 4 став 1) и неработни денови (член 4 став 2). Притоа државните празници се категорија на празници со особено значење за државноста на Република Македонија, a постојат и празници и неработни денови кои се од значење за одредена категорија на граѓани, во кои тие, според нивната веросиповест, празнуваат и не работат, a останатите заради изразување на почит и овозможување на таквото празнување само не работат.

Законодавецот односите во областа на трудот ги уредил со Законот за работните односи („Службен весник на Република Maкедонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009 и 130/2009), и според членот 1 со него се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување. (став 2)

Според член 2 од Законот, цел на законот е вклучување на работници во работниот процес, како и обезбедување на усогласено одвивање на тој процес, при што се почитува правото на работниците на слобода на трудот, достоинството и заштитата на интересите на работниците во работниот однос.

Согласно член 148 став 1 од Законот е предвидено дека работникот има право на отсуство од работа со надоместок на плата за празниците на Република Македонија. Со ставот 2 од истиот член е предвидено дека правото на отсуство на работникот може да се ограничи ако работникот, односно производниот процес се одвива непрекинато или природата на работата бара вршење на работа и на празничен ден и тоа во случаи кога произвотствениот процес тоа го налага како и за работите кои што можат да се одложат, односно потребно е да се работи на ден празник.

Имено, неспорен е фактот дека со Законот за работните односи се уредуваат остварувањето на правата на вработените, нивната положба и прекувремената работа како институт кој се однесува на прашања поврзани со работните односи кои се уредуваат со закон и со колективни договори, а не со акт на Владата на Република Македонија согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија .

Поаѓајќи од изнесените уставни и законски одредби Судот оцени дека даденото законско овластување, со акт на Владата на Република Македонија да се уредат прашањата кои се однесуваат на начинот на користење на државните празници, односно за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени, со цел да се обезбеди континуитет во процесот на работењето, наместо тоа да се стори со закон и колективен договор, не може да ја доведе под сомнение оспорената одредба од член 6 на Законот, по однос на согласноста со член 8 став 1,3 и 4, член 9, член 32 ставови 1,2 и 5, член 51, член 54 став 1 и 3 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија, особено поаѓајќи од местото и улогата на Владата на Република Македонија во системот на организацијата на власта.

Имено, согласно член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите. Во таа смисла законодавецот во членот 6 од Законот ја овластил Владата да ја операционализира законската одредба преку донесување на подзаконски акт со кој се уредува практичната примена на празниците во Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкaтa 1 ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.

У.бр.12/2010
09 март 2011 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски