12/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 април 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 130-б став 1 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот дел од законската одредба на членот 130-б од Законот, се повредувале член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 42 став 1, член 51 и член 54 ставовите 1 и 2 од Законот бидејќи предвиденото право во оваа законска одредба законодавецот го признал само на дете кое остварува семејна пензија по основ на школување, со што се правелa дискриминација на дете кое е на школување и дете кое не е на школување, што со Уставот не било допуштено.

3. Судот на седницата утврди дека според член 130-б став 1 од Законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидско осигурување издвојувањето на посмртната помош и членарината се врши од пензијата на корисникот на пензија, месечно, при исплата на пензи­јата, освен од семејната пензија на дете остварена по основ на школување.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот и владе­ењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената полож­ба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2).

Со Законот за дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (кој е донесен по Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.266/2007 од 17 септември 2008 година) по Главата „VI. Пензиски стаж“ додадена е нова Глава со три нови члена 130-а, 130-б и 130-в. Имено, со дополнувањето на Законот, е создаден правен основ задршката за посмртната помош да се врши на доброволна основа,односно со согласност на корисникот на пензија (што не беше случај во претходните законски решенија, кои беа укинати со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија).

Така во член 130-а од Законот е предвидено:
„На корисник на пензија, со негова согласност, му се запира дел од пензијата за обезбедување на средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство и за членување во здружение на пензионери (членарина).
Средствата за солидарен фонд – посмртна помош, Фондот ги уплатува на посебна потсметка во рамките на Трезорската сметка со назнака „Средства за солидарен фонд – посмртна помош на корисници на пензија“.

Според оспорениот член 130-б од Законот: „издвојува­ње­то на посмртната помош и членарината се врши од пензијата на корисникот на пензија, месечно, при исплата на пензијата, освен од семејната пензија на дете остварена по основ на школување.
Висината на задршката за посмртна помош и членарина, висината на исплатата за посмртна помош во зависност од акумули­раните средства и смртноста на корисниците на пензија, начинот на распределба на членарината, начинот и постапката за исплата на посмртната помош на корисниците на пензија од средствата на соли­дарниот фонд во единствен износ за сите корисници на пензија, како и начинот на располагање со слободните а неискористени средства од посмртна помош, со акт ги утврдува регистрирана организација на сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија.
Актот од ставот 2 на овој член се објавува на почетокот на секоја година во „Службен весник на Република Македонија“.
Средствата по основ на членарина Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија ги дозначува на сметката што ја определува регистрираната организација составена од сојузите на здруженијата на пензионерите.“

Од анализата на изнесените одредби од Законот, според Судот, со Законот посебно е уредена предметната материја за посмртна помош на корисниците на пензија за членовите на нивните семејство и за членовите во здружение на пензионерите (членарина), но со нивна согласност. Имено, согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдено со закон и со колективен договор. Оттука, поаѓајќи од волјата на категоријата на граѓани пензионери кои доброволно со нивна согласност одлучиле да издвојуваат дел од своите пензии, со Законот е регулирано дека средствата се утврдуваат со посебна постапка во рамките на Трезорската сметка.

По однос на оспорениот дел од законската одредба на член 130-б, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата дека со правото дадено на дете кое остварува семејна пензија по основ на школување да не му се издвојува посмрна помош и членарина се прави дискриминација со дете кое не е на школување, а од причини што во членот 75 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување се уредени посебните услови под кои детето остварува право на семејна пензија, и тоа: до наполнети 15 години живот, а ако е на школување до наполнети 26 години живот, ако пред смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија кој го издржувал било неспособно за работа или неговата неспособност настанала во рок од една година од денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија.

Со оспорениот дел од членот 130-б став 1 од Законот е направен исклучок за издвојување на дел од пензијата за солидарен фонд на дете корисник на семејна пензија по основ на школување, но со тоа не се повредува член 9 од Уставот и не се прави дискриминација по однос на останатите деца, како што се тврди во иницијативата, од причини што оваа законска одредба регулира право на деца кои се наоѓаат во посебна правна положба, односно станува збор за деца кои не се наоѓаат во иста правна положба со оние деца кои не се во фаза на школување, а користат семејна пензија по други основи, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека се прави дискриминација на дете кое е на школување и дете кое не е на школување. Имено, ова од причини што станува збор за лица со различна правна положба, па како последица на тоа е и различната законска регулатива по однос на ова прашање.

Тргнувајќи од напред наведените причини, Судот оцени дека со оспорениот дел од членот 130-б од Законот не се повредува ниту една од темелните вредносtи на член 8 став 1 алинеи 1 и 3, ниту начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.12/2009
22 април 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски