12/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 април 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006 и 153/2007).

2. Кристина Марин од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 154 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, на осигуреникот кој веќе остварил старосна пензија а потоа го здружил својот труд со друг осигуреник, не требало додека ја врши дејноста или е во работен однос, да му се намалува исплатата на пензија, како што тоа било уредено во оспорениот член од Законот, бидејќи пензијата била стекнато право на осигуреникот а со дополнителниот труд соодветно на неговата работоспособност тој повторно остварувал приход кој се однаочувал и плаќал јавни давачки кон државата. Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 154 од Законот како несогласен со членот 54 став 1 од Уставот, според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 154 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, на корисник на пензија, додека е во работен однос или додека врши дејност со полно работно време во Република Македонија или работи во странство, му се исплатува 30% од пензијата.

Според ставот 2 од овој член од Законот, на корисник на пензија од ставот 1 на овој член кој работи половина од полното работно време, му се исплатува 50% од пензијата, а за работа помалку од половина од полното работно време, му се исплатува 70% од пензијата.

Во ставот 3 од овој член од Законот е предвидено дека доколку корисник на инвалидска, односно семејна пензија не се јави на задолжителен контролен преглед му се запира исплатата на пензијата. Доколку корисникот на пензија не се јави на задолжителен контролен преглед поради оправдани причини (болничко лекување во земјата или странство), нема да се запре исплатата на пензијата до завршувањето на лекувањето, односно јавувањето на задолжителен контролен преглед.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со иницијативата се оспорува членот 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување како несогласен со членот 54 од Уставот, меѓутоа со Решение У.бр.216/2007 од 20 февруари 2008 година Уставниот суд на Република Македонија веќе одлучувал по повод друга иницијатива, и не повел постапка за оценување на уставноста на наведената одредба од Законот.

Судот утврдил дека стекнувањето и користењето на пензијата, како една од формите преку кои се обезбедува правото на социјална сигурност на граѓаните, спаѓа во корпусот на права кои произлегуваат од сферата на работните односи, кои можат да бидат ограничени или да се изгубат, но според услови утврдени со Уставот или со закон и со колективни договори. Уставот му дал право на законодавецот, покрај другото, да ја утврди процедурата во која се остваруваат правата од пензиско и инвалидско осигурување, а во тие рамки и процедурата за престанок или ограничување на тие права. Тоа значи дека со закон и со колективен договор се определува постапката на остварување, ограничување и губење на правата од оваа област, поради што со оспорениот член од Законот не се повредува членот 54 од Уставот каде е предвиден уставен механизам за заштита на уставно гарантираните основни слободи и права на човекот и граѓанинот.

Со оглед на тоа што оспорениот член 154 од Законот веќе бил предмет на одлучување и Судот со наведеното решение не повел постапка за оценување на уставноста на оваа законска одредба, а нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека предметната иницијатива треба да се отфрли согласно наведената деловничка одредба.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.12/2008
2 април 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски