12/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 февруари 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата со која се бара дополнување на Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89, 21/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.4/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Петар Димовски од Скопје, му поднесе иницијатива во која наведува дека според членот 16 став 4 од Законот за градежно земјиште, доделената градежна парцела на која е изградена зграда спрема урбанистичкиот план, не може да биде предмет на физичка делба помеѓу сопствениците на посебни делови од зграда, која што одредба оневозможувала во пописните листови за утврдување на содржината на недвижностите посебно да биде прикажан делот од градежната парцела за секој од носителите на правата на недвижностите. Тоа било разбирливо во случаите кога се работело за станбена зграда со повеќе катови и станови, меѓутоа, во конкретниот случај се работело за катастарска парцела на која била изградена дуплекс зграда – приземје и кат, при што јасно бил разграничен и омеѓан делот од парцелата кој и припаѓал на секој од посебните делови од зградата. Поради ова, предлагачот смета дека Републичката геодетска управа – Одделението за премер и катастар – Скопје, требало да му издаде решение за утврдување содржината на недвижностите по пописен лист во кое што тој ќе биде поединечно утврден како носител на правата на недвижностите не само на точно определен дел од зградата, туку и на точно определен дел од катастарската парцела на која е изградена зградата.

Како ова не било можно поради постојните одредби во Законот за градежното земјиште, предлагачот смета дека овој закон треба да биде дополнет со одредба според која изградените станбени згради кои имаат своја парцела и која парцела е омеѓена, оградена и претставува посебна целина, ќе треба посебно да се премери и да се запише во катастарот на корисникот, односно сопственикот.

3. На седницата Судот утврди дека подносителот е сопственик на стан со површина од 89 м2 и подрум од 89 м2, кој претставува посебна градежна целина како дел од станбена зграда со вкупна површина од 278 м2, која што е изградена на една градежна парцела КП.бр.1454 во КО Кисела Вода, со вкупна површина од 1301 м2, која се води во пописниот лист бр.5860 КО Кисела Вода. Републичката геодетска управа – Одделението за премер и катастар – Скопје, по спроведената постапка по службена должност за излагање на јавен увид на податоците од премерот на недвижностите со утврдување на правата на недвижностите запишани во пописниот лист бр.5860 КО Кисела Вода – 1, донела решение ДН.бр.4577 од 22 октомври 1996 година, со кое како носители на правата на недвижностите – земјиште означено со катастарската парцела Кп.бр.1454, со вкупна површина од 1301 м2, од кое под згради 278 м2, го запишала подносителот и уште две лица, додека со посебно решение ДН.бр.4523 од 22 октомври 1996 година, го запишала подносителот како сопственик на стан со површина од 89 м2 и подрум од 89 м2 кој се наоѓа на парцелата КП.бр.1454. Незадоволен од ваквите решенија, предлагачот поднел приговор до првостепениот орган, а потоа и жалба до второстепената Комисија, со барање да му се издаде решение со кое парцелата КП.бр.1454 ќе се подели на две парцели според корисниците на земјиштето. Барањето на предлагачот било одбиено и од првостепениот и од второстепениот орган, со оглед на тоа што, согласно член 16 став 4 од Законот за градежно земјиште, доделената градежна парцела на која е изградена зграда спрема урбанистички план, не може да биде предмет на физичка делба помеѓу сопствениците на посебните делови од зградата.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи предвид дека наводите од иницијативата се сведуваат на барање да се дополни Законот за градежното земјиште со одредба која би допуштала физичка делба на градежните парцели помеѓу сопствениците на посебните делови од зградите кои се изградени на тие парцели, за кое барање Уставниот суд не е надлежен да одлучува во смисла на членот 110 од Уставот, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.12/98)