12/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за забрана на напасување на сточен фонд во с.Цветово-Скопје, донесена од Собирот на граѓаните во с.Цветово на 6 мај 1995 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Фејзула Хасан од с.Цветово-Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена то точката 1 од ова решение, затоа што со неа Собирот на граѓаните го определувал местото на напасување на стоката, ја утврдувал одговорноста против граѓаните, што таа не била објавена, што не било во согласност со Уставот и со Закон.

3. На седницата Судот утврди дека со член 1 од оспорента одлука се предвидуваат поединечни места околу атарот на селото Цветово во кои се забранува напасување на стоката кои претставуваат граници на полето и доколку се затекнат граѓаните да ја напасуваат стоката во овие граници, според член 2 од одлуката, против нив ќе се преземат соодветни мреки до надлежните органи. Во член 3 од одлуката е предвидено дека влегува во сила со денот на донесувањето.

Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека одлуката не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, за која би бил надлежен да одлучува, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.12/96)