12/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 10 јуни 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на
а) Правилникот за распределба на средствата за лични доходи, надоместоци на личен доход и други примања и надоместоци на личните доходи, донесен од Работничкиот совет на Претпријатието во општествена сопственост Земјоделски комбинат “Пелагонија” во Битола на 15 јули 1991 година;
б) Аналитичката процена на работите и работните задачи и Табеларниот преглед, составен дел на правилникот означен во точка 1 под “а” од ова решение и
в) Правилникот за организација и систематизација на работните места, донесен од означенитот Работнички совет на Комбинатот на 14 јуни 1991 година, со измени и дополнувања од 27 јуни 1991 година.
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста и законитоста на Одлуката на Основниот суд на здружениот труд во Битола РО.бр.896/91.
3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што означените акти на Комбинатот биле донесени од работничкиот совет, без претходно запознавање на вработените и без спроведување на референдум, со нив се менувале условите за определени работни места, што доведувало до намалување на предвидените бодови на работните места на кои биле распоредени подносителите на иницијативата, поради што овие работници примале личен доход понизок од загарантираниот личен доход, што не било во согласност со закон.
4. Судот на седницата утврди дека со правилникот за распределба на средствата за лични доходи се определени основите и мерилата за распределба на средствата за лични доходи, а со аналитичката процена и табеларниот преглед е утврден бројот на бодовите по секој од предвидените основи за секое работно место. Во овој акт се предвидени и вреднувани работните места на земјоделските работници и тоа КВ земјоделски работници, ПКВ земјоделски работници и општ земјоделски работник.
Во Правилникот за организација и систематизација на работните места, за КВ земјоделските работници е предвидена средна стручна подготовка, а според описот и пописот на работите и работните задачи ПКВ и КВ земјоделските работници вршат различни работи и работни задачи.
Понатаму, Судот утврди дека во член 76 од Правилникот за лични доходи е предвидено загарантираниот личен доход да се исплатува според законските прописи.
5. Според член 46 од Законот за претпријатијата работниците одлучуваат со референдум за статутот на општественото претпријатие. Според член 65 став 2 од овој закон со статутот на општественото претпријатие се утврдува кои други самоуправни општи акти се донесуваат и начинот на нивното донесување.
Од изнесените законски одредби произлегува дека само статутот на општественото претпријатие мора да се донесе со референдум и дека другите акти се донесуваат во постапка што ќе се определи во статутот на општественото претпријатие.
Во конкретниот случај во Статутот на означеното претпријатие не е предвидено правилникот за распределба на средствата за лични доходи и правилникот за систематизација да се донесуваат со референдум,ниту да се спроведува претходна расправа, туку за нивното донесување е овластен работничкиот совет.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените акти, во поглед на постапката за нивно донесување, со означените законски одредби.
6. Според член 49 став 1 и 2 од Законот за основните права од работен однос на работникот му припаѓа личен доход за работата во согласност со општиот акт усогласен со општествениот договор односно со колективниот договор и со законот. На работникотму припаѓа личен доход како дел од доходот односно добивката, кој е сразмерен на придонесот на работникот во создавањето на тој доход односно добивка во согласност со општиот акт односно колективниот договор.
Од изнесената законска одредба произлегува дека личниот доход на работниците се определува со општ акт на претпријатието, кој треба да биде усогласен со колективниот договор и со законот.
Со оглед на тоа, Судот оцени дека прашањето за утврдување бројот на бодовите за одредено работно место не е уставно или законско прашање, туку се уредува со општ акт на претпријатието, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста со означените законски одредби на Правилникот за распределба на средствата за лични доходи, аналитичката процена и табеларниот преглед, во деловите во кои е извршено вреднување на работните задачи на земјоделските работници.
Во однос на наводот од иницијативата дека подносителите на иницијативата биле распоредени од КВ и ПКВ земјоделски работници и поради тоа добивале понизок личен доход. Судот оцени, дека, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува дали правилно е извршено распроедувањето на овие работници.
7. Според член 51 од Законот за основните права од работен однос работникот по основ на работата има право на загарантиран личен доход, во согласност со законот, општиот акт односно со колективниот договор.
Во член 34 став 1 од Законот за работните односи е предвидено загарантираниот личен доход за полно работно време да изнесува 55% од просечниот месечен чист личен доход во стопанството на Републиката остварен во тековниот месец, ако со закон не е поинаку определено.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај во оспорениот правилник за лични доходи е предвидено загарантираниот личен доход да се исплаќа според законот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со законот, а дали при конкретната исплата на личниот доход на секој работник е водена сметка за овие законски одредби, Судот оцени дека тоа е фактичко прашање, за кое, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
8. Што се однесува до наводот од иницијативата дека и Судот на здружениот труд неправилно одлучил односно дека одлуката означена во точка 2 од решението не е во согласност со закон, Судот оцени дека, согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и општи акти и колективните договори со Уставот и со законите, а не и за уставноста и законитоста на одлуките на судовите.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.