У.бр.121/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 18 јануари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на

– Одлуката за избор на членови на Владата на Република Македонија, донесена од Собранието на Република Македонија на 13 мај 2015 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2015).

– Одлуката за избор на членови на Владата на Република Македонија, донесена од Собранието на Република Македонија на 18 мај 2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2016).

2. Марјанчо Ангеловски од Куманово до Уставниот суд на Република Македонија достави барање за поведување постапка за оценување на уставноста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените одлуки не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со член 97 од Уставот на Република Македонија.

Ова затоа што Собранието на Република Македонија на 13.05.2015 година по предлог на Владата, го избрало за министер за внатрешни работи Митко Чавков дотогашен директор на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи.

Именуваниот министер, функцијата министер за внатрешни работи во Владата на Република Македонија ја извршувал до 11.11.2015 година. Истиот бил разрешен од Собранието на Република Македонија, при што функцијата министер за внатрешни работи во Владата ја презема Оливер Спасовски.

На 18 мај 2016 година Собранието на Република Македонија по претходна оставка на министерот Оливер Спасовски, а на предлог на Претседателот на Владата, повторно за министер за внатрешни работи го избрало Митко Чавков.

Од наведеното, според подносителот на иницијативата Собранието на Република Македонија во два наврати именувало лице за министер во Владата на Република Македонија за раководител на Министерството за внатрешни работи како еден од органите на државната управа, кое лице не е од редот на цивилни лица кои најмалку три години биле цивили. Понатаму, подносителот наведува дека општо познато е дека Митко Чавков бил директор на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи од мај 2013 година, односно бил вработен во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, што е спротивно на член 97 од Уставот.

Во наведената уставна одредба експлицитно се предвидувало дека со орган на државна управа од областа на полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години, што во конкретниов случај при изборот на Митко Чавков не било запазено од страна на Собранието. Оттука според подносителот во двата наврати на избор на споменатото лице од страна на Собранието се повредувала една од темелните вредности на уставниот поредок утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Воедно подносителот на иницијативата предлага Судот да одржи подготвителна седница и да определи времена мерка.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на членот 68 став 1 алинеја 13 од Уставот на Република Македонија и членот 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/10, 51/11 15/13 и 139/14), Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 13 мај 2015 година, донесе

О Д Л У К А
ЗА ИЗБОР НА ЧЛЕНОВИ НА ВЛАДАТА НА
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

1. За членови на Владата на Република Македонија се избираат:
– Митко Чавков, за министер кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи и
– Владо Мисајловски, за министер кој ќе раководи со Министерството за транспорт и врски.

2. Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија”.

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Бр. 08-2159/1
13 мај 2015 година
Скопје

Претседател
на Собранието на Република
Трајко Вељаноски,с.р

Врз основа на членот 68 став 1 алинеја 13 од Уставот на Република Македонија и членот 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/10, 51/11 15/13 и 139/14), Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 18 мај 2016 година, донесе

О Д Л У К А
ЗА ИЗБОР НА ЧЛЕНОВИ НА ВЛАДАТА НА
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

1.За членови на Владата на Република Македонија се избираат:
– Митко Чавков, за министер кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи и
– Диме Спасов, за министер кој ќе раководи со Министерството за труд и социјална политика.

2. Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија”.

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Бр. 08-2587/1
18 мај 2016 година
Скопје

Претседател
на Собранието на Република
Трајко Вељаноски,с.р

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, како и од содржината на оспорените одлуки, а независно од називот што е вообичаен и за одлуките како посебен вид на нормативни акти, произлегува дека овие одлуки сe поединечни, односно конкретни акти затоа што со нив поименично се набројани избраните лица од Собранието на Република Македонија за членови на Владата на Република Македонија кои ќе раководат со одделни министерства.

Оспорените одлуки не содржат одредби од општ нормативен карактер и не претставуват општ правен акт, односно пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку се поединечни, конкретни акти, Судот оцени дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува нивната согласност со Уставот и со законите, поради што во конкретниот случај се исполнети условите за примена на член 28 алинеја 1 од Деловникот.

Со оглед на тоа што оспорените одлуки не се пропис подобен за уставно-судска оценка,Судот оцени дека не е целисходно да се впушти во оценка дали постапката за избор на членови на Владата е спроведена во согласност со Уставот на Република Македонија и дали правилно се применети одредбите од член 97 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.121/2016
18 јануари 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски