121/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 25 став 2, во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот дел од одредбата од Законот, се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 50 став 2 и член 51 од Уставот, од причина што во членот 19 од Законот за управните спорови било предвидено управен спор да се поведува со тужба, согласно член 20 од истиот закон, тужбата се поднесува во рок од 30 дена од денот на доставувањето на управниот акт до странката, а не од денот на објавувањето на одлуките во „Службен весник на Република Македонија“, како што било предвидено во оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 25 од Законот за државното правобранителство е предвидено дека Владата на Република Македонија може да го разреши државниот правобранител поради нестручно и несовесно вршење на функцијата.

Против одлуката на Владата на Република Македонија за разрешувањето или престанокот од членот 23 став 1 алинеи 3 до 6 на овој закон на функцијата државен правобранител и државни правобранители може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на објавувањето на одлуката во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија е владеењето на правото.

Владеењето на правото се засновува врз неколку постулати: примарно значење на човековите слободи и права; постоење на ограничена државна власт; поделба на власта на законодавна, извршна и судска; постоење на независно судство и правна сигурност на човекот и на граѓанинот.

Правната сигурност значи постоење на процесни гаранции и на правни лекови за заштита на правото во случај на негова повреда.

Според член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Во член 1 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006) е предвидено дека заради обезбедување судска заштита на правата и правните интереси на физичките и правните лица и заради обезбедување на законитоста, Управниот суд, во управни спорови одлучува за законитоста на актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања) кога решаваат за правата и обврските во поединечните управни работи, како и за актите донесени во прекршочна постапка.

Според член 3 став 1 од Законот за управните спорови, право да поведе управен спор има физичко или правно лице, ако смета дека со управниот акт му е повредено некое право или непосреден интерес заснован врз закон.

Право да поднесе тужба, според цитираната одредба, односно да поведе управен спор како тужител, има само она лице или субјект за чие право или интерес се решава во управниот спор, односно кое смета дека со еден (поединечен) управен акт му е повредено некое право или непосреден интерес заснован врз закон. Значи, тужител во управниот спор може да биде она лице на кое со управниот акт му се засега во некое право или непосреден интерес.

Според член 19 од Законот за управните спорови, управен спор се поведува со тужба.

Според член 20 став 1 од истиот закон, тужбата се поднесува во рок од 30 дена од денот на доставувањето на управниот акт до странката. Оваа одредба важи за сите тужители. Овој рок е преклузивен и не може да се продолжува и со неговото истечување, тужителот веќе го губи правото да поднесе тужба.

Законот за државното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2007), во член 1 утврдува дека со овој закон се уредуваат организацијата и надлежноста на Државното правобранителство на Република Македонија, условите и постапката за именување и разрешување на државниот правобранител на Република Македонија и државните правобранители, нивните овластувања, права и должности, средствата за работа, пристапот до информации, соработката со органите на државната управа и други прашања од значење за нивната работа.

Според член 18 став 1 од Законот, Државниот правобранител по предлог на министерот за правда го именува Владата на Република Македонија.

Според член 23 став 1 алинеи од 3 до 6 од Законот, функцијата државен правобранител односно државни правобранители престанува поради исполнување на услови за стекнување на правото на старосна пензија, ако се утврди дека трајно ја загубил способноста за вршење на функцијата, ако е избран, односно именуван на друга функција, односно должност и ако со правосилна пресуда е огласен за виновен и му е изречена ефективна казна затвор од најмалку шест месеци.

Во оспорениот член 25 од Законот, е предвидено дека Владата на Република Македонија може да го разреши државниот правобранител поради нестручно и несовесно вршење на функцијата. Против одлуката на Владата на Република Македонија за разрешувањето или престанокот од членот 23 став 1 алинеи од 3 до 6 на овој закон, функцијата државен правобранител и државни правобранители може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на објавувањето на одлуката во „Службен весник на Република Македонија“.

Во членот 26 од истиот закон е предвидено дека, одлуката за разрешување на државниот правобранител и на државните правобранители се објавува во „Службен весник на Република Македонија“ (став 1). За разрешувањето се известува разрешениот државен правобранител, односно државни правобранители и Државното правобранителство на Република Македонија.

Од анализата на наведената уставна и законска регулатива, според Судот во конкретниов случај со оспорениот дел на ставот 2 од членот 25 од Законот за државното правобранителство основано може да се доведе под сомнение неговата согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија како дел од ова начело. Имено, имајќи го во вид фактот што со оспорениот член 25 од Законот за државно правобранителство се предвидува дека против одлуката на Владата на Република Македонија за разрешувањето или престанокот на функцијата државен правобранител и државни правобранители може да се поведе управен спор, Судот утврди дека и во овој случај постапката пред Управниот суд треба да се спроведува согласно одредбите на Законот за управните спорови. Ова од причина што во случајов станува збор за решавање на права и обврски за поединечни управни работи, односно со оспорениот член 25 од Законот за државното правобранителство право да поднесе тужба, односно да поведе управен спор му се дава на државниот правобранител и државните правобранители, кои се субјекти за чие право, односно интерес се решава во управниот спор, односно кое смета дека со поединечен управен акт му е повредено некое право или непосреден интерес заснован врз закон.

Според Судот, рокот за поведување на управен спор мора да тече од денот на доставувањето на управниот акт до странката, како што предвидува Законот за управните спорови како lex specialis, во кој е регулирана постапката за управните спорови. Ова дотолку повеќе што со ваквиот акт кој има карактер на поединечен управен акт се задира во лично право и интерес на државниот правобранител и државните правобранители, поради што рокот за поведување на управен спор треба да тече од денот на доставувањето, односно осознавањето на субјектот за постоење на ваков акт, а не од денот на објавувањето на одлуката во „Службен весник на Република Македонија“ како што предвидува оспорената одредба од Законот за државното правобранителство.

Од наведената уставно судска анализа, Судот оцени дека оспорениот дел од членот 25 став 2 од Законот за државното правобранителство основано може да се доведе под сомнение по однос на неговата согласност со принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните поради што го постави прашањето за нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.121/2010
13 октомври 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски