121/2009-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 47 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 3 став 3 и член 20 став 1 од Статутот на Здружението на возачи од Кичево, донесен од Собранието на Здружението на 27 февруари 2009 година.

2. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Алексо Страшеноски од Кичево, со Решение У.бр.121/2009 од 13 јануари 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Статутот означен во точката 1 од ова решение.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот се постави прашањето дали не се повредува уставно загарантираната слобода на граѓаните да се здружуваат, утврдена во член 20 од Уставот, со оглед на тоа што со оспорените одредби од Статутот се определува секретарот на Здружението самиот дискреционо да оценува кој кандидат за зачленување ќе дал придонес за развојот на Здружението и немало да нанесе штета, ниту ќе го нарушел угледот на Здружението (член 3 став 3), како и што членови на Собранието на Здружението можат да бидат само членови кои платиле членарина последните три години (член 20 став 1).

3. Судот на седницата утврди дека по поведувањето на постапката, на 29 јануари 2010 година Собранието на Здружението извршило изменувања и дополнувања на членовите 3 и 20 од Статутот на Здружението и дека тие промени се внесени во Централниот регистар на Република Македонија на 8 февруари 2010 година.

Судот, исто така, утрди дека новите одредби на членовите 3 и 20 од Статутот не предвидуваат секретарот на Здруженито самиот дискреционо да оценува кој кандидат за зачленување ќе дал придонес за развој на Здружението и немало да нанесе штета, ниту ќе го нарушел угледот на Здружението, а не предвидуваат ниту членови на Собранието на Здружението да можат да бидат само членови кои платиле членарина последните три години.

4. Со оглед на тоа што, по поведувањето на постапката, престанале да важат оспорените одредби од членовите 3 и 20 на Статутот и што новите одредби не ги содржат определувањата од оспорените одредби, при што нема причини за оценување на уставноста на оспорените одредби од Статутот во време на нивното важење, Судот оцени дека се исполнети условите за запирање на постапката утврдени во член 47 алинеја 1 од Деловникот на Судот, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.

5. Врз основа на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.121/2009
24 февруари 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски