Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 ноември 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на
а) Тарифниот систем за продажба на електрична енергија („Службен весник на СРМ“ бр.45/1982, 15/1985, 22/1988, 29/1989, 47/1989 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.28/1992 и 24/1999), и
б) Условите за снабдување со електрична енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2001).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорените подзаконски акти се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија, како и Законот за енергетика. Ова затоа што наведените акти биле застарени и не произлегувале од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006, 36/2007 и 106/2008), поради што тие не биле применливи. Тоа според подносителот значело дека тие не биле донесени во функција на извршување на Законот за енергетика, како што тоа требало да биде во една правна држава.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Тарифен систем за продажба на електрична енергија („Службен весник на СРМ“ бр.45/1982) бил донесен врз основа на членовите 11 и 31 од Самоуправната спогодба за здружување во Самоуправна интересна заедница за енергетика, од страна на Собранието на СИЗ за енергетика, а на предлог на извршниот одбор на СИЗ.
Со овој тарифен систем се утврдуваат основните тарифни елементи за пресметување на електричната енергија што електростопанските организации на здружен труд (испорачатели) им ја испорачуват на потрошувачите на електрична енергија (потрошувачи) како и начинот на пресметување на тие елементи (член 1).
Потрошувачите на електрична енергија спрема местото на испораката се делат на: потрошувачи на висок напон и потрошувачи на низок напон (член 2). Според напонот на електрична енергија на местото на предавање, во Тарифниот систем постојат Тарифа за висок напон и Тарифа за низок напон (член 9).
Во членовите од 16 до 23 од Тарифниот систем се уредуваат прашањето на тарифата за висок напон, а во членовите од 24 до 39 од Тарифниот систем е уредено прашањето за тарифата на низок напон.
Понатаму во член 3 од Тарифниот систем е определено дека потрошувачите на електрична енергија на испорачателот на електрична енергија му плаќаат основен придонес за пресметковната моќ, за преземена работна енергија и прекумерно преземена реактивна енергија.
Во членовите 4, 5, 6, 7, 8 од Тарифниот систем се уредени прашањата кои се однесуваат на тоа како се утврдуваат и плаќаат придонесите за пресметковната моќ, преземањето работна енергија и прекумерна преземена реактивна енергија.
Во членот 14 од Тарифниот систем е определено дека тарифните ставови според сезоната се делат на повисоки сезонски ставови кои се пресметуваат од 1 октомври до 31 март и пониски сезонски ставови кои се пресметуваат од 1 април до 30 септември и нивниот однос е 1,5 : 1.
Според времето на денот тарифните ставови се делат на поголеми дневни тарифни ставови (ВТ) и помали дневни ставови (НТ) (или т.н. зимска и летна ефтина и скапа тарифа и викенд тарифа) (член 15).
Во членот 15-а е утврдено дека при утврдувањето на тарифните ставови учеството на моќноста во вкупната вредност на електричната енергија изнесуваат 50% на висок напон и 25% на низок напон, а под вкупна вредност на електрична енергија се подразбира вредноста на моќноста, активната и прекумерна преземена реактивна енергија.
Во членот 30 од Тарифниот систем е предвидено дека „По исклучок од определбите утврдени со член 15-а од Тарифниот систем, основниот придонес за пресметковна моќ на потрошувачи од категоријата „домаќинства“ учеството во вкупната цена на електрична енергија е 25%, а се пресметува на таков начин што вредноста на преземената активна енергија (КВТч) се зголемува за 33,33% кај секој потрошувач.
Врз основа на член 40 став 2 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1997) и член 46 став 3 од Законот за Влада на Република Македонија. Владата на Република Македонија на 20 април 1999 година донела Тарифен систем за изменување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија.
Со наведената измена по член 30 се додава нов член 30-а во кој е предвидено дека „по ислучок од определбите утврдени со член 15-а од Тарифниот систем, основниот придонес за пресметковна моќност на корисниците од категоријата „останата потрошувачка“ на низок напон 04 КV – II Тарифен систем учествува во вкупната вредност на електрична енергија со 25%, а се пресметува на таков начин што вредноста на преземената активна енергија (KWh) се зголемува за 33,33% кај секој корисник.
4. Судот, понатаму, утврди дека врз основа на член 37 став 3 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1997 и 98/2000) Владата на Република Македонија на 23 јануари 2001 година донела Услови за снабдување со електрична енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2001).
Со наведените услови кои се оспорени со иницијативата се пропишува дека снабдувањето на електрична енергија се врши во согласност со решението за електроенергетска согласност и склучениот договор за снабдување со електрична енергија (член 1).
Во членот 7 ставовите 2 и 3 од Условите е определено што се смета како место на мерење на електричната енергија, а во член 8, пак, се утврдени елементите на договорот за снабдување со електричина енергија помеѓу продавачот и купувачот на електрична енергија. Понатаму во наведените Услови се утврдени правата и обврските на продавачот и корисникот на електрична енергија, а кои се однесуваат на можноста од раскинување на договорот за снабдување со електрична енергија и склучување на нов договор, пресметување на преземената електрична енергија на отчитување на мерните уреди, право на присуство на отчитувањето на мерните уреди на купувачот; пресметка и наплата на испорачана електрична енергија по пресметковни периоди; обврски на купувачот да ја плати сметката; право на купувачот на поврат на средства за повеќе платен износ; право на продавачот да ја прекине испораката на електрична енергија ако купувачот не ја плати сметката, начин на пресметување на неовластено преземање на електрична енергија или моќта и друго.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 на овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006, 36/2007 и 106/2008), се уредуваат целите на енергетската политика и начинот на нејзина реализација, енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности, изградбата на енергетските објекти, функционирањето на Регулаторната комисија за енергетика, пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта и нафтени деривати и пазарот на топлинска, односно геотермална енергија, условите за остварување на енергетската ефикасност и промоцијата на користењето на обновливите извори на енергија и други прашања од значење за енергетиката (член 1).
Согласно член 2 од Законот, целта на овој закон е да обезбеди сигурно, квалитетно и ефикасно снабдување со енергија на потрошувачите и да се создаде финансиски одржлив сектор, негов развој, поттикнување на конкуренцијата на енергетските пазари, зголемување на енергетската ефикасност и заштита на животната средина од негативните влијанија при вршењето на одделни дејности од областа на енергетиката.
Во Глава III „Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија“ односно во членовите од 18 до 36 се уредени прашања кои се однесуваат, покрај другото и за надлежноста на Регулаторната комисија да донесува прописи за формирање на цени на одделни видови на енергија и услуги во врска со вршењето на регулираните енергетски дејности, да пропишува тарифни системи за одделни видови на енергија, како и да донесува одлуки за цени на одделни видови енергија во согласност со прописите за формирање на цени на одделни видови на енергија и услуги во врска со регулаторните енергетски дејности.
Со Тарифните системи за одделни видови на енергија се утрдуваат критериуми и мерилата за определување на категориите на потрошувачи и категориите, групите и и подгрупите на потрошувачи, пресметковните елементи за утврдување на надоместокот за испорачаната енергија и моќност и основите и начинот на формирање на тарифните ставови и нивна примена врз пресметковните елементи. Тарифните системи за одделни видови енергија ги пропишува Регулаторна комисија за енергетика.
Според член 155 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006) поместен во делот „Преодни и завршни одредби“ е предвидено дека прописите предвидени со овој закон ќе се донесат во рок до три години од денот на влегувањето во сила на овој закон.
До донесувањето на прописите од став 1 на овој член ќе се применуваат прописите што важеле до денот на влегување во сила на овој закон.
Според член 40 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2008), подзаконските прописи чие донесување е утврдено со овој закон ќе се донесат најдоцна во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот за енергетика, како и содржината на оспорените акти, наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите се основани.
Ова затоа што поаѓајќи од законската поставеност на Регулаторната комисија за енергетика како независно самостојно тело во областа на енергетиката која покрај другото е надлежна да ги пропише Тарифните системи за одделни видови на енергија и да донесува прописи за формирање на цените на одделни видови на енергија во врска со вршењето на регулаторни дејности, како и утврдените законски рокови во Законот за енергетика за донесување на подзаконските прописи предвидени со законот, пред Судот со основ се постави прашањето дали оспорените акти можат да опстојуваат во правниот поредок.
Според Судот, ова дотолку повеќе, што оспорените акти, односно Тарифниот систем е донесен во други општествено политички и економски односи кои на поинаков пристап и на подруги основи ги регулирале односите во областа на енергетиката,како и од органи кои во постојниот систем не постојат. Од особена важност е и фактот што оспорениот Тарифен систем и Условите за снабдување со електрична енергија се донесени врз основа на закони кои престанале да важат, а законската обврска за донесување на подзаконските прописи веќе помината (на 1 јуни и на 5 септември 2009 година).
Имајќи го предвид изнесеното, пред Судот основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените акти со одредбите од Уставот и Законот за енергетика.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.120/2009
11 ноември 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски