120/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за потврдување на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на општина Аеродром за 2007 година, број 07-2942/12 од 14 мај 2007 година, објавена во „Службен гласник на општина Аеродром“, број 25/2007 од 14 мај 2007 година.

2. Кирил Тодоровски – градоначалник на општина Аеродром – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената Одлука бил изменет членот 17 од Одлуката за извршување на Буџетот на општина Аеродром, а која одлука била изгласана без да за тоа имало претходно подготвена и доставена предлог одлука и образложение за нејзино донесување.

По однос на донесувањето на оваа одлука исто така надлежната Комисија за буџет, финансирање и економски развој немала одржано состанок.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одлука била во спротивност со член 50 став 1 точка 2 од Законот за локалната самоуправа и член 23 став 5 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004) поради што се предлага оспорената одлука да се поништи и истовремено да се донесе и времена мерка за запирање на извршување на дејствијата преземени со истата.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром, на шеесет и првата седница одржана на 10 мај 2007 година, донел Одлука за потврдување на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на општина Аеродром за 2007 година.

Според членот 1 од Одлуката, со оваа Одлука се потврдува Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на општина Аеродром за 2007 година, број 07-2559/2 од 27.04.2007 година. Во членот 2 определено е одлуката да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром“.

4. Според членот 36 од Законот за локалната самоуправа, во надлежност на советот на општината е донесувањето на буџетот на општината и годишна сметка на општината, кои согласно член 48 став 3 од овој закон ги потпишува претседателот на советот и ги доставува на градоначалникот заради објавување.

Согласно членот 50 став 1 точка 3 од овој закон, во надлежност на градоначалникот е да ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината.

Исто така, согласно одредбите од членот 50 став 1 точка 7 од овој Закон, градоначалникот го предлага годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината, а според точката 8 од истиот член од Законот, градоначалникот го извршува буџетот на општината.

Според член 50 став 2 од истиот Закон градоначалникот може да овласти раководен службеник на општината да ја води постапката и да решава во управни работи, како и да потпишува акти.

Во делот на одредбите од Законот за локалната самоуправа кои се однесуваат на органите за вршење на надзор во ставот 3 од членот 70 е предвидено дека контрола на материјалното и финансискотто работење на општината врши Министерството за финансии.

Од увидот во списите при утврдувањето на фактичката сотојба произлегува дека Советот на општината Аеродром на седницата одржана на 27 декември 2006 година донел Одлука за извршување на Буџетот на општина Аеродром за 2007 година, број 07-7229/1 од 28 декември 2006 година.

На седницата одржана на 25 април 2007 година, Советот на општина Аеродром донел Одлука за измени и дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на општина Аеродром за 2007 година бр.07-2559/3 од 27 април 2007 година, со која е изменет членот 17 од Одлуката за извршување на Буџетот на општината така што за средствата утврдени во програма Д-Градоначалник, потпрограма ДО – Градоначалник за средствата утврдени во буџетот на општината на потставката 464990 – други трансфери одлучува градоначалникот, но најмногу до износ од 5.000,00 денари.

Според мислењето на Судот базирано на содржината на наведените законски одредби и утврдената фактичка состојба, со донесување на оспорената Одлука не се повредени одредбите од Законот за локалната самоуправа на кои се укажува во иницијативата. Ова од причина што од увидот во записникот за одржана седница на Советот на општина Аеродром на ден 25 април 2007 година како точки на дневен ред биле ставени и точките предложени од градоначалникот, меѓу кои е и Предлог Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за извршување на Буџетот на општината за 2007 година, што значи дека не е повреден член 50 став 1 точка 7 од Законот, бидејќи истата по предлог на градоначалникот на Советот на општина Аеродром го донесув буџетот на општината и годишната сметка на општината.

Од анализата на цитираните одредби од Законот за локалната самоуправа јасно произлегува дека Советот на општината го донесува, а градоначалникот го извршува буџетот на општината. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената Одлука се повредуваат одредбите од Законот за локалната самоуправа, поради што пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука со член 50 став 1 точка 2 од Законот за локалната самоуправа и член 23 став 5 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.120/2007
26 септември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски