120/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 22 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 89 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2002).

2. Мухамед Халили од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 89 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членот 89 од Законот бил несогласен со точка 1 став 2 од Амандманот В од Уставот на Република Македонија, затоа што овој дел од Амандманот не бил пренесен во него. Имено, со Амандманот В од Уставот на Република Македонија се нормативизирала ограничена службена употреба на втор службен јазик на етничка заедница што во рамките на Републиката претставувало бројка од 20% од вкупното население како резултат од преговорите кои биле водени меѓу четирите главни политички партии во Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 89 од Законот во општините службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

4. Согласно Амандман В точка 1 став 1 од Уставот на Република Македонија на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Согласно ставот 2 на точката 1 од овој амандман друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните е исто така службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.

Од наведените амандмански одредби произлегува дека Уставот начелно предвидува на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Меѓутоа, како службен јазик, покрај македонскиот, Уставот предвидува и друг јазик под услов истиот да го зборуваат најмалку 20% од граѓаните.

Од главата ЏИВ од Законот за локалната самоуправа насловена како “Службени јазици во општината” се гледа дека станува збор за множина, односно и за други службени јазици покрај македонскиот јазик.

Понатаму, оспорениот член 89 од Законот, кој спаѓа во подглавата “Службен јазик” предвидува дека во општините службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Ова е начелна норма која содржински се совпаѓа со Амандманот В точка 1 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Исто така, во наредниот член 90 кој спаѓа во подглавата “Службени јазици во општината” се предвидува дека во општините службен јазик покрај македонскиот и неговото кирилско писмо е и јазикот и писмото кој го користат најмалку 20% од жителите на општината.

Оваа законска одредба суштински се совпаѓа со одредбата од Амандман В точка 1 став 2 од Уставот според која, во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмата што ги користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Од содржините на наведените одредби се гледа дека законодавецот е јасен во смисла што другиот јазик не е предвиден како можност туку како императив условен со процент од најмалку 20% од граѓаните да го зборуваат истиот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека во случајов не станува збор за ограничена службена употреба на втор службен јазик на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија, поради што не може основано да се постави прашањето за уставноста на одредбата од членот 89 од Законот за локалната самоуправа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.120/2004
22 септември 2004 год.
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова