У.бр.1/2005

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 од Одлуката за условите и постапката за прием во членство на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија на ново основани здруженија на пензионери, бр.48/2004, донесена од Собранието на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија на седницата одржана на 1 март 2004 година.

2. Здружението на граѓани пензионери “Вардар” – Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 4 од одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во инцијативата оспорениот член од Одлуката бил во спротивност со одредбите на Статутот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, затоа што во Статутот не било предвидено ограничување на здруженијата на пензионери да се здружуваат во Сојузот на пензионерите на Македонија, а такво ограничување се предвидувало со оспорениот член од Одлуката.

Освен тоа, овој член од Одлуката не бил во согласност ниту со членот 72 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите, во кој, исто така, не било предвидено никакво ограничување на правото на здруженијата да се здружуваат во сојузи.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека со овој член од Одлуката се правела дискриминација меѓу граѓаните по основ на социјално потекло и политичко и верско уверување што било во спротивност со членот 9 од Уставот.

Подносителот на иницијативата се повикува и на членот 20 од Уставот во кој на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, како и слободно да основаат здруженија и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Поради наведеното, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член од Одлуката.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 4 од Одлуката во Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија не може да биде примено ново основано здружение на старосни и семејни пензионери доколку такво постои на подрачјето на единицата на локалната самоуправа (општина).

Судот на седницата, исто така, утврди дека оспорениот член на Одлуката веќе бил предмет на оценување по повод иницијатива поднесена од граѓанин од Гостивар. Судот со Решение У.бр.212/2004 од 16 февруари 2005 година ја отфрлил оваа иницијатива затоа што утврдил дека не е надлежен да одлучува по барањето, со оглед на тоа што согласно член 110 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ја оценува само уставноста (а не и законитоста) на програмите и статутите на здруженијата на граѓаните, а не и на одлуките и на другите акти на овие здруженија.

4. Согласно член 110 алинеја 7 од Уставот,
Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Според член 28 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и тоа дека во конкретниот случај се бара оценување на уставноста и законитоста на членот 4 од Одлуката за условите и постапката за прием во членство на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија на ново основани здруженија на пензионери за кој што Судот веќе еднаш одлучувал, а ненаоѓајќи основ за поинакво одлучување по оваа иницијатива, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.1/2005
6 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова