1/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 февруари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за прогласување на општ интерес и определување на локација за проширување на постојниот локалитет на објектот неткаен текстил А.Д. “Винка” – Виница, донесена од Собранието на Општина Виница на 11 декември 1992 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија А.Д. “Југотутун-Горица” од Виница му поднесе иницијатива по поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што таа била донесена врз основа на членовите 15 и 16 од Законот за екпропријација, што биле укинати со одлука на Уставниот суд на Република Македонија. Исто така, со иницијативата се бара Судот да го запре извршувањето на решението за одземање од владение неизградено земјиште, донесено од подрачната единица на Републичката управа за имотно правни односи за подрачјето на Општина Виница, на 15 февруари 1993 година.

3. На седницата Судот утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање и со неа се прогласува општ интерес и се определува локација за проширување на постојниот објект – неткаен текстил А.Д. “Винка” Виница на КП 716-дел К.О. виница.

Врз основа на оспорената одлука на 15 февруари 1993 година, Управата за имотно-правни работи донела решение за одземање од владение на означеното градежно неизградено земјиште. Исто така, Судот утврди дека за ова подрачје нема детален урбанистички план.

Од изнесеното произлегува дека оспорената одлука не е донесена врз основа на член 15 и 16 од Законот за експропријација на кои се повикува подносителот на иницијативата, туку е донесена врз основа на член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

4. Според член 54 став 1 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90), за населени места и надвор од нив за кои не е донесен просторен или урбанистички план или донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени односно стопански објекти може да се издаде врз оснвоа на посебен акт на Владата на Република Македонија односно општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење, а според став 2 на овој член, општиот акт од став 1 на овој член се донесува по претходно издадена согласност од републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот и земјоделството.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај не е донесен урбанистички план за подрачјето за кое се однесува оспорената одлука и што надлежниот орган дал согласност пред донесување на оваа одлука, Собранието на Општината, согласно член 54 од наведениот закон, имало овластување да ја донесе оспорената одлука, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означената законска одредба.

5. Во врска со барањето за донесување решение за запирање од извршување на решението за одземање од владение на жно неизградено земјиште, Судот утврди дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за изрекување ваква мерка.

6. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.