119/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 20 декември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Статутот на Ветеринарниот факултет во Скопје донесен на 6 јуни 1996 година.

2. Проф. д-р Михаил Данев, проф. д-р Коле Поповски, проф.д-р Јован Бошнаковски, проф. д-р Мишо Христовски сите од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на статутот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата оспорениот статут не бил во согласност со Законот за насочено образование бидејќи не било дадено согласност на статутот од надлежен орган и затоа што не било предвидено учество на претставници на општествената заедница во ниеден орган на Факултетот.

3. Судот на седницата утврди дека на оспорениот статут не е дадена согласност од надлежен орган.

Исто така Судот утврди дека во членовите 24, 25, 26 и 27 од Статутот се регулирани прашања кои се однесуваат на работата на факултетската управа, при што не е предвидено дека во неа учествуваат претставници на општествената заедница.

Во член 28, пак, се уредуваат прашањата кои се однесуваат на работата на наставно научниот совет. Наставно научниот совет го сочинуваат наставно научните и научните работници кои учествуваат во наставата а се вработени во Ветеринарниот институт “Скопје” – Скопје, Ветеринарната болница Скопје и Ветеринарниот факултет.

Во работата на наставно научниот совет учествуваат и тројца претставници што ги делегира студенска организација.

4. Според член 249 од Законот за изменување на законот за насоченото образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.11/91) кој бил во важност во времето на донесување на оспорениот статут согласност на одредбите од статутот на организациите за насочено образование што се однесуваат на правата и обврските на студентите, организацијата (режимот) на студирањето, начинот и постапката за донесување на планови и програми за воспитно-образовната дејност, начинот на одлучувањето на претставниците на општествената заедница, условите за избор во наставни, наставно-научни, научни и соработнички звања и условите за именување на индивидуален работоводен орган дава Собранието на Република Македонија.

5. Исто така Судот утврди дека со денот на влегувањето во сила на Законот за високото образование, престануваат да важат одредбите од Законот за насоченото образование што се однесуваат на високото образование (член 199). Меѓутоа, имајќи предвид дека Статутот на Ветеринарниот факултет-Скопје е донесен на 6 јуни 1996 година односно во време на важењето на Законот за насоченото образование, Судот оцени дека Статутот требало да биде донесен во согласност со одредбите од овој закон.

6. Со оглед на тоа што Статутот на Ветеринарниот факултет – Скопје е донесен без согласност на Собранието на Република Македонија, пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со Законот за насоченото образование.

7. Во однос на наводите од иницијативата дека Статутот на Ветеринарниот факултет не предвидува учество на претставници на општествената заедница во ниеден орган на факултетот, Судот оцени дека ова прашање во овој момент не е релевантно за оценување на законитоста на Статутот, имајќи предвид дека Судот одлучи да поведе постапка за оценување законитоста на Статутот во целина поради тоа што тој не бил во согласност со Законот за насоченото образование во времето кога овој закон бил дел од правниот систем на Република Македонија.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од го заменува претседателот Олга Лазова и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.119/2000
20 декември 2000 година
С к о п ј е
лк

ГО ЗАМЕНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Олга Лазова