119/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 и 4 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јули 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 18 став 4 и 5, член 19 став 2, член 45 став 4 и член 48 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформацијата на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/99).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

3. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 19 став 1, член 45 став 3 и 5, член 48 став 1 и на членот 51 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

5. Сојузот на синдикатите на Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 и 3 од ова решение.

Според наводите во иницијативата основниот концепт на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал бил автономност на претпријатијата во остварувањето на трансформацијата, самите претпријатија да бидат носители на активностите за трансформација, почнувајќи од донесувањето на одлуките, па се до водењето на самата постапка на приватизацијата.Ваквиот концепт произлегувал од природата и карактерот на општествената сопственост и нејзината трансформација во еден од класичните форми на сопственост. Тоа право објективно го имале претпријатијата како носители на економска дејност, а не државни органи. Улогата на државните органи била димензионирана во сферата на следење и контролирање на процесот на трансформацијата, по исклучок непосредно да ја врши самата трансформација. Во оваа смисла, со членот 89 од постојниот Закон, Агенцијата била овластена да го преземе поведувањето и непосредното водење на постапката за трансформација на претпријатието, само доколку претпријатието не постапи според роковите и начинот утврдени со Законот.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал биле направени радикални отстапувања од основниот концепт на Законот. Имено, со членот 18, став 4 и 5, членот 19, 45 (100-а, став 2, 3 и 4) и членот 48 и 51 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, директно се повредувало правото на сопственост утврдено во член 30 од Уставот на Република Македонија, правото на сопственоста и трудот како основа за управување и учество во одлучувањето, утврдено во член 58, став 1 од Уставот на Република Македонија и правото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, утврдено со член 9, став 1 од Уставот на Република Македонија со тоа што Агенцијата како државен орган станувала сопственик и на дел од општествениот капитал што работниците-акционери немале можност да го отплатат, согласно Законот, поради проблемите настанати во стопанството и непримањето плата подолг временски период и единствен носител на општествениот капитал, која спротивно на член 58, став 1 од Уставот на Република Македонија ќе управувала и одлучувала со тој капитал. Согласно член 100-а став 3 се обврзувале претпријатијата на Агенцијата да и издадат обични акции или удел за вредноста на општествениот капитал, а ако тоа не го направеле доброволно, самата Агенција со своја сопствена одлука тоа ќе го направела.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека голем број од претпријатијата кои биле трансформирани или биле во процесот на трансформација, се ставале во нееднаква положба, не по своја вина, со оние што тоа го направиле порано, спротивно на член 9, став 2 од Уставот на Република Македонија, односно работниците коишто, поради состојбите со производството, неисплатените плати, војната во нашето соседство, не можеле навреме да ги плаќаат ратите за сопствените акции, за разлика од оние што имале можност да ги отплаќаат акциите, бидејќи примале редовно плата.

Поради ваквата нееднаква положба, работниците-акционери ќе го изгубеле и уставно гарантираното право да учествуваат во управувањето и одлучувањето во друштвото, согласно член 58 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Утврдувањето на рокот од 30 дена за спроведување на цела постапка за организирање, односно довршување на процесот на трансформацијата бил неспроведлив со однапред познат резултат. За овој временски период ни самата Агенција до која се веќе доставени сите документи за трансформација не можела да донесе решение и вака утврдениот кус рок одел само во прилог на законодавецот, Агенцијата да стане единствен сопственик на општествениот капитал, преку што се подржавувала општествената сопственост, што е спротивно на уставната интенција утврдена со член 7 од Уставниот закон за трансформација.

Со одредбите на членот 48 и членот 51 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трнсформација на претпријатијата со општествен капитал се отстапувало од решенијата содржани во член 718 од Законот за трговските друштва, според кој со влегувањето во сила на овој Закон правните субјекти продолжуваат да работат под условите запишани во судскиот регистар, се до нивното организирање како акционерски, односно друштва со ограничена одговорност, со што се повредувала правната сигурност.

Согласно член 87 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, Агенцијата имала својство на правно лице со јавни овластувања, утврдени со Закон. Таа ги вршела работите кои се однесуваат на организирањето и контролата на трансформацијата, а со најновите измени и ја спроведувала трансформацијата. Поаѓајќи од овие одредби Агенцијата не можела да биде сопственик на општествениот капитал и директно да се стекне со правото на управување и одлучување во претпријатијата.

6. На седницата Судот утврди дека според член 18 став 4 и 5 од Законот корисникот на попустот од членот 25 на овој Закон го губи правото на отплата на запишаните акции со попуст, доколку не уплатил две рати едно по друго, или три рати со прекин во текот на 6 месеци.

Неотплатените акции, односно удели од став 2 на овој член се пренесуваат на Агенцијата како обични која ги продава под услови утврдени со овој Закон.

Со член 19 по членот 28 од постојниот Закон се додава нов член 28-а според кој ако претпријатието во рок од 30 дена од денот кога имателот на привремените акции го изгубил правото на отплата на запишаните акции, односно удели од член 28, став 2 на овој Закон, неотплатените акции, односно удели не и ги пренело на Агенцијата, овие акции, односно удели ја губат својата правна сила за имателот и стануваат акции, односно удели на Агенцијата што со одлука го констатира Агенцијата.

Врз основа на одлуката од став 1 на овој член, Агенцијата издава потврда за акциите, односно потврда за удели кои гласат на Агенцијата.

Во членот 45, дел од ставот 2 и ставовите 3 и 4 (нов член 100-а) е предвидено дека за неоткупениот општествен капитал од претпријатието на Агенцијата и се издаваат обични акции, односно удел.

Ако акционерското друштов или друштво со ограничена одговорност од став 2 на овој член, во рок од 15 дена по донесувањето на Одлуката од страна на Управниот одбор на Агенцијата не издаде обични акции, односно удел, истите акции, односно уделот стануваат акции, односно удел на Агенцијата што со одлука го констатира Агенцијата.

Врз основа на одлука од став 3 на овој член, Агенцијата издава потврда за акциите, односно потврда за уделот кои гласат на Агенцијата.

Според член 48 претпријатијата кои до денот на влегувањето во сила на овој Закон не ја отпочнале постапката за трансформацијата, должни се во рок од 30 дена по влегувањето во сила на овој Закон да се организираат како акционерско друштво или друштво со ограничена одговорност.

Претпријатијата кои до денот на влегувањето во сила на овој Закон ја отпочнале постапката за трансформација, односно ја доставиле документацијата до Агенцијата, ќе се организираат како акционерско друштво, односно друштво со ограничена одговорност доколку во рок од 30 дена од велгувањето во сила на овој Закон трансформацијата нема да биде реализирана на начин и под условите утврдени со овој Закон.

Во член 51 е предвидено дека при организирањето на претпријатијата од членовите 48, 49 и 50 на овој Закон во акционерско друштво или друштво со ограничена одговорност, соодветно се применуваат одредбите од членот 100-а на овој Закон.

При организирањето на претпријатијата од членот 50 на овој Закон соодветно ќе се применуваат и одредбите за трансформацијата на претпријатие во стечај.

7. Со Уставот на Република Македонија е воспоставен нов концепт на општествено уредување во чија основа е граѓанската демократија, гаранцијата на сопственоста и нејзината заштита во граѓанско-правна смисла и слободата на пазарот и претприемништвото. Така, согласно член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост, а според неговиот став 3, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста или правата што произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Согласно член 58 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Поаѓајќи од основната интенција на Уставот за изградба на граѓанско општество, кому општествената сопственост не му е иманентна, туку сопственоста како граѓанско-правен однос, тој не ја гарантира општествената сопственост, а обврската за нејзино трансформирање произлегува непосредно од самиот Устав. Во таа смисла, според член 7 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, Собранието на Република Македонија е овластено, во рок од 6 месеци по донесување на Уставот, да донесе закон со кој ќе се уреди трансформацијата на општествената сопственост. Со тоа законодавното тело е овластено да ги утврди условите, начините и формите на нејзиното трансформирање во некоја од сопственичките категории, но со почитување на темелните вредности на уставниот поредок утврдени во членот 8, 30, 52, 55, 57 и 58 од Уставот.

Поаѓајќи од ваквото сфаќање за трансформацијата на општествениот капитал и означените уставни одредби во врска со оспорените одредби се поставуваат прашањата дали спротивно на член 30, 9 и член 58 од Уставот се ограничуваат правата на работниците корисници на правото на отплата на акции со попуст да се стекнат со акции во сопственост или се работи за дозволена политика на законодавецот во спроведувањето на дисциплина во процесот на приватизацијата и нејзиното конечно завршување, дали преносот на неприватизираниот капитал на Агенцијата како обични акции претставува подржавување на општествената сопственост, односно станува сопственост на Агенцијата врз основа на што стекнува право на управување, односно глас, дали со оспорените одредби на членовите 48 и 51 од Законот се повредува принципот на слободата на пазарот и претприемаштвото. Понатаму, од значење се и прашањата дали членот 48 од Законот има ретроактивно дејство и дали принципот за забрана на ретроактивното дејство не е повреден и во случајот на член 18 од Законот, дали може да се постави прашањето за нееднаквост помеѓу работниците и претпријатијата кои ја завршиле приватизацијата, со оние кои се уште не успеале во тоа, дали правото на Агенцијата да организира акционерско друштво го повредува принципот на Законот за трговските друштва, дали членот 48 подразбира целосно губење на запишаните права врз акциите (кадуцирање) или се губи само правото на неотплатениот дел и дали се повредува принципот на еднаквост кога во различни модели на приватизација неплаќање на ратите повлекува различни последици.
Со оспорените одредби на членот 18 од Законот за измени и дополнувања на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, битно се отстапува од утврдениот режим на акциите со попуст. Имено акциите со попуст, согласно Законот се отплатуваат на рати со одложено плаќање и тие претставуваат хартија од вредност и нивниот режим е утврден со членот 15 од Законот за издавање и тргување на хартии од вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/97). Секоја отплатена акција е посебна акција (индивидуална) и велгува како автономен објект во правниот промет. Делумно отплатените акции се во сопственост на работниците, кои се должни редовно да ги отплатуваат. Со оглед на тоа што со оспорените одредби на членот 18 од Законот се пренесуваат на Агенцијата како обични, кои ги продава под условите утврдени со овој закон, што значи дека таа станува сопственик, според мислењето на Судот се поставува прашањето за нивната согласност со членот 30 од Уставот. Исто така, на суштински начин се повредува и уставното начело на еднаквост на граѓаните пред законот. Иако не е спорно одземањето на акциите заради неуредното плаќање, спорно е тоа што нема да им биде вратен, односно надоместен отплатениот дел од одземената акција. Поради тоа не е спорна одредбата од Законот дека неуредното плаќање може да се санкционира. Меѓутоа, сите акционери што акциите ги отплатуваат на рати мора да бидат под еднаков правен режим.

Во овој контекст се поставува прашањето за уставноста и на одредбата на ставот 2 од членот 19 од Законот.

Имено, според членот 19 од Законот, по членот 28 се додава нов член 28-а, според кој, ако претпријатието во рок од 30 дена од денот кога имателот на привремените акции го изгубил правото на отплата на запишаните акции, односно удели од членот 28 став 2 на овој закон, неотплатените акции односно удели не ги пренело на Агенцијата, овие акции односно удели ја губат својата правна сила и за имателот односно се поништуваат по сила на Законот. Оттука произлегува и обврска на претпријатието да издаде нови акции, наместо поништените, исто по сила на Законот, со што според мислењето на Судот Агенцијата како акционер самата на себе си издава акции, наместо акционерското друштво кое ги емитувало поништените акции. Со тоа се повредува правото на сопственост на акционерското друштво што ги емитувало поништените акции.

Аргументите врз основа на кои е засновано сомнението за уставноста на член 18 став 5 и член 19 став 2 во суштина се однесуваат и на сомнението за став 5 и на членот 45 од Законот.

Одредбите на член 48 од Законот создаваат одредени обврски во поглед на статусното организирање, а посредно и суштински, го определува редоследот на фазите на постапката за приватизација. Задолжителното организирање на претпријатијата кои до денот на велгувањето во сила на овој закон не ја отпочнале постапката за трансформација, дека се должни, во рок од 30 дена по влегувањето во сила на овој закон, да се организираат како акционерско друштво или друштво со ограничена одговорност, не е во согласност со член 718 од Законот за трговските друштва. И покрај тоа што во определниот рок не е можно такво организирање, тоа прашање излегува од рамките на надлежноста на Уставниот суд. Меѓутоа, ставот 2 од овој член на Законот подразбира целосно губење на правата врз запишаните акции во претпријатијата кои до денот на влегувањето во сила на овој закон ја отпочнале постапката за трансформација, односно ја доставиле документацијата до Агенцијата доколку во рок од 30 дена од влегувањето во сила на овој закон трансформацијата не е реализирана, на начин и под условите предвидени со овој закон, со што според мислењето на Судот оваа одредба има ретроактивно дејство врз овие претпријатија поради што основано се поставува прашањето за повреда на уставниот принцип за забрана на реторактивното дејство на законите утврдено во членот 52 од Уставот и со уставниот принцип на слободата на пазарот и претприемништвото утврден во член 55 од Уставот.

8. Според член 27 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесување на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Судот смета дека со примената на означените одредби од Законот, за кои изрази сомнение за нивната уставност, можат да настанат неотстранливи штетни последици во процесот на приватизација поради што ги запре од извршување сите поединечни акти идејствија преземени врз основа на овие одредби.

9. Во поглед на наводи во иницијативата за поведување постапка и на член 19 став 1, член 45 став 3 и 4, член 48 и на членот 51 од Законот Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот, затоа што утврди дека не се во спротивност со Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1, 2 и 3 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.119/99
14 јули 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков