118/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 4 декември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 51 став 4, член 149, во делот

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената законс­ка одредба од член 51 став 1 од Законот се повредувале член 8 став 1, алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот. Имено, со оваа одредба со која се предвидувало офицерите со генералски чинови да не се оценуваат, се нарушил принципот на еднаквост и рамноправ­ност на граѓаните бидејќи со истиот се вршела дискриминација по основ на функција, бидејќи останатите вработени во Армијата подле­желе на нивно оценување.

Со оспорените делови од член 149 и 150 став 1 од Законот, според иницијативата, се вршело деградирање и несоодвет­на заработувачка на чинот – професионален војник што, исто така, не било во согласност со член 8 став 1, член 9, член 32 став 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 51 став 4 од Законот офицерите со генералски чинови не се оценуваат.

Според член 149 од Законот платата според чинот се вреднува во бодови и тоа за професионален војник 397 бодови по чин.

Во член 150 став 1 од истиот закон платата според должноста се вреднува во бодовни групи определени според чинот, видот и обемот на работата, сложеноста и одговорноста за извршување на должноста, и тоа за професионален војник – бодовна група 20 и бодови за должност – 100.

4. Во член 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот на Репуб­лика Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени принципот на владеењето на правото и на хуманизмот, социјалната правда и солидрноста.

Во членот 9 став 1 од Уставот предвидено е дека граѓани­те на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Во членот 34 од Уставот утврдено е дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Членот 51 став 1 од Уставот предвидува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според ставот 2 на овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од содржината на наведените одредби од Уставот произлегува дека правата на вработените и нивната положба, како и правата од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување, се уредуваат со закон и со колективен договор.

Врз основа на овие уставни одредби е донесен Законот за работните односи, Законот за пензиското и инвалидското осигуру­ва­ње, Законот за одбрана, Законот за служба во Армијата на Република Македонија и ред други закони од овие сфери.

Со Законот за служба во Армијата на Република Македо­нија („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2010) се уредува статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата (член 1).

Под служба во Армијата се смета вршење на воени должности во Армијата (член 2 став 1).

Како служба во Армијата се смета вршење на должности во Министерството за одбрана, Воената академија, другите органи на државната власт, трговските друштва, јавните претпријатија, устано­вите и службите, воените претставништва на Република Македонија во странство, учество во вежбовни активности и обука и во хумани­тарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија, како и должности во мултинационални воени сили формирани согласно ратификувани меѓународни договори кои Репуб­лика Македонија ги склучила или им пристапила (член 2 став 2).

Согласно членот 3 став 1 од наведениот закон, служба во Армијата врши воен и цивилен персонал.

Во членот 3 точка 1 од Законот е дефинирано што според овој закон се смета за воен персонал, при што, покрај другото, воен персонал е воен старешина – офицер и подофицер.

Во точката 2 од наведениот член, цивилен персонал во смисла на овој закон, се смета цивилно лице поставено на должност согласно со актот за формација на Армијата.

Согласно членот 4 од Законот воениот и цивилниот персонал вршат служба во Армијата со засновање на работен однос со Министерството за одбрана, а согласно член 74 од Законот, воениот и цивилниот персонал се поставува на соодветна должност, односно формациско место според неговата воена евиденциска специјалност и според потребите на службата во Армијата.

Во Главата VII „Службено оценување“, односно во члено­вите од 48 до 58 од Законот е предвидено службеното оценување на воениот персонал поради утврдување на нивниот успех во службата одлучување за унапредување, поставување и други односи во службата.

Во оваа Глава е поместен и оспорениот член 51 кој го уредува прашањето за оценување на активниот воен персонал.

Така, според член 51 од Законот, активниот воен персонал се оценува на секои 12 месеци (став 1). По исклучок на ставот 1 на овој член од Законот, активниот воен персонал се оценува за период помалку од 12 месеци, но не помалку од шест месеци во случај ако: активниот воен персонал кој се оценува биде поставен на друга должност; дојде до промена на старешината кој е овластен да го врши оценувањето или во последното оценување бил оценет со оцена „не задоволува“ по најмалку еден критериум од членот 52 став 1 на овој закон (став 2). Во периодот за оценување не се засметува времето во кое лицето од ставот 1 на овој член било отсутно од работа подолго од шест месеци (боледувње, неплатено отсуство или друго отсуство во согласност со овој закон) (став 3). Офицерите со генералски чинови не се оценуваат (став 4). Не се оценуваат и офицерите и подофицерите последните две години пред пензиони­рањето (став 5).

Од анализата на одредбите од Законот за служба во Армијата како lex specialis произлегува дека законодавецот утврдува одредби за условите и начинот на оценувањето само на воениот персонал, а додека, пак, оценувањето на цивилниот персонал се врши според одредбите, односно прописите за оценување на држав­ните службеници.

Со Законот за служба во Армијата на Република Македо­нија, поради спецификата на воената служба конкретното правно прашање (службено оценување) со оспорената одредба е уредено на поинаков начин. Имено, токму поради спецификата на воената служба овој Закон содржи одредби со кои воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија има поинакви работни и професионални обврски во вршењето на службата.

Во таа насока, според Судот, е утврдено дека службеното оценување на воениот и цивилниот персонал во Армијата се врши поради утврдување на нивниот успех во службата, одлучување за унапредување, поставување и други односи во службата. Оттука, оценувањето на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија е еден од условите за нивното натамошно унапредување и поставување на соодветно формациско место.

Од целината на членот 51 од Законот јасно произлегува дека оценување се врши на целокупниот активен воен персонал, освен на офицерите со генералски чинови.

Ова од причина што надлежноста за поставување, унапредување и разрешување генерали, односно офицери со генералски чинови, која произлегува од членот 18 став 1 точка 11 од Законот за одбрана, ја има Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Армијата. Тргнувајќи токму од оваа законска одредба, законодавецот го направил овој исклучок за службено оценување кој со иницијативата се оспорува, бидејќи Врховниот командант е тој кој унапредува генерали.

Оттука, во ниту еден случај не се доведува во прашање остварувањето на уставното право на еднаквоста на граѓаните, бидејќи станува збор за лица со различен статус, па оттука и логично е различното третирање на истите. Имено, за да постои повреда на начелото на еднаквост и дискриминација на граѓаните неопходно е постоење на лица со еднаков статус, што во случајов не е така, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 51 став 4 од Законот со уставните норми на кои се повикува иницијативата.

Оспорените делови од членовите 149 и 150 став 1 од Законот, се поместени во Глава XII со наслов: „Систем на плати и надоместоци на плати“ и поднаслов: „Плати на активен воен персонал“.

Според член 146 од Законот, активниот воен персонал има право на плата и надоместоци на плата под услови и критериуми утврдени со овој закон (став 1). Платата и надоместоците на плата на активниот воен персонал се обезбедуваат во Буџетот на Република Македонија (став 2). Платата се искажува во бодови, а се пресметува со множење на бројот на бодови со вредноста на бодот (став 3). Платата се пресметува и исплатува најмалку еднаш месечно (став 4). Придонесите и персоналниот данок од доход за активниот воен персонал ги пресметува, задржува и уплатува Министерството за одбрана со исплата на платата, во согласност со закон (став 5). Министерството за одбрана води евиденција на платите, надоместо­ците на платите, другите надоместоци и исплатените придонеси и персоналниот данок од доход и за нив на активниот воен персонал му издава потврда дека се исплатени (став 6).

Законот за служба во Армијата на Република Македонија ги уредува статусот, правата, обврските, должностите и одговорнос­тите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата (член 1).

Од наведената одредба неспорно произлегува дека, меѓу другото, предмет на уредување на овој закон се и системот на плати и надоместоци на плата, кој закон, како што погоре наведовме има карактер на lex specialis.

Членот 3 од овој Закон уредува дека служба во Армијата врши воен и цивилен персонал. 1. Воен персонал, во смисла на овој закон, е а) активен воен персонал – воен старешина – офицер и подофицер и професионален војник.

Од анализата на цитираните законски одредби јасно произлегува дека едно од правата што му се обезбедува на активниот воен персонал е правото на плата и надоместоци на плата. Со Законот за служба во Армијата на Република Македонија како lex specialis законодавецот на специфичен, јасен и прецизен начин го уредил прашањето за платата и начинот на пресметување на истата на активниот воен персонал, меѓу кои, конкретно и на професи­оналниот војник, дел кој се оспорува со иницијативата во членот 149 и член 150 став 1 од Законот.

Во смисла на наведеното, според Судот произлегува дека регулира­њето на правото на плата и начинот на неговото уредување во Законот за служба во Армијата на Република Македонија, има своја оправданост поради специфичноста на самата професија и каракте­рот на работните ангажмани кои ги имаат професионалните војници, за разлика од останатите припадници на активниот воен персонал.

Имено, според член 148 став 2 од Законот платата се определува според чинот, должноста, работното искуство и армиски­от додаток.

Оттука и во членот 149 од Законот децидно е разработено вреднувањето на платата според чинот, во бодови, а пак во членот 150 став 1 од Законот се наведени критериумите според кои платата се вреднува според должноста што ја врши секој поединечно – припадник на активниот воен персонал. Според овој член од Законот платата според должноста се вреднува во бодовни групи определени според чинот, видот и обемот на работата, сложеноста и одговор­носта за извршување на должноста.

Тргнувајќи токму од наведените критериуми, законодаве­цот го извршил вреднувањето на платата и на професионалниот војник во рамките на неговите должности.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер – Дамјановска, Исмаил Дарлишта,Никола Ивановски,Јован Јосифовски, Сали Мурати, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.118/2013
4 декември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева