118/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 1 од Одлуката за отстапување на користење на паркинг простори од општина Охрид на ЈП „Билјанини Извори“ Охрид, бр. 07-1626/19 од 27.04.2012 година, донесена од Советот на општина Охрид („Службен гласник на општина Охрид“ бр. 4/2012).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука со која петнаесет јавни паркинг простори на подрачјето на општина Охрид, кои според подносителот, биле добра во општа употреба за кои по член 56 од Уставот била предвидена посебна заштита, Советот на општина Охрид ги отстапил на користење на своето ЈП „Билјанини Извори“, не била во согласност со член 3, член 4 точка 21 и член 11 став 2 од Законот за јавни патишта („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2008).

Бидејќи се работело за добро во општа употреба, подносителот предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на начинот на кој ова добро од општа употреба било отстапено на користење, односно во однос на согласноста со член 1, член 5, член 9 став 1, член 10 и член 26 од Законот за концесии („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/2008).

Од друга страна, со давањето под закуп на јавниот простор за паркирање од страна на ЈП „Билјанини Извори“ на правни и физички лица, општина Охрид која била сопственик на ЈП „Билјанини Извори“, остварила материјална корист и на тој начин било извршено финансирање на општина Охрид што не било во согласност со член 114 од Уставот, член 11 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) и со член 4 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2004).

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Охрид, на седницата одржана на 27 април 2012 година, врз основа на член 36, 67 и 68 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на РМ“ бр5/2002) и врз основа на член 18 од Статутот на општина Охрид ( „Службен гласник на општина Охрид бр. 8/2007), има донесено Одлука за отстапување на користење на паркинг простори од општина Охрид на ЈП „Билјанини Извори“ Охрид

Според член 1 од Одлуката, општина Охрид на ЈП „Билјанини Извори“ Охрид им отстапува на користење петнаесет таксативно наведени паркинг простори.

Според член 2 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „ Службен гласник на општина Охрид“.

Одлуката е заведена под број 07-1626/19 од 27.04.2012 година и објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр.4 од 02.05.2012 година.

4. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека во конкретниот случај, оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот.

Оспорената одлука е донесена од страна на Советот на општина Охрид, на седницата одржана на 27 април 2012 година. Со наведената одлука, Советот одлучил петнаесет точно определени паркинг простори во општина Охрид да ги отстапи на користење на Јавното претпријатие „Билјанини Извори“ Охрид.

Јавното претпријатие „Билјанини Извори“ е основано со одлука на Советот на општина Охрид, бр.07-344/16 од 28 февруари 2008 година. Неговата основна дејност е одржување и користење на спортски објекти и јавни паркинг простори.

Од содржината на оспорената одлука произлегува дека истата не содржи општи норми на однесување и со неа не се регулираат на општ начин права и обврски за неопределен број на субјекти во правото, туку станува збор за поединечен, конкретен акт, со кој Советот на општина Охрид одлучува за отстапување на користење на конкретен имот– паркинг простори во сопственост на општината, на јавно претпријатие основано од општината за одржување и користење на јавни паркинг простори.

Според тоа, Судот оцени дека оспорената одлука не го задоволува критериумот за пропис подобен за уставно-судска оцена, поради што не се исполнети условите Судот да се впушта во анализа на основаноста на наводите во иницијативата и дека согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата треба да се отфрли.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.118/2012
20 ноември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски