117/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 26 став 1 алинеја 4 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006, 36/2007 и 106/2008).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 28 став 1 алинеја 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените законски одредби се однесувале генерално за членовите на Регулаторната комисија за енергетика во случаи кога биле осудени за сторени кривични дела и за кои им биле изречени санкции без оглед на видот и карактерот на кривичното дело. Имено, со оспорените одредби се ограничувало по сила на закон правото на едно лице да биде именувано за член на Регулаторната комисија за енергетика, односно да не продолжи да ја врши својата дејност и во случаи кога кривичното дело за кое тие лица се осудени не било во никаква врска со вршењето на оваа дејност.

Формулацијата на оспорените одредби, според подносителот на иницијтивата, била нејасна и непрецизна и како последица на тоа не можело да се обезбеди правната сигурност на граѓаните, како еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

Од наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените одредби се повредувале членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51 и член 54 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во член 26 став 1 алинеја 4 од Законот за енергетика е предвидено дека за член на Регулаторната комисија за енергетика може да биде именувано лице, државјанин на Република Македонија, кое ги исполнува следниве услови: „да не е осудуван за кривично дело за кое е предвидена казна затвор во времетраење од најмалку шест месеци.

Во член 28 став 1 алинеја 3 од истиот закон е предвидено дека на членот на Регулаторната комисија за енергетика му престанува вршењето на функцијата пред истекот на мандатот, ако: „е осуден за извршено кривично дело со правосилна судска пресуда со која е изречена казна затвор од најмалку шест месеци.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според членот 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 3 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според член 1 од Законот за енергетика со овој закон се уредуваат: целите на енергетската политика и начинот на нејзина реализација, енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности, изградбата на енергетските објекти, функционирањето на Регулаторната комисија за енергетика, пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта и нафтени деривати и пазарот на топлинска, односно геотермална енергија, условите за остварување на енергетска ефикасност и промоцијата на користењето на обновливите извори на енергија и други прашања од значење за енергетиката.

Според член 8 став 1 точка 13 од истиот закон Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија е независно регулаторно тело формирано да го регулира енергетскиот сектор.

Во Главата III од Законот со наслов „Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија“ е содржан членот 18 според кој работите кои се однесуваат на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности определени со овој закон ги врши Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија (во натамошниот текст: Регулаторна комисија за енергетика).

Регулаторната комисија за енергетика е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со овој закон.

Регулаторната комисија за енергетика има својство на правно лице.

Според член 19 од Законот Регулаторната комисија за енергетика ги има следните надлежности:

– „го следи функционирањето на пазарот на енергија и предлага мерки за унапредување со цел да обезбеди недискриминација, ефективна конкуренција и ефикасно функционирање на пазарот,
– ги следи механизмите кои се применуваат за справување со загушувањето на капацитетите на електроенергетскиот систем и системот на природен гас во Република Македонија,
– се грижи за унапредување на заштитата на правата на корисниците на енергија,
– донесува прописи за формирање на цени на одделни видови на енергија и услуги во врска со вршењето на регулираните енергетски дејности,
– пропишува тарифни системи за одделни видови енергија,
– донесува одлуки за цени на одделни видови енергија, во согласност со прописите за формирање на цени на одделни видови на енергија и услуги во врска со вршењето на регулираните нергетски дејности,
– издава, менува, одзема и го следи извршувањето на лиценците за вршење одделни дејности од областа на енергетиката,
– учествува во разрешување или разрешува спорови кои настанале меѓу учесниците на пазарот на енергија, вклучително и прекуграничните спорови,
– соработува со надлежните државни органи, органите на единиците на локалната самоуправа, трговските друштва вршители на енергетски дејности, корисниците на енергија и други организации и институции,
– доставува предлог до надлежните органи за преземање на мерки во согласност со нивната надлежност и во постапка пропишана со закон кон субјектите кои дејноста ја вршат спротивно на овој закон,
– покренува иницијативи и предлага донесување на нови и изменување на постојните закони од областа на енергетиката и други прописи,
– учествува во соодветни регионални и меѓународни организации и соработува со други регулаторни тела со цел да придонесе кон развојот на регионалните пазари на енергија,
– донесува статут, деловник и други интерни акти за својата работа и
– врши други работи во согласност со овој и друг закон“.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби како и содржината на оспорениот член 26 став 5 алинеја 4 од Законот за енергетика, Судот утврди дека во конкретниов случај станува збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело кое настапувало по сила на закон.

При оценување на уставноста на оспорениот дел од законската одредба основен критериум е постоењето на двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Со други зборови, тоа значи дека согласно наведените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата на тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Притоа, ако се има во вид фактот дека со оспорениот дел од законската одредба се врши ограничување на правото за именуван член на Регулаторна комисија за енергетика да биде именувано лице кое било осудувано за кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку шест месеци, според Судот, ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, односно казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон.

Со оглед на тоа што во случајов произлегува дека со оспорениот дел од законската одредба, по сила на законот, а не како казна (забрана) што ја изрекува судот во рамките на видовите на кривичните санкции, лицето не може да врши одредена работа односно да биде именуван за член на Регулаторна комисија за енергетика Судот основано го постави прашањето за согласноста на член 26 од Законот за енергетика, со напред наведените одредби од Уставот.

Имено, во конкретниов случај, освен што се врши ограничување на правата на граѓаните, без да се има уставна основа за тоа, според Судот во оспорениот дел на законската одредба не се конкретно наведени кривичните дела, ниту изречената казна за нив. што лицето го прават недостојно за вработување во Министерството. Овој недостаток во оспорената законска одредба, според Судот, дозволува целосна дискреција при одлучувањето за овие прашања, при што поединецот не е заштитен од самоволно посредување да ја врши работата дури и во случаи кога кривичното дело не е во некаква врска.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека овој дел од формулацијата на оспорената законска одредба не е доволно прецизен и јасен и не обезбедува правна сигурност на граѓаните, поради што го постави прашањето за неговата согласност со членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот.

6. По однос на оспорената законска одредба на член 28 став 1 алинеја 3 од Законот за енергетика, по направената уставно-судска анализа според Судот, од истата произлегува дека со неа не се дозволува членот на Регулаторната комисија за енергетика да ја врши својата функција доколку е осуден со правосилна судска пресуда со која е изречена казна затвор во траење од најмалку шест месеци, што како последица предизвикува престанок на мандатот на членот на Регулаторната комисија.

Во оспорената законска одредба на членот 28 од Законот конкретно се наведени условите, односно основите за престанок на вршењето на функцијата член на Регулаторна комисија за енергетика пред истекот на мандатот. Оттука, интенцијата на законодавецот е со оспорената законска одредба да се уредат основите и постапката за престанок на функцијата член на Регулаторната комисија за енергетика.

Според Судот, во оспорената одредба на член 28 став 1 алинеја 3 од Законот, не станува збор за повреда ниту на принципот на презумпција на невиноста на лицето утврден во членот 13 став 1 од Уставот, ниту на начелото на законитост во казненото право изразено преку забраната за казнување утврдена во член 14 став 1 од Уставот. Ова од причина што оспорениот член се однесува на лице кое веќе ја врши функцијата член на Регулаторната комисија и според кој мандатот му престанува поради негово осудување во периодот додека ја врши таа функција, а не како правна последица од правосилна судска пресуда.

Во конкретниот случај според Судот не се работи за правни последици од осудата кои настапуваат по сила на законот, од која претпоставка се раководел подносителот на иницијативата оспорувајќи ја законската одредба, туку дека функцијата не може да ја врши не како правна последица од осуда по сила на законот, туку како последица од казната што со правосилна судска одлука ја изрекол судот. Од овие причини не може да се прифати наводот во иницијативата дека оспорената законска одредба на член 28 став 1 алинеја 3 од Законот за енергетика не е во согласност со утврдените принципи на членовите 13 и 14 од Уставот, бидејќи во конкретниот случај не се работи за правна последица од осудата кои настапуваат по сила на законот, од која претпоставка се раководел подносителот на иницијативата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.117/2009
23 декември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски