117/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонја и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 и 17 мај 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членовите 25 и 26 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/93).
2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за изрекување времена мерка со која Судот, до донесувањето на конечна одлука ќе ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот закон.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Странката на Југословените во Македонија, Славчо Миланов од Скопје и “Подомонт” – занатско-трговска работна организација во Скопје, му поднесоа иницијативи за оценување уставноста на членовите 25 и 26 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не предвидувле правото на повластено купување на акциите да може да се остварува во секое претпријатие во кое лицето работело односно работи; што не предвидувале под повластени услови да можат да се купат најмногу до 50% од вредноста на акциите, а не до 30% како што било сегашното законско решение; што го ограничувале правото на сопственоста и што постоела меѓусебна неусогласеност на поодделни одредби од Законот, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.
Воедно, со иницијативата на “Подомонт” од Скопје се бара Судот, до донесување на конечна одлука, да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот закон.
4. Судот на седницата утврди дека со решение У.бр.170/93 од 6 април 1994 година не повел постапка за оценување уставноста на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што оспорениот закон бил прецдмет на оценка пред Судот во целост, па во тој контекст и оспорените одредби од членовите 25 и 26 за кои оценил дека се согласни со Уставот, а со оглед на тоа дека нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Што се однесува до прашањето за ограничувањето на правото на сопственоста, од содржината на оспорената одредба се гледа дека ова, еден вид ограничување, се однесува само за период од две години и тоа само за акциите купени под повластени услови, поради што оцени дека со ваквото решение законодавецот не ги ограничил правата на титуларот на сопственост.
Во врска со прашањето за висината на процентот на акциите односно уделите што можат да бидат купени под повластени услови како и прашањето дали правото од повластеното купување може да се остварува еднократно и само во едно претпријатие или во секое претпријатие во кое лицето работело, исто така, Судот оцени дека е право на законодавната политика да одлучува за висината на овој процент како и за бројот на можностите на остварувањето на тоа право.
За меѓусебната согласност, пак, на членовите 25 и 43 од Законот, согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува.
Во однос на барањето Судот, до донесување на конечна одлука, да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно презем ени врз основа на оспорениот закон, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот за изрекување на ваква мерка.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.117/95, У.бр.168/95 и У.бр.172/95).