У.бр.116/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 10 точка 8 од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/2011 и 26/2012).

2. Соња Петковска Николовска, адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата со оспорениот член 10 точка 8 од Законот, не се гарантирало правото на здравство во целина, што не било во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. Ова од причина што оспорените одредби од Законот не била јасна и прецизна и при имплементацијата создавала проблеми, бидејќи не можело да се разбере што би се случило кога доброволното здравствено осигурување не се спроведува преку друштвата за осигурување.

Подносителот на иницијативата смета дека оспорената законска одредба исто така не била во согласност со член 34, член 35 и член 39 од Уставот од причина што Фондот за здравствено осигурување немал склучено договор со одредени здравствени установи за давање на одредени услуги, а тоа влијаело и го доведувало во прашање остварувањето на основниот пакет на здравствени услуги, односно на оние услуги за кои осигуреникот сам ги сносел трошоците. На тој начин се вршело противуставно условување и ограничување на правото на здравствена заштита, со тоа што основните здравствени услуги Фондот ги обезбедувал на осигурените лица само во здравствените установи утврдени со мрежата на здравствени установи, наместо тоа условување да зависело само и исклучиво од тоа дали здравствената установа дала здравствена услуга, за која осигуреникот издвојува средства со кои менаџира Фондот. На тој начин, со оспорената одредба се доведувало во прашање уставно и законски гарантираното право на граѓаните на Република Македонија на здравствена заштита, како и правото слободно, по сопствен избор да се определат во каков вид на здравствена установа ќе го остварат правото на здравствено осигурување.

Според иницијативата, со оспорениот закон бил пропишан системот на здравственото осигурување како дел од социјалното осигурување кој требало да обезбеди функционирање на примањата и давањата на здравствените услуги во рамки на здравствената заштита на осигурениците. Со тоа, таквото законско овластување за Фондот, претставувало излегување надвор од рамките на член 36 од Законот со кој било определено учеството на осигураното лице со лични средства во цената на здравствените услуги и на лековите, кое пак учество било приход на Фондот.

Во иницијативата понатаму е наведено дека системот на вредности во областа на здравственото осигурување не требало да се поврзува со околноста дали Фондот склучил или не договор со некоја здравствена установа и на тој начин се условувало и ограничувало остварувањето на правата на осигурениците и истите се ограничувале во правото на избор на здравствена установа која ќе ги вршела специјалистичко-консултативни и болничко здравствени услуги, кои според Законот спаѓале во задолжително здравствено осоигурување, со што се повредувалозагарантираното право на здравствена заштита нормирано во членот 39 од Уставот. Подносителот на иницијативата упатува на Одлуките на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.109/2009 и У.бр.185/2009 од 27 јануари 2010 година.

4. Судот на седница утврди дека со членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2011) во членот 10 точката 8 на крајот од реченицата точката и запирката се бришат и се додаваат зборовите: „и здравствени услуги и права кои произле-гуваат од извршени здравствени услуги во здравствени установи каде што фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги, освен правата кои произлегуваат од областа на работните односи“.(оспорен дел)

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со член 1 од Законот за здравственото осигурување, се уредуваат здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведување на здравственото осигурување.

Со предметната иницијатива се оспорува членот 10 точка 8 од Законот за здравственото осигурување.

Наведената одредба била предмет на уставно-судска анализа во постапката по предметот У.бр.163/2011 од аспект на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 34, член 35 став 1, член 39 и член 51 од Уставот. Инаку, во овој предмет Судот донел Решение од 18 септември 2012.

Во постапката по предметот при донесувањето на решението Судот ги завземал следните гледишта:
“Оспорениот член 10 од Законот е поместен во Глава II со наслов: „Право на здравствени услуги“, точка 2, со наслов: „Здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување“.

Според член 10 точка 8 од Законот, со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени здравствените услуги, извршени во здравствени установи кои се надвор од мрежата на здравствените установи, во која се врши здравствената дејност специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги без упат од избраниот лекар и здравствени услуги и права кои произлегуваат од извршени здравствени услуги во здравствени установи каде што Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги.

Од анализата на оспорениот член од Законот, а во контекст на наводите во иницијативата, сметаме дека со истиот децидно се утврдуват здравствените услуги кои се на товар на осигурените лица. Имено, сите здравстве-ни услуги извршени во здравствена установа кои се надвор од мрежата на здравствени установи, односно со кои Фондот, како купувач на услугите, не склучил договор за користење на услугите со здравствената установа, паѓаат на товар на личните средства на осигурените лица. Во случајов, сметаме дека станува збор за чист облигационо-правен однос (договорен однос) од кој произлегуваат одредени права и обврски за двете страни – Фондот за здравствено осигурување (како купувач) и одредена здравствена установа како продавач на здравствени услуги (станува збор за услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување).

Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека одредени приватни здравствени установи биле доведени во нееднаква положба по однос на другите со кои Фондот склучил договор, од причина што во конкретниов случај се работи за присуство на субјективен елемент, волја, за склучување на ваков договор, што значи, постои опција некои приватни здравствени установи да не сакаат да постигнат таков договор со Фондот.

Според наше мислење, со оглед на карактерот и видот на здравствената услуга, која јасно и децидно е дефинирана во оспорената одредба, неспорно произлегува дека за овој вид на здравствена услуга, која не е опфатен со задолжителното здравствено осигурување и нема карактер на основ на здравствена услуга и истата не е пружена од здравствена установа од утврдената мрежа на здравствена установа каде што Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги, товарот на плаќање паѓа на самиот осигуреник. Ова особено ако се има во вид дека Фондот за здравствено осигурување, според неговата поставеност во Законот, е орган кој врши дејност од јавен интерес, но исто така, има својство и на купувач на здравствени услуги во интерес на осигурените лица, но во конкретнава ситуација тој нема обврска, туку можност за доброволен договорен однос на Фондот, од една страна, како купувач на услугите и здравствената установа, како продавач на услугите. Доколку се користи здравствената услуга во здравствена установа која е надвор од мрежата за која Фондот склучил договор, тогаш обврска за плаќање на услугите паѓа на товар на осигуреникот, што според нас, не е во спротивност со уставното начело на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста предвидени во член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, од причини што со тоа на осигуреникот не му се ограничуваат основните здравствени услуги кои го сочинуваат задолжителното здравствено осигурување, ниту пак се нарушува социјалниот карактер на државата.”

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, содржината на оспорената одредба, одредбите на кои се повикуваат подносителите на иницијативата, како и фактот што Уставниот суд веќе одлучувал за оценување на уставноста на оспорениот член 10 точка 8 од Законот за здравственото осигурување и со Решение У.бр.163/2012 од од 18 септември 2012 година не повел постапка, односно не изразил сомнение по однос на неговата согласност со Уставот, сметаме дека во конкретниот случај по предметна иницијатива нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на наведеното сметаме дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради res judicata.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.116/2012
10 октомври 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски