У.бр.116/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 54 став 1 алинеја 4 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007, 102/2008, 16/2008, 50/2010 и 88/2010).

2. Движењето за социјална правда “Ленка“ од Скопје, преставувано од Здравко Савевски од Скопје и Асоцијацијата „Магна карта“ од Велес, претставувана од Димитар Апасиев на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 54 став 1 алинеја 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8 , член 9, член 20 ставовите 1 и 2, член 32 ставовите 1 и 2, член 34, член 35 став 1, член 51 и член 54 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот на Република Македонија.

Во образложението на иницијативата подносителите му предочуваат на Судот дека од почеток на 2010 година од страна на Центрите за вработување при Агенцијата за вработување на Република Македонија од разни општини се вршело правно недозволива арбитрерно и прекестензивно толкување на оспорениот член 54 став 1 алинеја 4 од Законот, кој што како правна норма во правниот систем постои повеќе од тринаесет години. Како резултат на тоа многу граѓани кои истовремено се и невработени, а кои се претседатели, членови на управни и надзорни тела или, пак, се основачи на некое граѓанско здружение им се прекинува статусот на „невработено лице“ во Агенцијата, сосема неоправдано, противправно и неуставно.

Оспорената одредба повеќе од една деценија во праксата била толкувана така што под поимот „друго правно лице“ се подразбирале само правните лица од сферата на приватното право кои што се занимавале со вршење на трговска дејност, односно остварување профит т.е. добивка од која егзистирале лично тие и членовите на нивните семејства.

Со други зборови интенцијата на законодавецот била одредбата да се однесува на останати трговски субјекти, односно трговски друштва во било која законска форма согласно Законот за трговските друштва, но во никој случај тоа не значело дека експликативната фраза „други правни лица“ може да се однесува на „асоцијациите“ односно здруженија на граѓани т.е. на невладините организации чија што работа била строго законски дефинирана како непрофитабилна.

Понатаму, подносителите цитирајќи повеќе одредби од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010) како што се член 4, член 6, член 15 и член 49, а кои се однесуваат на правото на слободно здружување, стекнување на правниот субјективитет на здруженијата кој може да биде основач на здружение како и прашањата на стекнување и располагање со финансиските средства на здруженијата, констатираат дека во рамките на здруженијата може да постојат членови кои се вработени кои согласно Законот за работни односи ги остваруваат своите права од работен однос, односно примаат плата и членови кои не се вработени и кои мора да може како досега така и во иднина да ги остваруваат своите права согласно Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност затоа што овие две „општествени улоги“ воопшто не се инкомпатибилни. Според Уставот на Република Македонија не било неспоиво едно невработено лице во своето слободно време да биде основач или, пак, член на било која граѓанска организација, здружение, асоцијација, бидејќи здруженијата биле облик на граѓанско организирање за разни цели и потреби на граѓаните (општествени, културни, едукативни, спортски, еколошки и друго) поради што недозволиво било на еден невработен граѓанин кој во исто време сака да биде активист за човекови права да му престане статусот на невработено лице каде што било евидентирано само затоа што учествувал во основањето на невладина организација , дотолку повеќе што Уставот ова право го признава и гарантира.

Понатаму, подносителите имајќи ги предвид измените на членот 2 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010) каде е дефиниран поимот на „невработено лице“ и во кој нема споменато дополнителен негативен критериум за стекнување на статус „невработено лице“ наспрема оспорениот член 54 став 1 алинеја 4 од Законот, сметаат дека постои контрадикторност во самиот Закон со што се повредува начелото на правна сигурност на граѓаните.

Исто така, подносителите сметаат дека имајќи ја предвид слободата на здружување која се остварува во два основни и конституционално постулирани облика, здруженија и политички партии, во иднина малициозната интерпретација на оспорениот член може да се прошири и на членовите на политичките партии, верски заедници, религиозни групи, па и тие да се бришат од евиденцијата на невработените лица.

Воедно, подносителите сметаат дека со оспорената одредба се ограничувла слободата на здружување која е гарантирана и со Европската Конвенција за човекови права.

3. Судот на седницата утврди дека според оспоренот член 54 став 1 алинеја 4 од Законот, како невработено лице не се смета лице „сопственик или основач на трговско друштво, претпријатие и друго правно лице“.

. Судот, исто така утврди дека, покрај другите, оспорениот член бил предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, при што Судот со Решение У.бр.173/1999 од 28 јуни 2000 година не повел постапка за оценување на неговата уставност.

Во образложението на Решението се наведува дека тргнувајќи од одредбата од член 9 став 2, член 32 став 1 и 35 став 1 од Уставот, како и членовите 1 и 2 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, наспроти содржината на оспорените одредби, Судот сметал дека несогласно е со Уставот да се врши изедначување меѓу невработено лице (кое нема никаков приход и прима паричен надоместок – социјално како еден вид осигурување во случај на невработеност) и лице кое претходно имало таков статус но не успеало истиот да си го промени со основање или стекнување на сопственик на трговско друштво, претпријатие и друго правно лице.

Според Судот, законодавецот, раководен токму од начелото на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, во оспорениот закон предвидел дека сопственикот или основачот на трговско друштво, претпријатие и друго правно лице не се смета како невработено лице, за него во тој случај престанува да се води евиденција како невработено лице и му престанува правото на паричен надомест како на невработено лице.

Имено, имајќи ја предвид и одредбата од член 2 од овој закон која дава дефиниција на работодавец во смисла што како таков го предвидува правното и физичкото лице кое вработува работници, Судот смета дека ваквото лице (работодавец) кое основа или е сопственик на трговско друштво, претпријатие или друго правно лице и во нив вработува работници, не треба да се смета како невработено лице, само затоа што таков статус имало пред да стане основач, односно сопственик на овие асоцијации и дека со задржувањето на статусот на невработеното лице истото би се ставило во привилегирана положба во однос на невработените лица кои не се ниту основачи ниту сопственици на некоја од наведените асоцијации.

Ова дотолку повеќе, што е познато дека сопствениците, односно основачите на трговското друштво, претпријатие и друго правно лице за да станат сопственици, односно основачи на една од овие асоцијации треба да вложат капитал во истата, а со самиот факт дека поседуваат капитал Судот смета дека овие лица би требало да го изгубат статусот на лице на кое треба да му се пружа социјална заштита и обезбедува социјална сигурност, согласно со начелото на социјална праведност (член 35 став 1 од Уставот).

Имено, според Судот, во овие ситуации, со гасењето на статусот на невработено лице, а со тоа и губењето на привилегиите што ваквиот статус ги носи, законодавецот се придржувал на начелото на социјална праведност и затоа определил во оспорените членови од Законот овие лица да не се сметаат како невработени, да престане да се води евиденција за нив како такви и да им престане правото на паричен надомест по тој основ.

Дали, пак, ваквото трговско друштво или претпријатие ќе работи профитабилно, е прашање од фактичка природа за што не е должен да води грижа ниту законодавецот, а истото излегува и од доменот на надлежноста на Судот.

На крај, според мислењето на Судот, ако се почитува начелото на еднаквоста на сите граѓани пред Уставот и законите и начелото на еднаквоста на граѓаните без разлика на полот, расата, вероисповеста и слично, тогаш граѓаните кои со сопствен капитал овозможиле да се формира претпријатие односно друштво, а со тоа едновремено овозможиле да се вработуваат и други лица во него, не би можеле да имаат статус на невработено лице кое ќе прима паричен надомест, односно социјала по тој основ. Поточно, Судот смета дека не е согласно со уставното начело на еднаквоста, определена категорија на граѓани која е во состојба да основа претпријатие и кои по сопствена желба ќе одлучуваат дали себе си ќе се вработат во истото или ќе го задржат само статусот на основачи, односно сопственици на истото, (врз основа на што ќе добиваат надомест во вид на дивиденда) да се изедначуваат со граѓаните кои се во безизлезна економска состојба и добиваат социјална помош согласно со начелото на социјална праведност.

Со други зборови, за Судот е правно неосновано едно лице кое е во состојба да формира претпријатие или друштво, (независно од тоа што не е работодавец) со што овозможува други лица да се вработуваат, а самото не сака, односно не се вработува (значи зависи од неговата желба) да се смета како невработено само затоа што таков статус имало пред да стане основач, односно сопственик и дека тој статус не треба и не може во иднина да се менува, бидејќи претставува веќе стекнато право.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи во предвид дека Уставниот суд веќе се произнел за уставноста на оспорената одредба и не наоѓа основи за поинакво одлучување произлегува дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот. Ова од причина што во конкретнава ситуација содржаните наводи во иницијативата по својот карактер не претставуваат основ за поинакво одлучување.

5. Во однос на наводите од иницијативата дека оспорената одредба во примената одела до тој степен што од евиденцијата на Агенцијата за вработување биле бришани и основачите на здруженија на граѓани на кој начин се доведувало во прашање начелото на слобода на здружување е прашање кое излегува надвор од доменот на надлежноста на Уставниот суд.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.116/2010
23 февруари 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски