116/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.90/92), на седницата одржана на 13 октомври 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА и иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за отуѓување на деловни згради во државна сопственост, донесена од Владата на Република Македонија на 6 јуни 1994 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/94).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Тодор Стефановски и Љубомир Стефановски му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со неа биле отуѓени од државна сопственост објекти и дворни места на катастарските парцели бр.2664, 2434 и 2436 во Тетово на Заводот за урбанизам, проектираање и инжењеринг во Тетово без претходно да бидат расчистени прашањата околу денационализација на земјиштето со поранешните сопственици на тие парцели, што не било во согласност со закон.

Подносителите на иницијативата бараат Судот да донесе решение за запирање на извршување на сите акти и дејствија со кои може да настанат неотстранливи штетни последици.

3. На седницата Судот утврди дека со член 1 од Одлуката се врши отуѓување на објектите – сопственост на Република Македонија на Заводот за урбанизам, проектирање и инжењеринг во Тетово заради реализација на урбанистичкиот план односно заради изградба на трговски центар и тоа објект во површина од 61 м2 изграден на КП.бр.2664, објект и дворно место со површина од 25 м2 и дворно место од 32 м2, монтажна барака во површина од 60 м2 на КП.бр.2434/4 и објект во површина од 223 м2 со дворно место од 15 м2 на КП.бр.2436. Според став 2 од Одлуката објектите се отуѓуваат по пат на замена за деловен простор со иста површина како деловните објекти што се предмет на отуѓување што инвеститорот – Завод за проектирање и инжењеринг во Тетово е должен да го обезбеди на Републиката, за што ќе биде склучен посебен договор.

4. Разгледувајќи ги сите наводи во иницијативата, особено околу карактерот на оспорената одлука, Судот оцени дека таа нема карактер на пропис или општ акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, затоа што со неа се определуваат точно определени катастарски парцели – недвижности кои се отуѓуваат по пат за замена за што ќе биде склучен договор. Според тоа, оспорената одлука претставува поединечен акт кој има правно дејство само за наведените субјекти, а не и за останатите учесници во правниот промет, односно не делува спрема неопределен број субјекти во неопределен број случаи и нејзината содржина еднократно се исцрпува со склучувањето на договорот.

Исто така во врска со барањето Судот да донесе решение со кое ќе ги запре поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука, Судот оцени дека не се исполнети и условите утврдени во член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.