У.бр.115/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за ослободување од партиципација на вработените на Правниот факултет – Кичево, (дисперзирани студии во Битола и дисперзирани студии во Струга) бр. 02-181/2 од 31.08.2009 година.

2. Д-р Орданчо Пецов од Неготино, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука била неуставна, незаконска, произволна и крајно дискриминаторска, и истата не била заснована врз никаков пропис. Оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11, член 9, 24, 25 и 44 ставови 1 и 2 од Уставот и од тие причини се бара истата да биде поништена.

3. Судот на седница утврди дека Одлуката е донесена од страна на Деканатската управа на Правен факултет – Кичево на седницата одржана на ден 31 август 2009 година и има 2 члена.

Според член 1 на оваа одлука, се ослободуваат од партиципација сите вработени на Правниот факултет – Кичево, (дисперзирани студии во Битола и дисперзирани студии во Струга) и членовите на нивните потесни семејства во текот на целокупното нивно студирање на додипломските студии на Правниот факултет – Кичево, (дисперзирани студии во Битола и дисперзирани студии во Струга).

Со член 2 од Одлуката се определува дека Одлуката влегува во сила на денот на нејзиното усвојување од страна на надлежниот орган на факултетот.

4.Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот утврди дека во конкретниов случај оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на наведената уставна одредба, поради што истата не може да биде предмет на уставносудска оцена.

Видно од содржината на оспорената одлука, со истата се утврдува дека се ослободуваат од партиципација сите вработени на Правниот факултет – Кичево, (дисперзирани студии во Битола и дисперзирани студии во Струга) и членовите на нивните потесни семејства во текот на целокупното нивно студирање на додипломските студии на Правниот факултет – Кичево, односно се однесуваат само на лицата децидно наведени во Одлуката, а не за неограничен број на субјекти.

Исто така, со допис заведен под број 03-487/2 од 15 ноември 2013 година доставен од Универзитетот „Св.Климент Охридски„ – Битола, Правен факултет – Кичево, во кој е наведено дека со Одлука за укинување на Одлуката за ослободување од партиципација на вработените на Правниот факултет-Кичево, (дисперзирани студии во Битола и дисперзирани студии во Струга) бр. 02-181/2 од 31 август 2009 година, под број 02-247/2 од 29 август 2012 година, оспорената Одлука била укината, односно не била повеќе во правниот поредок.

Поради наведеното, Судот оцени дека оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот и не може да биде предмет на уставносудска оцена, односно повеќе не е во правниот поредок на Републиката, и во конкретниот случај се исполнети процесните услови од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.115/2013
11.06.2014 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева